Лице и опачина (Околу годишното собрание на Друштвото на писателите)
Осум години... Навистина краток живот на една книжевност и една книжевна генерација за да можат да се донесат сигурни и неизменливи утврдувања за нејзината вредност и местата на нејзините творци. Фактот дека е збор за една сосем млада литература (и зар само во тој случај?) на оние што зеле на себе да го одбележуваат нејзиниот развоен пат и да вршат хируршки интервенции кога треба, им наложува крајна претпазливост, максимално познавање на предметот и (ми се чини дека ова треба особено да се подвлече) исто толку љубов, човечност и разбирање, колку и беспоштедна решеност да се отсече сè она што е паразитско и штетно.
Може ли да се рече дека грижата за литературата секогаш била над загриженоста во литературата?
Не верувам дека грешам кога тврдам дека до тоа прашање мора да дојде секој што сака непристрасно и објективно да суди. И на Осмото годишно собрание на Друштвото на писателите еруптивно изби на поврвнина таа загриженост. Далеку сум од секаква, па и најмала помисла да ја потценувам важноста на Осмото годишно собрание. Напротив, сметам дека досега ниедно наше годишно собрание не било така богато со разновидни размисли околу литературните проблеми, независно од начинот на кој беа поставени и третирани.
Па сепак... како да се објасни оној тревожен повик за одбрана на својот уметнички credo од некаква (би рекол, скоро наполно, а можеби и намерно исконструисана) опасност што заканува со својата закостенетост да ги пресуши новите струи во нашата литература? Каде се појавил тој фиктивен непријател со свртени копја против вистински современото и вистински новото, со еден збор против она што е навистина литература, а не „литература“? Кој е виновен кога сопствените уметнички вкусови и разбирања се подигаат на височината на аподиктичка вистина, па во објективот на таа вистина сите други линии и облици добиваат искривоколчен лик?
Неволно, по силата на тврдоглавоста на фактите, се наложува мислата дека во сите наши навидум литерарни борби всушност постојат само обиди за завојување на тактичко-стратегиски позиции. Постојат такви обиди и напомнуваат тие на егзалтираноста на некаков, решен но и лишен до голема степен од чувство за реална преценка и преоценка, командант, чии планови, токму поради недостиг на такво чувство, остануваат плод само на неговите комбинации и желби.
Голо тактизирање
Вистинските литерарни борби стојат сеуште пред нас, а за нивната реална претпоставка допрва се наѕираат првите никулци. Ако заборавиме дека секоја литерарна теорија нема никаква вредност сè додека не биде потврдена и проверена во литерарната пракса, може лесно да се најдеме во незавидна улога, да прелеваме од пусто во празно и во најарен случај туѓите искуства и туѓите моментални ситуации некритички да ги пренесуваме на наш терен.
Тешко, инаку, може да се разбере онаа наивна поделба на „стари“ и „млади“ писатели и „неколку неколку книжевни генерации“, како во литературата генерациите да се менуваат со мените на месечината. Ако Багрицки има право кога кликнува: „Десет години разлика – тоа е ситница!“, мислејќи при тоа на природната разлика во годините, што останува да се каже за временската разлика меѓу две или повеќе книжевни генерации? Нема сомнение дека денес може да се зборува всушност и сеуште само за една книжевна генерација во нашата литература.
Стара вистина е дека и нападот претставува одбрана. Во духот на таква офанзивна дефанзива, неуверлива и тенденциозна е и тезата дека некои писатели „молкум“ и „скришно“ приграбуваат туѓи концепции и сфаќања (отстапувајќи од своите со кои давале отпор на приграбените) и творат метаморфозирани од нивната спасоносна светлина, зашто истовремено токму тие што ја поставуваат и бранат таа теза очигледно се откажуваат од некои свои довчерашни ставови со кои всушност негираа сè и секого, само не... разбирливо, само не и оние на коишто паднала нивната пресметана благонаклоност, пак и пак детерминирана од длабоката потреба за... тактизирање. Каква е метаморфозата на тие отстапувања во текот на последните неколку месеци нека послужат следните цитати, земени од еден напис во кој авторот категорички тврди:
„... спомнав дека живееме и како читатели и како писатели во епохата на Жид, Хемингвеј и Давичо. Тоа секако не смее да биде безначајно за нашата проза, макар што е крајно апсурдно да ја продолжуваме под критериумот на остварувањата на овие предни духови.“ (подв. А. Ш.)
И подолу како логично продолжување на горната констатација.
„Сигурен сум дека и кај нас има луѓе што би могле да пишуваат исто онака и исто онака убаво како Тургењев. Но тоа не е уметност.“ (подв. А. Ш.)
Прво, епохата во која живееме „и како читатели и како писатели“ недвосмислено се определува како епоха на Жид, Хемингвеј и Давичо. Тоа се автори чија литература „блика од вистината за современиот човек“ и нивниот уметнички метод треба да се наложи како единствено средство за раскривање и транспонирање на сите комплицирани преливи и нијанси во душата на современите луѓе.
Второ, апсурдно е сè што е „под критериумот на остварувањата на овие предни духови и ја носи етикетата на безвредност, зашто сè тоа е застарено, книжно и бесперспективно“.
Само по неколку месеци, откако ни беше „расветлен“ проблемот во чија епоха живееме, истиот автор она што го напишал порано вака го објаснува:
„Во еден есеј за проблемите на прозата, покрај другото јас укажав на тоа дека постои и една друга и поинаква литература од онаа што ни е позната и што по некаков необјаснив навик и априорно ја сметаме за наша и за нетуѓа. Во врска со тоа, како што е познато, и за моја несреќа изгледа, го споменав и Хемингвеј.“ (подв. А. Ш.)
Да ја оставиме настрана претенциозноста на авторот што себе си ја припишува заслугата да ни се укаже на тоа „дека постои и една друга и поинаква литература од онаа што ни е позната“. Како да го примиме тврдењето дека тој само „го споменал Хемингвеја“ кога тоа име за него беше знаме на нашата епоха и патоказ на нашиот критериум? Зар овде не се работи за обично отстапување од поранешните ставови, за кое не би требало ни да се зборува ако тоа не се користеше за нов напад против „една систематична, зајадлива, еднострана, револтирана и навредлива кампања“, спроведувана од некого само поради попатното „споменување“ на Хемингвеја? Разни мислења, понекогаш неодмерени, понекогаш и навредливи, постоеле и постојат. Но кој е тој што ја спроведува таа „систематична итн. кампања“ и тоа „со очевидна цел да се депласира едно настојување за проширување на нашиот хоризонт“? Или пак тоа се халуцинации на човек што сака да се прикаже како жртва на неразбирање и инсинуации?
Бегање од вистинските проблеми
Така стои прашањето со метаморфозите. Можеби има и други приграбувања и метаморфози, но дали заслужуваат да се крене против нив така голем шум? Има и такви метаморфози кои претставуваат случај на деметаморфизација. Каква ќе биде последната ако од едно до друго годишно собрание се одречуваат сопствените искажувања?... И пак прашање: ако не е точна констатацијата дека постои голо тактизирање, како да се објаснат дитирамбите изречени за една литература исто толку „несовремена“ и „немодерна“ како и она што е предмет на долги и жестоки, директни и индиректин напади?
Зошто постои отворено бегање од некои проблеми како од подводни гребени, иако тие веќе одамна ѝ тежат на нашата литература? Не се уочени? Или се чека погоден момент? Или се работи за нешто друго? А тоа „нешто друго“ многу често настапува под плаштот на принципиелноста и принципиелната борба за... откривање на нови изразни можности и нови книжевни патишта. Но дали некој сторил штогоде приемливи усилби да го расветли проблемот на новото и модерното и по тој начин да помогне да се откријат нови хоризонти? Правиот уметник секогаш оди напред, открива и за себе и за другите, но не ги претставува своите сопствени откритија што му биле terra incognita како епохални откритија за сите.
Која толерантност и каква коегзистенција?
Осмото годишно собрание на Друштвото на писателите, покрај неговата од никого неодречувана важност и значење, ја изнесе на виделина и опачината на нашите литерарни борби. Тоа е појава над која треба да се замисли секој литерарен работник за да не се покаже во иднина дека и Педесетитрета била година на „детската возраст на нашата литература“.
На годишното собрание се кренаа гласови за толерантност и коегзистенција. Разбирливо и нужно за нашите услови: коегзистенција, но на творечките индивидуалности, на творечките струи, но не и со она што се протура како литература, а е резултат на бездарноста, коњуктурата и примитивизмот, како ни со филистерството и догматизмот на критичко-естетски план.
Очевидно, литературата е во вриеж и сè е сеуште нејасно, недооформено, неиздиференцирано и неодредено. Па неодговорно е во таква ситуација да се донесуваат категорични судови и да се даваат рецепти како и како најарно да се твори. А уште повеќе да се користи годишното или било кое друго собрание за одбрана (или наложување, сеедно) на лични или групни литерарни и нелитерарни ставови. Ние имаме многу заеднички интереси и проблеми кон кои треба да се сврти нашето внимание. Во таа смисла некои искуства од Осмото годишно собрание на Друштвото на писателите ќе бидат бе друго една поука за иднина.


Текстот е објавен во Современост, IV, 1-2, 1954, стр. 133-136, во рубриката „Трибуна“, под наслов „Лице и опачина (Околу годишното собрание на друштвото на писателите)“.
Тематски сродни текстови:
- Место одговор
- Издаваштво без пари и критика без анализа
- Здодевно е веќе, здодевно
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- За оваа наша мала, нерасповиена литература
- Поезија и препев
- По трагите на една конфузија
- За пресвртница
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.