Магичната моќ на поезијата
Вашата прва збирка, Песни, од 1944 година, е истовремено и првата збрка на македонската повоена поезија. Ретроспективно, што мислите денес за тие Ваши први песни? И, понатаму: Кога и во кои услови ја напишавте Вашата прва песна?
Во деновите кога се објави, мојата прва збирка наиде на прием кој за мене значеше поттик и охрабрување. Беше отпечатена во Белград и донесена како подарок на Вториот конгрес на народната младина на Македонија. Денес, дваесет години подоцна, можам со доста гордост да кажам дека некои песни од оваа збирка, кои ги сакам и ги ценам како и другите од подоцнежните периоди, го издржаа испитот на времето и живеат во светот на поезијата.
Инаку, првата песна ја напишав како средношколец во Штип. Поводот беше војната и судбината на луѓето во овој град.
Вие прв го препеавте Хамлет на македонски. Инаку, преведувате поезија од различни странски јазици и важите за најдобар македонски преведувач на поезија. Дали преводот го оптоварува или го збогатува Вашето сопствено творештво?
Високо го ценам преводот на поезијата. Да се преведува значи да се создава. Преводот е креативен чин еднаков на оригиналниот. За мене препевот е друг начин на поетско постоење.
Ми се чини дека во секој поет живее некој друг, па дури и повеќе други поети кои не се еднакви по природа и по темперамент со него, но кои неодоливо го поттикнуваат да зборува со нивниот глас.
На различни поети сме го поставувале истото прашање, прашањето за поезијата или, ако сакате, за дефиницијата на животот?
Вообичаено, денес поимот живот се употребува упростено и еднострано, како нешто што само по себе е јасно и се подразбира. Сепак, тоа е една од најдлабоките тајни. Кога за писателот велиме: неговото дело е реална слика на животот, обично мислиме дека ова дело е повеќе или помалку уметнички промашено, бидејќи не успеало да продре под надворешните манифестации.
Поезијата е еден од можните одговори на прашањето за животот. Еден од можните, велам, благодарение на нејзината визија, нејзината интуиција, нејзиниот потенцијал да облагороди. Но, кога и како ќе одговори – тоа зависи од нејзината моќ и неповторлива автентичност.
Кои се Вашите главни преокупации како поет?
На светот околу мене и на настаните во него отсекогаш сум им пристапувал како кон мое најинтимно искуство. Колку сум успеал во тоа, не е мое да судам.
Како ја дефинирате Вашата поезија или поезијата воопшто?
Не знам дали поезијата може да се определи со една дефиниција. Еден југословенски поет, пред неколку децении, извика дека поезијата е чудење на животот¹, а друг, пред него, далеку од нашите граници, во својата горда осаменост, свечено објави дека поетот е како принц на облаците².
Намерно ги цитирав овие две различни мислења. Можеби и двете содржат дел од вистината, или некоја вистина за поезијата.
Според мене, магичната моќ на поезијата се состои во постојаното очовечување на животот.
Што би биле да не сте поет?
Не знам, не сум размислувал на таа тема. Ме привлекува развитокот на филозофските идеи од најстарите времиња до денес.
Ако го сакате морето, со кои зборви би се изразиле за него?
Морето е највозбудливиот и најзагадочниот симбол на траењето и исчезнувањето во нас и околу нас.
Вашиот најубав и Вашиот најтажен ден во животот?
Ги имало многу и убави и тажни. Затоа и сакам да живеам.
Имате ли некоја посебна желба во животот?
Да патувам.
Поставете ми Вие едно прашање.
Еве го прашањето: Зошто поезијата не е популарна и ценета како некогаш? Како го објаснувате тоа?
Ова веќе не е време на тишината.
Интервју објавено на српскохрватски јазик под наслов „Život – jedna od najdubljih tajni“ (Животот – една од најдлабоките тајни), Novi list, Rijeka, 15.5.1965, стр. 10. Разговорот го води Џакомо Скоти.
Вовед во објавеното интервју:
Името на Ацo Шопов е напишано на првата страница од книгата на родени на новата македонска поезија. Вистина е дека Шопов не е „најстариот“ од македонските повоени поети (хронолошки, по Славко Јаневски и Блаже Конески), но тој сепак стои на почетокот: првата стихозбирка објавена на македонски јазик по ослободувањето на Македонија е негова. Со него, наведува Димитар Митрев, во македонската поезија целосно започнува чинот на лирско себеоткривање. Шопов – поет роден во виорот на војната и револуцијата. „Со неговите песни е означен и полнокрвниот почеток на нашата интима.“
Роден во 1923 година, во Штип, Ацo Шопов учествувал во народноослободителната борба од 1943 година, како младински раководител во бригада чиј командант бил писателот Славко Јаневски.³ Денес е главен уредник на издавачкото претпријатие „Кочо Рацин“ од Скопје. Во неговите најважни дела се вбројуваат: На Грамос, Со наши раце, Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време и Небиднина. Последнава збирка беше дадена во печат непосредно пред тешката трагедија што му се случи на Скопје во 1963 година. Кога излезе, веќе немаше излог од книжарница во кој книгата би ја виделе оние на кои им беше наменета. Така пишуваа весниците веднаш по катастрофата. Денес, две години по скопскиот земјотрес и објавата на Небиднина, во разговорот со Ацо Шопов се враќаме не две туку преку дваесет години наназад.
1) Антун Бранко Шимиќ
2) Шарл Бодлер
3) Погрешна информација, Славко Јаневски не учествувал во НОБ.
Превод: Јасмина Шопова
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.