Мојата поезија е долго носена преокупација во себе
Што најмногу Ве привлекло за поезијата, за да ѝ се оддадете целиот?
Нејзината моќ да облагородува, да биде најприсен живот за човекот и во човекот, рече во разговорот Ацо Шопов. И тогаш кога е крик, и тогаш кога е надевање. И „најтемната“ поезија, ако е вистинска, таа осмислува... Инаку, можеби случајот одигра пресудна улога да ѝ се оддадам на поезијата... Се сеќавам, во трети или четврти клас во штипската гимназија учеше и народниот херој Ванчо Прке. Тој тогаш раководеше со литературната дружина и скоро на секој поголем собир читаше свои песни... Еднаш и јас се обидов да напишам песна. Потоа му ја дадов, тој да ми го каже својот суд. Ванчо беше првиот што ми даде поттик, а тоа го чинеше и подоцна...
Каде и кога е објавена Вашата прва песна и што содржи таа?
Тоа е песната „Љубов“, објавена е во весникот Огин, орган на Третата македонска ударна бригада, во почетокот на 1944 година. Содржината Ви е позната...
Дали Вашите песни се израз на Вашите моментни расположенија или се плод на подолги преокупации?
Сметам дека нема поезија на моментален проблесок. И, ако некогаш тоа така ни се чини, ако во некој момент ненадејно најдеме некое решение, тоа е всушност резултат на една долго носена преокупација во себе.
Која песна што сте ја објавиле Ви оставила најголем впечаток?
Тоа е можеби првата песна од „Молитвите на моето тело“.
Дали ќе го продолжите циклусот на молитви на Вашето тело?
Имам уште неколку необјавени песни со кои го заокружувам овој циклус...
Кон кој писател имате најголем респект?
Не е само еден. На мојата листа се наоѓаат повеќе домашни и странски писатели. Достоевски е прв.
Во што ја гледате основната поента на Вашата поезија?
Во мачното барање на патиштата до човекот...
Дали спрема Вашето мислење постои некаква нова атмосфера во македонската литетература?
Се чувствува напор за надраснување на поранешните односи. Атмосферата е помирна. Проблемите на литературата веќе се посматраат пообјективно... Конфронтацијата покрај некои позитивни страни имаше и повеќе парадокси.


Разговор со Борис Вишински објавен во Културен живот, 1960, V, 4, стр. 53.
Вовед во интервјуто објавено во Културен живот:
Поетот и општественикот Ацо Шопов, кој е роден 1923 година во Штип, зазема видно место во македонската литература. Неговата поезија, искрена, топла и суптилна, преведувана е на другите југословенски јазици, а нашла место и во неколку странски антологии за повоената југословенска поезија.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.