Македонската современа книжевност
Вообичаено, кога станува збор за македонската книжевност, се вели дека е тоа млада литература родена во војната, која во својот развој треба да надмине многу сериозни тешкотии, како што е, меѓу другото, прашањето за сè уште недоволно развиениот и недоволно богатиот јазик… Сево ова е, се разбира, точно. Но често се губи од вид фактот дека македонската литература не се состои само од она што е создадено за време и по војната, дека таа има своја подолга историја од која современите македонски писатели можат да најдат и наоѓаат инспирација за своето уметничко творештво. Глигор Прличев, Рајко Жинзифов, Браќата Миладиновци и редица други пионери во областа на литературата оставија богато културно наследство. Иако сè уште не е оценето, според она што досега е направено за разјаснување на многу прашања од книжевната историја на македонскиот народ, слободно може да се каже дека тоа наследство претставува скапоцено богатство кое недвосмислено ги побива сите валкани измислици што ги подметнуваат некои водечки фактори во соседните земји.
Современата македонска литература се развива во знак на сè подлабоко осмислување и уметничко пресоздавање на сегашните настани во нашиот живот, како и на оние од блиското и подалечното минато. Таа сè повеќе се ослободува од едностраното толкување на она што се гледа само на површината и похрабро ја опфаќа самата суштина на настаните. На тој пат постигнати се значајни достигнувања.
На полето на драмата денеска со успех работат Васил Иљоски и Ристо Крле, чии дела се изведуваат речиси во сите театри во Македонија.
Значајно е заживувањето на прозната продукција која, за разлика од првите години по ослободувањето, бележи несомнени резултати и по квалитет и по квантитет. Македонската читателска публика со голем интерес го следи развојот на македонските прозаисти Владо Малески, Коле Чашуле, Георги Абаџиев, Јован Бошковски и други.
Во поезијата, која зазема посебно место во развојот на македонската литература, поради поголемата продуктивност, веќе изградениот поетски јазик и поизразеното уметничко оформување, познати се имињата на Венко Марковски, Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски, Србо Ивановски, Гане Тодоровски и други .
Превод од српскохрватски на статија објавена под наслов „Makedonska savremena književnost” во Oslobodjenje, Sarajevo, 09.12.1951.
Превод: Јасмина Шопова
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.
Тематски сродни текстови:
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- Современата македонска литература
- Еден профил на македонската литература
- И чест и одговорност
- Нашата литература дел од современиот книжевен мозаик
- Македонската литература се роди во НОБ