Место одговор (Борба на мненија или… политикантски алузии)
Во последно време, во некои весници и списанија, сè повеќе доаѓа до израз едно изопачено сфаќање за слободата на мислата, за борбата на мислењата, за критиката, нејзината функција и значење. Под етикетата на овие принципи, без мака може да се согледа една отворена тенденција за грубо наложување на одредени ставови кои всушност значат негирање и на борбата на мислењата и на критиката и на литературата воопшто, и кои јас, а сметам и многу други, не можам во никој случај и под никакви услови да ги прифатам и усвојам.
За еден седмичник и за ставот на една редакција
Читателите на Разгледи – прилогот за култура и уметност на Нова Македонија – имаат можност да читаат од број во број на страниците на овој седмичник, најконтрадикторни мислења за одредени прашања и одделни уметнички творби, без да го знаат ставот на редакцијата. Редакцијата им отвара врата на сите што сакаат нешто да кажат за нашата литература, култура и уметност. Но дали може да се рече дека редакцијата нема никаков став, никаква линија во областа на овие прашања и дека сè е оставено на играта на случајот? Сепак не може тоа да се тврди. Еве како го искажа тој став на годишното собрание на Друштвото на писателите, уредникот на Нова Македонија, Владо Малески:
„Со цел да се развие борбата на мислењата, редакцијата е спремна да ги печати сите дописи
1) што се формулирани писмено во смисла на културно пишување и
2) што не тргнуваат од антисоцијалистички позиции.“ Само два услова: писменост и социјалистички позиции. Навистина, ниедна редакција не смее да биде теснограда во својата политика и да го објавува само она што се поклопува стопроцентно со нејзиниот вкус и зарбирања. Но една таква „широкоградост“ им дава неограничени можности на сите писатели и „писатели“, на сите критичари и „критичари“, на сите жонглери на перото, во Разгледи да се јавуваат со секакви дописи, да „критикуваат“, да напаѓаат, да навредуваат, да им држат лекции на авторите за сè друго освен за литературата и уметноста, со еден збор – најнеодговорно да ги искажуваат своите мислења проткаени со лични страсти и пресметки и пак сè тоа да биде и писмено и да не излегува од рамките на социјалистичките позиции. Што останува тогаш од принци- пиелноста и принципиелната борба? Само празна фраза. Во името на „борбата на мислењата“, некои јуришаат и го дигаат Дамокловиот меч на својата критика над главите на сите што имаат други разбирања за литературата.
Следниот пример нека послужи за илустрација. Еден наш угледен писател беше поканет од редакцијата да напише во Разгледи текст за еден актуелен проблем од современата македонска поезија¹. Неговиот прилог беше усвоен и печатен без приговор. Но веднаш во следниот број на Разгледи, никој друг туку самиот уредник Владо Малески, кој го поканил пи- сателот на соработка, објавува статија под произволничкиот наслов „Шлагери и музика“² и, меѓу другото, се нафрла и на измамениот писател. Чудна логика, како во народната: Дојди ми дома на гости за да ти ги разбијам вилиците. Сосем така и во гореприведениот случај.
Но Владо Малевски не се задоволува само со тоа. Тој зазе- ма позиција на врховен судија во македонската литература и уметност, сече лево и десно, „задоволно ги пребројува главите“, им дели совети на сите уметници и ги обвинува за „шлагерство“ и неискреност во творештвото. „Тогаш! – воскликнува тој, за периодот до 1948 година – тогаш имаше кај некои и злоупотреба со најголемиот настан во историјата на нашите народи...“ И за да не бидат сите уметници анатемисани, „скром- но“ и „срамежливо“ додава: „Имаше и вистински усилби кај некои да ја совладаат комплицираноста на животот...“ Но, за „сожаление“ – „по неколку опити во оваа област, Мартиновски се врати на Циганките, Личеноски на афионите... а А. Шопов (и други) ја пригрли интимната лирика“.
Така, по В. Малески, проблемот е „расветлен“ едноставно: биле неуспешни опити, „актуализирани“ портрети, „парти- зани“, „пионери“, „првоборци“ итн., биле па пропаднале и сега уметниците, како најобични шпекуланти, запеале нов „шлагер“. Каква „психоанализа“ на уметничкото творештво! Зар може да се изрече поголема навреда?
Не мислам овде да станувам во ничија одбрана, зашто секој сам најарно ќе се одбрани со своите дела. Можеби има писатели и уметници коњунктуристи, но што се однесува до „злоупотребата со најголемиот настан во историјата на нашите народи“, т.е. Револуцијата, морам огорчено да соопштам дека никој досега така јавно не ме оклеветал (и не само мене, си- гурно) како В. Малески во статијата „Шлагери и музика“. За мене, искреноста е еден од основните принципи на вистинското уметничко творештво: никогаш не сум го изневерил, ниту пак ќе го изневерам овој принцип, зашто со тоа би ја изневерил уметноста, својата поезија, себеси.
Би било покорисно „критичарите“ постудиозно да ги проучуваат мотивите што ги возбудуваат уметниците, а не брзоплето да донесуваат лекомислени и навредливи заклучоци за „злоупотребата“, појасно речено шпекулантството на некои уметници, вклучувајќи ме и мене.
И – за да нема недоразумение: не можам да разберам што го побудило В. Малески на една ваква непромислена постапка. Но истовремено не му завидувам на положбата во која по своја вина западнал. Тој вели дека „критиката не е никаква каса- тура во рацете на критичарот – сејмен што чека во пусија...“ Но самиот, не знам зошто, по секоја цена сака да стане сејмен на сејмените.
По таков начин критиката се изродува во клеветење, бор- бата на мислењата – во празно штракање.
Една концепција за литературата
Секој што ги прелистува Разгледи може да забележи дека многу се пишува за нашата поезија, литература, за новото во литературата, за позитивниот лик во литературата итн. итн. и за сите тие проблеми се изнесуваат „свои“ теоретски ставови. Настрана што во теоретизирањето за „новото“ нема ама баш ништо ново, ниедна оригинална мисла. Да ја видиме концепцијата на Б. Заревски за литературата. Што бара тој од нашата литература? Каква е еволуцијата на неговите сфаќања за литературата?
Еве каква:
Порано, до 1948 г.: Како тоа поетите да се воодушевуваат од сината езерска шир, да речеме, а не ја гледаат и не пејат за фабриката за конзерви што се подига во градот покрај езерото?!
Сега: Зошто литературата не ја одразува историската победа над бирократските тенденции и бирократизмот?
Тоа е повик за крајно вулгаризирање и обезвреднување на литературата и нејзиното потчинување на потребите на денот, повик за уметничко оформување на политичкиот живот во земјата.
Неодамна го гледав филмот Забранети игри. Една од најсовремните теми што ги загрижува и вознемирува луѓето од целиот свет: војна. Во филмот нема ни еден збор за ужа- сите на војната, дури и прикажувањето на војната се сведува само на неколку слики. Но дали некој гледал повозбудлив, поуметнички филм на оваа тема, дали го почувствувал посилно разорното дејство на војната?
Зар преку едно настроение, едно чувство, еден психолошки комплекс, не може да се карактеризира една поопшта ситуа- ција? Зар поезијата е поезија тогаш кога ќе говори со политички јазик и по сè ќе личи на најобичните весникарски статии?
Б. Заревски бара стихувани политички пароли. Ако се воодушевува од нив, има поети што пишуваат и таква поезија.
Место критика...
Кога критичарот е бессилен, па не може да изврши естетска анализа на делото и да ја оцени неговата уметничка вредност, тогаш... тогаш тој употребува други орудија и „борбата“ ја пренесува на друг терен. Тогаш место критика, тој им сервира на читателите своја од некаде исконструисана „карактеристика“ за уметникот и го скицира неговиот политички профил по углед на оние од НИН-овата постојана рубрика.
Така постапува „критичарот“ на Стихови за маката и радоста во Млада литература³, така постапува и В. Малески во Разгледи. За песната „Сефедин“ и другите во циклусот „Земјата и туѓинци“⁴, тој ми ги подметнува следните зборови: „Во тој додаток (т.е. во циклусот „Земјата и туѓинци“) како самиот автор да говори: Еве ви и стихови за општенародните маки и радости, а не само за моите! Гледајте, јас си го исполнувам и тој долг!“
Да, јас велам: гледајте! Но гледајте како се подметнува, како се прават „фини“ политикантски алузии, гледајте и запамтете!


Текстот е објавен во Современост, III, 4, 1953, стр. 97-100, како реакција на критиката на Владо Малески објавена под наслов „Шлагери и музика“. Тој се вбројува во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година.
1) Димитар Митрев: „Околу критериумот за интимната лирика“.
2) Владо Малески: „Шлагери и музика − Неколку белешки во врска со тематиката и ’интимитетот’“, Разгледи, бр. 3, 12.2.1953, стр. 9-10.
3) Димитар Бошков: „Ацо Шопов: Стихови за маката и радоста“, Млада
литература, 1952, II, бр. 4, стр. 63-65.
4) Циклус од збирката Стихови за маката и радоста.
Тематски сродни текстови
- Издаваштво без пари и критика без анализа
- Лице и опачина
- Здодевно е веќе, здодевно
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- За оваа наша мала, нерасповиена литература
- Поезија и препев
- По трагите на една конфузија
- За пресвртница
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.