Патишта и патчиња до југословенството
Кое е местото на македонската култура во југословенската култура?
Ова прашање го содржи во себе односот на словенечката, односно српската, осносно хрватската култура кон југословенската култура, како и односот на југословенската култура кон поединечните национални култури на нашите народи.
Но, зарем не се случува често како југословенски вредности да се подментуваат многу книжевни недоносчиња и зад етикетите на југословенската култура да ѕирка перчето на неизживеаното минато?
До југословенството не се стигнува секогаш по широки автопатишта [нечитливо]. Постојат многу други, би рекол невидливи патишта. Успеавме ли да осознаеме кои се?
Она што југословенската литература ја прави југословенска, што ја обединува, најмалку може да биде јазикот. Тоа е нејзината општочовечка смисла, тоа се идеите со кои таа е надоена, како и творечката постапка во креирањето на светот на уметноста.
Затоа, сосем е индиферентно на кој југословенски меридијан се создаваат определени вредости. Да не го забораваме градoт Џеферсон, кој не постои, а во кој се одиграле најтрогателните драми на човекот на нашата денешнина. Посакувам да има што повеќе наши Џеферсони во југословенската литература.
Мислите ли дека литературата може што било да стори во светот?
Не сметам дека поезијата е само игра со убавината поради убавината и играта. Тоа е игра со убавината во име на човечката убавина, бидејќи таа и не постои надвор од човекот.


Превод од српскохрватски на машинопис сo автографски дополнувања од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К3 АЕ89. Одговори на Ацо Шопов на две прашања од медиум. Медиумот и датумот на објавување не се познати. Насловот кој фигурира на архивскиот лист е: „Македонска култура у југословенској култури“.
Превод: Јасмина Шопова
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.