За односот општество–литература

Друштвото на писателите носи белег на типично сталешка организација а во литературните дебати сопствените дилеми се прикажуваат како недоразбирање мегу општеството и литературата. Oдговори на Ацо Шопов на прашања за интервју.

Вашето прашање содржи еден значаен проблем: нашето општество и нашата литература. Каков е одразот на суштинските општествени процеси во литературата? Дали е најден најадекватен уметнички израз на тие процеси? На овие и сите слични прашања не може да се даде некој аподиктички одговор. Нив ги исфрли на виделина самиот општествен развиток и тие станаа тема на денот. Артизмот на уметничкиот збор кој го решаваше прашањето „како“, поради силата на својата внатрешна логика се судри со прашањето „што“. Разрешувањето стана неизбежно.

Досегашните стандардни облици на меѓурепубличката соработка чмајат во сенката на вистинските општествени потреби. Веќе не станува збор за соработка од досегашен вид. Треба да се откријат облици на многу потесно поврзување, припивање, обединување во рамките на она што е суштина на интеграцијата, а тоа го претпоставува вклучувањето на слободниот творечки развиток во една повисока форма на културното движење.

Друштвото на писателите, а тоа се однесува и на Сојузот, носи белег на типично сталешка организација. А тоа значи дека и неговото внимание главно е свртено кон сталешките интереси, додека неговата културно-општествена функција е запоставена. Сè додека организацијата на писателите не си го најде своето вистинско место во нашиот опстествен живот, не може да се очекува некое позначајно подобрување во презентирањето на вистинските вредности.

„Незадоволството“ и „револтот“, декларирани во последно време во нашиот литературен и дневен печат произлегуваат исклучиво од лични мотиви. Но тие удираат во самата основа на нашиот општествен систем. Општественото управување во областа на културата се става под прашање. Се мисли дека само писателите можат и смеат да судат и решаваат за литературата и литературните проблеми. На тој начин вистинските проблеми што бездруго постојат, остануваат настрана, а сопствените дилеми се прикажуваат како недоразбирање мегу општеството и литературата.

Коренот на овој „револт“ лежи во ламтежот за административно и бирократско решавање на литературните и културните проблеми.

Слабиот пласман на нашата книга е резултат и на еден расчекор мегу потребите и реалните можности книгата да дојде до својот читател. Бездруго, читателот е една од компонентите без кои не може да се оствари виталитетот и вредноста на едно уметничко дело. Не постои вистинско уметничко дело, колку и да е сложено, што не воспоставува одреден комуникативен однос со читателот. Степенот и карактерот на тој однос можат да бидат најразлични но тој секако ќе биде воспоставен. Но, од друга страна, компонентата читател не смее да се апсолутизира.

Кога се зборува за пласманот на книгата не се за потценување ни причините од субјективен карактер. Но не би можело да се рече, ако се имаат предвид само македонските книгоиздателства, дека стихијата го решава овој проблем, иако елементи на стихијност постојат.

Од таканаречената споредна дејност, издавачките претпријатија акумулираат прилично големи средства. Значаен процент оди во општествените фондови. Само книгоиздателството „Кочо Рацин“ за 1962 г. треба да оддели како општ данок и данок од прометот на мало 34,803.208 динари. Каде одат овие средства? Само еден дел да се дава за книгата и за унапредување на културните дејности, би можело да се очекува ублажување на овој проблем.

Ацо Шопов во 1976 година

Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К3 АЕ78, со одговори на Ацо Шопов на прашања за интервју. Прашањата, медиумот и датумот на објавување не се познати. Содржината на последниот параграф укажува дека интервјуто датира од почетокот на 1963 година.

Тематски сродни текстови

  • А што е тоа општествено битие и каква е таа литературната свест што треба да го одразува?
  • Разбирања и недоразбирања во врска со Титовата мисла за уметноста
  • Идејна конфузија
  • Слободата на уметничкиот израз низ призмата на личниот вкус
  • Културните сили во стегите на аристократизмот и примитивизмот
  • Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
  • Накратко за материјалните и идејните проблеми на културата и уметноста

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов