А што е тоа општествено битие и каква ет таа литературна свест што треба да го одразува?

Нашата земја е отворена кон сите ветрови и ветришта што дуваат од сите страни на земјината топка. Но кон тие ветрови и ветришта се однесуваме со еден полуколонијален менталитет, како сè уште да постои оној стар Балкан, оној егзотичен предел на Европа на кој таа треба да му ги даде сите богатства и дарови. Јас, напротив, сметам дека Европа денес може многу нешто да научи од овој Балкан.

Еден од најинтересните, но истовремено и најтешки проблеми што беше поставен во оваа дискусија [за литературната ситуација денес] е проблемот за [...] расчекорот меѓу нашето општествено битие и нашата литература како посебен вид на свеста.

Ако [Георги] Старделов, зборувајќи за тој расчекор меѓу општественото битие и литературната свест, ја има предвид сета литературна продукција во Југославија, јас сум спремен да се согласам со него. Меѓутоа, истовремено сметам дека кај нас постојат такви остварувања во коишто се изразуваат одредени наши и општочовечки суштини, вредности признаени не само кај нас туку и со светска афирмација. Потврда за тоа е Иво Андриќ, како и некои други наши писатели.

[Георги Старделов: Она на што јас мислев, тоа се однесува на литературата од последните три, четири години. И не на литературата en bloc и не на писателите tutti- quanti. Нескладот меѓу нашата литература и нашето општествено битие јас го фиксирав како симптом на нашатата литературната ситуација денес (...) имаме ли ние во последните, на пример, три години, три дела, или повеќе од три дела што тематски се свртени кон проблематиката на нашето општествено битие, на тоа прашање јас имам само негативен одговор. А во овие три години сигурно се издадени повеќе од триесет дела. Нешто повеќе, јас во моментов не можам да избројам ни една единствена збирка песни што тематски е свртена кон нашето општествено битие, а сигурно илјадници песни се отпечатени во овој период. Се разбира, ова што го велам јас не подразбира во никој случај дека во овој временски интервал нашата литература не дала не само значајни, туку и несомнено големи остварувања: и во поезијата и во романот и во расказот, па дури и во драмата (...) Во нашата поезија, на пример, сè повеќе се изградува еден своевиден индивидуализам, кој низ поетските текстови израснува веќе како своевидна животна филозофија. Мислам дека оваа поезија стои сосема рамнодушна кон збивањата на нашата општествена структура. Онемена е „музата“ нејзина за егзистенцијалните прашања на нашето општествено битие (...)].

 

Да бидеш или да не бидеш

Еве зошто ова прашање го сметам како едно од најкомпликуваните, најсложените прашања. Не знам дали сте имале можност, но јас лично не сум сретнал во нашата есеистика текстови аргументирано образложени на тема што е тоа општествено битие и како тоа општествено битие треба да се одрази или се одразува во литературата кај нас. Тоа е за мене една од најголемите апстракции, еден од најтешките проблеми пред кои стои нашата есеистичка мисла. Како што реков, не сум сретнал текст што би ме задоволил во тој поглед.

Што е тоа општествено битие, што е тоа наша стварност, што е тоа наш живот, наша современост? Дали е достатно ако речеме „социјалистички општествен поредок“, „социјалистичко општество“, „изградба на социјализам“, „социјалистички односи“ итн? Тоа ни е добро познато и тоа е многу јасно.

Случајно беа спомнати фестивалите на забавна музика. Дали тоа битие се јавува низ грлото на Габи Новак или Ѓорѓе Марјановиќ или Маријана Держај итн., дали тоа говори низ поетскиот збор, низ поезијата на еден Васко Попа или на еден Стеван Раичковиќ или на Весна Парун, или низ литературата на еден Коле Чашуле или Славко Јаневски? Што е тоа општествено битие и каква треба да биде литературната свест што го одразува тоа општествено битие?

Нашата земја, како што се истакна во овој разговор, е земја отворена кон целиот свет, кон сите ветрови и ветришта што дуваат од сите страни на земјината топка. Поинаку и не би можело да биде, како што и самиот Митрев рече. И за мене не е проблемот во тоа. Напротив, сакале или не, мораме да бидеме свртени кон сè што се случува денес во светот. Проблемот не е во ветровите и ветриштата, туку во тоа нашиот ветар да се чувствува толку колку што треба и да им се придружува или спротивставува на оние што идат од другите страни на светот.

Кога зборуваме за нашите литературни проблеми, треба да одбележиме дека често пати кон тие ветрови и ветришта се однесуваме со еден полуколонијален менталитет, како сè уште да постои оној стар Балкан, оној егзотичен предел на Европа на кој таа треба да му ги даде сите богатства и дарови. Јас, напротив, сметам дека Европа денес може многу нешто да научи од овој Балкан, од овој предел на кој е распространета, да речеме, Југославија и југословенската литература, и дека денес ситуацијата ни оддалеку не е таква каква што била пред неколку децении.

Пак го повторувам прашањето: Што е тоа општествено битие, наше општествено битие? Дали тоа се протега од Гевгелија до Сежана, заклучено во тие гранични рамки, или пак кога зборуваме за овој проблем мораме малку и од подруг аспект да му приоѓаме? Мораме да се согласиме со фактот дека човекот денес стои пред сосем поинакви проблеми и дилеми одошто стоел пред четири или пет децении. Човекот денес, без оглед на каков општествен поредок да му припаѓа или на која географска ширина или должина поради самиот развој на денешната светска ситуација и поради самиот развој на светските материјални сили е поставен пред една иста дилема: да бидеш или да не бидеш. Светот често пати се движи од работ на неизвесноста до работ на катастрофата. Затоа овој поим „наше општествено битие“ не би можеле да го замислиме поинаку одошто како еден органски неразделив дел од општочовечката судба, од тоа денешно светско битие, ако може да се употреби овој израз. Затоа ми се чини дека во разговорите што ги водиме често пати и ограничено му приоѓаме на овој проблем.

 

Оглушување за сè она што младите го носат во литературата

Многу ме радува што овде беше поставен и проблемот на младите и старите, и посебно проблемот на младите во литературата, и што разговорите на таа тема дојдоа токму од помладите претставници на нашата литература. Ако во овој момент пледирам за нешто, тоа е потребата да престане играта со младите во литературата. Знаеме дека на едната страна имало прилично големо политиканство, а на другата извесно оглушување за сè она што младите го носат во литературата, без оглед на самата литературна поголема или помала тежина на предлаганите текстови за објавување. Наполно се согласувам со она Славково мислење дека во литературата секој автор е сам и дека секој сам си го носи своето литературно бреме. Од авторот зависи, од неговите сили, дали ќе го донесе до крај или пак ќе падне под негова тежина. Ни нашите списанија ни Друштвото на писателите не се никакви школи преку кои ќе се создава некаков писателски кадар. На младите им треба помош, но она што досега е сторено не може да биде патоказ. Со ова би завршил за овој проблем.

 

Сопствената немоќ се прикажува како немоќ на системот

Овде би сакал да се искажам и за редакциските или издавачки совети на списанијата. Лично сметам и сум уверен, а практиката тоа го потврдува, дека постоењето на редакциските или издавачки совети при списанијата е сосем депласирана работа. Тоа го потврдува последната анкета на Разгледи. Според мое длабоко уверување, тие општествени органи во списанијата, по логиката на нештата, сакале или нејќеле, денес или утре, мораат да се претворат во обичен параван за покривање на одредена политика. Нашата литература денес има такви сили на кои не им се потребни никакви паравани и никави издавачки и редакциски совети и коишто можат со сета одговорност сами да ги водат литературните публикации.

Дозволете ми да го речам и тоа дека во издавачкиот совет на списанието Разгледи седат истакнати општествени и политички работници и дека тоа не може да остане без последици. Никаква аналогија со другите институции или претпријатија, како издавачките, филмските или театрите, не може да биде оправдана. Природата на работата во еден театар, во едно издавачко или едно филмско претпријатие е сосем поинаква одошто е работата во литературните списанија. Затоа и сметам дека нема потреба од постоење на такви општествени органи при овие списанија.

Внимателно го читав она што беше објавено во анкетата на Разгледи, ги читав и некои од поранешните прилози. Во нив не станува збор за литература и литературни проблеми, дискусијата е префрлена на сосем друг терен. Се обвинуваат стопанскиот и општествениот систем за сегашната состојба во литературата.

Сопствената немоќ се прикажува како немоќ на системот. Отворено се апострофира политиката дека нема став и дека е виновна што некои од македонските писатели не знаат како да ја изразат, на пример, стварноста во Егејска Македонија.

[Димитар Митрев: А изразена во бројни дела...]

Да, но сепак се тврди дека не постои став спрема проблемот на Егејска Македонија и дека поради тоа и нашите писатели што се дојдени од тој дел лутаат и не знаат како и на кој начин да ги изразат оние вистини и суштини што ги носат.

[Александар Ежов: Минатата година октомвриската награда ја доби дело со егејска тема.]

[Лазо] Каровски го цитираше Петар Ширилов. Тој тврди дека е бедна духовната гардероба на нашиот човек и на нашето општество во целост. Кој може да прифати и да се солидаризира со таква мисла? Тој пледира за буџетирање на нашата издавачка дејност онака како што се буџетира вооружениот дел, армијата. Па, јас се прашувам каде живеат луѓето што вака гледаат на овој проблем?

Има нешта, има појави што треба најостро да се критикуваат, меѓутоа сопствената вина не може да се фрла на системот. Овде доаѓаме до проблемот за одговорноста на оние што стојат на чело на редакциите. Секој може сешто да кажува, да мисли и да пишува, меѓутоа редакциите се должни да водат сметка што ќе објавуваат.

[Димитар Митрев: Не мислиш ли дека во такви и слични случаи влијае и извесно литературcтвувачко слободништво?]

Токму мислев да се надоврзам на тоа прашање за слобода на уметничкото творештво кај нас и како на тоа прашање се гледа.

Во оваа анкета, и не само во неа, многу се зборува за слобода на уметничкото творештво. И мнозина од анкетираните зборуваат на таа тема. Принципот на слободата на творештвото е поставен во Програмата на СКJ, тој на еден одреден начин е содржан и во Преднацртот на Уставот на социјалистичка Југославија. Но некои тој принцип го сфаќаат во смисла на толеранција на секакви мислења и секакви становишта. Едно време, постоеше илузија дека настанува затишје во литературата, дека мечовите се враќаат во канија. Од каде таа илузија? Од каде тоа привидно примирје? Зошто сега пак повик на узбуна?

[(...) Георги Старделов: Јас лично, Ацо, имам резерва спрема твоето мислење дека нашето општествено битие е на некој начин функција на она што ти го наречуваш светско општествено битие. Сигурно е деа современиот свет е една целина (...) Но јас инсистирав на релативната самостојност на нашето општествено битие и токму таа релативна самостојност треба да се одрази во нашата литература, зашто само на тој начин нашата литература ќе биде она што Митрев го нарече „свет во светот“ (...) јас говорев за тоа дека битна димензија на нашето општествено битие е процесот на очовечување, процесот на поопштествување на човекот. Vis-à-vis на ваквото гледиште, ние имаме во нашата литература сфаќања на еден ортодоксен нихилизам кон човекот, негирање на сите негови хуманистички аспекти. Дали таа нејзина нихилистичка структура, тој нејзин нихилистички дух кој, велам, би можел да биде така да речам одраз на светското општествено битие, во извесна синхроност со него, може да има своја подлога во нашето општествено битие? Токму во овој пункт, дел од нашата литература со својот сензибилитет се отуѓила од нашето општествено битие. Би ве молел да бидете неколку минути стрпливи да ви прочитам неколку мисли од статијата отпечатена во авангардниот литературен белградски весник Видици, под наслов „Inpetto – nihili“, како еклатантен пример за она што погоре го реков: „Ја сам усред бела дана европским нихилизмон окован (...) Проклет сам јер пишем. Ја болујем од утиска. Инстинктом мачке налазим своју величину и водећу улогу у свесним преступцима. Иштем више немира да бих био вечито млад. Мени је потребнији непрјатељ него пријатељ“ итн. Ете го сензибилитетот и интелектуалниот профил на гордиот Европеец. Но јас прашувам: Дали ние вакви едни погледи можеме да ги доведеме во некоја макар каква и да е релација со нашата општествена структура и хиперструктура, со нашата концепција за човекот и светот? И кога ваквите погледи се читаат заедно со литературата што е инспирирана од нив и напоена со нив, мислам дека тогаш може поцелосно и поевидентно да се разбере мојот став за расчекорот на еден дел од нашата литература со нашето општествено битие.]

 

Слободата на уметничкото творештво, синоним на творечкиот чин

Овој цитат што го даде Старделов е интересен сам по себе, но не го сметам како разуверување, зашто и јас не го делам мислењето на цитираниот автор. Кога зборував за соодносот на југословенската со светската култура и литература мислев на тоа: затворајќи ги туѓото и штетното, не смееме да ги затвораме и за она што е со несомнена вредност во светската литература. Јас сакав само да се надоврзам на твојата дискусија за проблемот за општественото битие и литературата како општествена свест. Она што ние го викаме „наше општествено битие“ не смееме да го затвораме во некои регионални рамки, да го оградиме со некој кинески ѕид од сè она што денес се случува во светот.

[Георги Сарделов: Но треба да му се даде атрибут и на нашиот социјалистички свет...]

Светот е исправен пред исти проблеми што го сврзуваат, пред проблемот − војна или мир, судирање или коегзистенција. На јавноста ѝ е познато дека во еден евентуален нуклеарен судир ќе исчезнат најмалку 800 милиони лица од земјата. Тоа значи една третина да биде веднаш уништена. Јас токму мислев на овие нешта. Сите луѓе, без оглед каде се наоѓаат, без оглед дали му припаѓаат на некое социјалистичко или на капиталистичко или на некое што сега се испретува од колонијален или полуколонијален живот, се исправени пред оваа вистина. Ние како дел од светот неизбежно сме поврзани со неа. И ми се чини дека ова мало недоразбирање можеби беше интересно, но не и сосем нужно.

Кога зборував за уметничката слобода, реков дека оној принцип, утврден во Програмата на СКЈ и во Преднацртот на уставот понекогаш сосем погрешно се ползува. Можеби илузијата за литературното затишје произлегува од сфаќањето дека во литературата, во името на таа слобода, може сè и сешто да егзистира. Но кога дојдоа првите реакции, спонтани или свесни (еве, да го земеме само примерот што го спомна Митрев, за случајот со Јосип Видмар, или пред неколку години со Борислав Михајловиќ...), кога дојдоа тие реакции, некои ги сфатија како удирање против слободата на творештвото и почувствуваа потреба да станат и да го бранат своето сфаќање на овој принцип. И мирот пак стана немир. За мене слобода на уметничкото творештво е повеќе од одговорноста пред своето време. Уметничката слобода е всушност синоним на креацијата, на творечкиот чин.

Ацо Шопов во 1976 година

Овој текст е извадок од дебатата на Друштвото на писателите на Македонија објавена под наслов „Литературната ситуација денес“, во Совре­меност XIII, 2-3, февруари-март 1963. Во оваа книга се преземени само искажувањата на Шопов (од стр. 171-176 и 179-181) но, за да се олесни читањето, цитирани се – во големи загради – уште неколку дискутанти, на чиишто зборови Шопов се надоврзува.

Тематски сродни текстови

  • Разбирања и недоразбирања во врска со Титовата мисла за уметноста
  • Идејна конфузија
  • За односот општество – литература
  • Слободата на уметничкиот израз низ призмата на личниот вкус
  • Културните сили во стегите на аристократизмот и примитивизмот
  • Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
  • Накратко за материјалните и идејните проблеми на културата и уметноста

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов