За збирката Небиднина, претпремиерно
Другар Шопов, Вие ѝ припаѓате на онаа поетска генерација која во Македонија почна да ги објавува своите песни уште во деновите на распламтената борба за слобода, за потоа да следуваат уште неколку збирки. Дознавме дека наскоро, по пауза од пет години, ќе објавите нова збирка. Љубопитни сме да чуеме нешто за неа.
Мојата најнова збирка песни, која ја подготвив за печатење, го носи насловот Небиднина. Преведено, тоа отприлика би требало да значи нешто што е неможно, нешто што нема да се оствари. Овој наслов е употребен во поетска смисла, со него сакав да истакнам еден парадокс: поезијата, колку и да ја сфаќаме и остваруваме како нешто есенцијално, како нешто повеќе од она што обично го подразбираме под поимот живот и неговите различни манифестации, сепак, и во својот најсовршен вид и во своите највисоки дострели, не е во состојба да ги опфати сето богатство и сета сложеност на тој поим.
Песните од кои се состои оваа збирка го содржат моето доживување и мојот однос кон нашиот современ живот, но веднаш морам да додадам дека тој однос е од длабоко присна, длабоко интимна природа. Сѐ што се случува надвор од нас, што на некој начин го привлекло нашето внимание, е дадено како најинтимно чувство.
Од првата песна па до последната збирка, Вие сте, во свеста на читателот, изразит лиричар. Носи ли збирката Небиднина некакви изненадувања или позначајни промени?
Она што ја поврзува оваа моја збирка со претходната и со претходните – тоа е фактот дека и во неа останав лирски поет. Разликите ги донесоа годините и искуството. Постар сум за неколку години, па природно, некои заблуди и наивности, би рекол, исчезнале. Дојдоа нови искуства, нови сознанија кои го променија или го менуваат и начинот на моето поетско говорење.
Вие во нашата јавност стекнавте и преведувачка репутација, покрај поетска. Познати се и се користат многу Ваши преводи во Македонија. Кажете ни, Ве молиме, каков е Вашиот личен однос кон овој вид книжевна активност.
На препевите од нашата и од странската литература работам веќе долги години. Тоа е, би се рекло, друг начин на моето поетско постоење. Препевот е мошне одговорен и необично тежок творечки чин. Понекогаш се чини скоро невозможно да се пренесе одредена вредност од еден на друг јазичен медиум. Овде не се работи само за поголема или помала развиеност на еден јазик и тешкотиите од тој вид, туку пред сѐ за смислата и за значењето на самите зборови, кои често се и можат да бидат сосема различни. Знам, на пример, една многу убава песна од Славко Јаневски: „Свадбарска песна“. Во оргиналот, таа ја содржи сета убавина на својот јазик, но е речиси непреводлива на српскохрватски јазик.
Инаку, на македонски јазик ги преведов Хамлет, Сирано де Бержерак, Сид, басните од Крилов, песните на Јован Јовановиќ-Змај, Жупанчиќевиот Цицибан, потоа песните за деца од Крклец, Григор Витез, некои песни од бугарскиот поет Христо Ботев, а исто така и песните на Десанка Максимовиќ, Весна Парун, Давичо, Матиќ и др.
И, најпосле, само уште една молба. Рековте дека има разлика меѓу Вашите претходни и оваа последна збирка. Дали би сакале за гледачите на „Панорама“ да прочитате некои од претходните песни и една песна од Вашата најнова збирка? Повелете.
(Шопов ги најавува и ги чита своите песни)


Превод на сценарио за ТВ-емисијата „Панорама“, 16.1.1962 година, прилог РТВ Скопје. Оригиналниот машинопис на сценариото, на српскохрватски, се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ94. Оригиналниот наслов на емисијата е: „Ацо Шопов за својата последна збирка песни и за себе“.
Вовед во емисијата:
Прилогот на Радиотелевизија Скопје за вечерашната „Панорама“, драги гледачи, е разговорот со поетот Ацо Шопов, по повод неговата нова збирка песни која наскоро ќе биде објавена.
Превод: Јасмина Шопова
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.