На Белград, во овој миг на љубов кон човештвото

Во 1960 година, Југословенската политика станува повторно предмет на остри критики од страна на СССР и источниот блок. Во таква атмосфера на силен притисок се одржува Петтиот конгрес на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија во преполната сала на Домот на синдикатите, во Белград, на кој од странство земале учество делегати од Белгија, Непал, Тангањика, Уругвај, Цејлон, Мароко, Шпанија и Венецуела. Од 18 до 22 април, Белград наликува на „центар на светот“. Шопов ги искажува своите впечатоци со следниве зборови.

Го сакам овој град под Авала, оваа утока на љубовта на утоката на Сава и Дунав, овој сон на животот, овие далечини во нас, во човекот. Го сакам во неговите обични дни исполнети со ѕвонливи довикувања, со растреперени надежи, со свежиот здив на девојките и младичите со вљубени очи, со автомобили. Го сакам кога шета по улиците, достоинствен, личен, со ѕвезда во срцето. Го сакам кога празнува и слави. Во овој миг на љубов кон човештвото.

Симболично, на почетокот на големиот разговор за човекот, низ утринското иверје бликна високо млаз од фонтаната на плоштадот Маркс и Енгелс. Високо, како мисла. А во двораната на Домот на синдикатите, зборовите на Тито уште еднаш ги запалија светлините на најдлабоката љубов, на најголемите замисли за зачекорување во вистинската човечка историја и во смислата на човековото постоење. Тоа се зборови што ослободуваат, зборови што силно упатуваат кон оние доблести кои најбрзо го водат човекот на денешницата до неговата утрешна природа, зборови на историската одговорност пред човекот. Тие зборови, со огнот на својата нужност и вистина, во еден замав ги освоија чувствата, ги изострија мислите на сите што ги слушнаа, на сите делегати на Социјалистичкиот сојуз на оваа исправена социјалистичка земја, како и на оние од многу далечни земји кои дојдоа желни да ги слушнат.

Како и многупати досега, ти прв ги прегрна, Белграде. Ги насочи кон сите искришта на нашиот живот, кон сите извори на пожртвуваност, кон сите наши работни луѓе. Разбуди нови сили, разбрани нови страсти, отвори нови поглавја. Ти тие зборови ги пренесе преку сите континенти до нови гнезда на нови будности, до нови жаришта на нови потраги, до нови неимари на слободата, до милиони луѓе ширум светот, до оние чии претставници гордо чекорат по твоите горди улици, до оние што ќе дојдат да те видат, да те запознаат, за да ги примиш како што само ти умееш, како што само твојата долга борба за чест и достоинство те научи.

Секогаш си ја зборувал вистината, Белграде, но вистината за тебе не била секогаш кажана. Секогаш си ги подавал рацете во име на разбирањето, соработката и мирот, но раце кон тебе не биле секогаш подавани. Те препашувале со лаги, но со лаги ти никого не си препашал. Со мечот на вистината ја бранеше вистината. На небото на твојата слобода нема облаци. На љубовта со двојна љубов си возвраќал.

Сега си надеж на безброј патишта на безнадежта. Сега си светлина што осветлува безброј талкања. Сега си врска што разбива безброј сомнежи. Сега си миг на љубовта кон човештвото.

Те сакам, Белграде под Авала, утоко на љубовта на утоката на Сава и Дунав, далечино во нас, во човекот. Те сакам. Едноставно како твојата вистина.

Aco Šopov glaven portret 4

Превод од српскохрватски на текст објавен во НИН, бр. 485, на 24.4.1960, стр. 1, непосредно по завршувањето на Петтиот конгрес на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија (ССРНЈ), одржан во Белград, од 18 до 22 април 1960 година. Ацо Шопов бил еден од члeновите на сојузниот одбор. Титовите зборови на кои упатува Шопов, односно неговиот реферат на Петтиот конгрес на ССРНЈ, се објавени во томот XV од изданието Тито: Говори и чланци, Напријед, Загреб.

За подобро разбирање на овој текст на Шопов, даваме неколку податоци за историско-општествениот контекст во кој се одржал конгресот.

Конгресот е карактеристичен по рефератот на Ј. Б. Тито „Изградња социјализма и улога и задаци ССРНЈ“, бидејќи во него е прикажано зајакнувањето на материјалната основа на општеството, значењето на работничкото и општественото самоуправување, задачите во изградбата на комуналниот систем, задачите во новиот петгодишен план. Според Статутот што тогаш бил прифатен, секој граѓанин на Југославија кој има бирачко право и кој ја усвојува Програмата на ССРНЈ може да стане член на ССРНЈ. (Преземено од документот: Državni arhiv u Slavonskom Brodu, Sumarni inventar, Kotarski odbor Socijalističkog saveza radnog naroda hrvatske, Slavonski brod, 1947-1962, Broj fonda: HR DASB 278, Izradila: Gordana Slanček).

Петтиот конгрес на ССРНЈ, меѓу другото, ги донесе следните заклучоци: да се направат уште поголеми напори за градење еднакви односи и соработка во светот; за зачувување и натамошна консолидација на мирот; за ликвидација на студената војна; за зајакнување на меѓународната доверба и за воспоставување такви меѓународни односи кои ќе се засноваат на еднаквост и меѓусебно почитување на сите народи, без разлика на бојата, расата и општествениот поредок. (Преземено од документот: Biblioteka informativnih sredstava, Inventar sumarno-analiticki, AJ-142, Socijalisticki savez radnog naroda Jugoslavije – Narodni front Jugoslavije – 1945/1960, Vukman Boričić, Beograd, 1990).

Од пролетта 1958 година, нападите врз југословенските комунисти најчесто се вршеа во форма на „теоретска критика“ на нивната нова Програма, но не остануваа на тоа. Следуваа мерки за политички бојкот на СКЈ, слични на оние од 1948 година. Повеќето од комунистичките и работничките партии [од источниот блок] не испратија свои делегации на Седмиот конгрес на СКЈ. Го бојкотираа и Петтиот конгрес на ССРНЈ. Таа „критика“ кулминираше со одредени делови од Изјавата за ноемвриската консултација на претставниците на 81 комунистичка и работничка партија, одржана во Москва во 1960 година. (Преземено од книгата на Радован Радоњиќ, Izgubljena orijentacija, Радничка штампа, Белград, 1985, стр. 141.)

Превод: Јасмина Шопова

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов