Кочо Рацин, борец за правата и светлините човекови

Рациновото творештво не само што е израз на оние општествено-историски услови во кои се создава, туку тоа во литерарна смисла најпозитивно се надоврзува на нашата уметничка поезија од XIX век и ги продолжува нејзините најнови и битни текови.

Дваесет години веќе Рациновите Бели мугри во натпревар со ефемерноста секојдневно ја потврдуваат својата висока уметничка вредност заземајќи истакнато место во регионите на новата југословенска поезија, тој чуден свет од поетски кошмари, морничави наслутувања, сведоштва и неспокјни барања на автентични поетски осмислени визии на ова наше време што излегува од своите довчерашни текови.

Дваесет години веќе овој поетски ракопис патува од генерација до генерација и со несмалено поетско дејство допира до највозвишените и најхумани идеали на современиот човек, до она што е смисла и суштина на битието негово. Зар има поголемо признание за поетот ако по две децении на бурни потреси, преломи и промени може да се каже оти неговиот стих не потемнел од времето и не потонал во вителот на тие промени, а неговата поетска порака исто толку возбудлива и денес како и тогаш кога прв пат била јавно соопштена? Тоа е Кочо Рацин.

Во неговата личност поетот е слеан со човекот, човекот со борецот. Младиот работник под темните сводови на грнчарската работилница го сонува „силно-светнатиот ден“ над својата татковина, над целиот свет: Ако куќа не направив / со високи шимшир порти, / куќа цел свет братски ми е / братски срце што отвора, / срце − порта највисока, / срце − куќа најширока.

Но Рацин не ѝ се придружува на Револуцијата само со својот стих. Тој е борец со срце и ум, таков стапува во револуцијата и ја доживува како своја судбина. Тој ја чувствува, тој е свесен за силата на поетскиот збор, но истовремено суптилниот револуционерен усет го исфрла на широка практична агитационо-пропагандна револуционерна дејност. Така поетот на „Тутуноберачите“, на „Елегии“, на „Ленка“ станува не помал борец за правата и светлините човекови.

Во илегалната публикација Искра, Рацин е еден од најзначајните инспиратори на основната линија и духот на овој партиски орган. Откриен во оваа дејност и нечовечки мачен од полицијата, Рацин не само што ги одбива сите обвинувања туку и во писмото напишано со сопствена крв од затворот ги известува своите другари како да го сочуваат илегалниот материјал. Потоа доаѓа робијата, која и за него, како за многумина други станува училиште на револуционерата марксистичка наука за да ја пречека фашистичката инвазија како вистински пролетер и да го даде својот живот за онаа од него и од сиот народ толку мечтаена зора.

Во Рациновото творештво, согледано од аспектот на денешните литературни настани и бранувања, можат да се најдат одговори на многу актуелни литературни проблеми. Неговото творештво не само што е израз на оние општествено-историски услови во кои се создава, туку тоа во литерарна смисла најпозитивно се надоврзува на нашата уметничка поезија од XIX век и ги продолжува нејзините најнови и битни текови. Носејќи ги боите на она поднебје во кое никнува, мирисите на онаа земја што го родила, специфичноста на нејзината општествена и историска проблематика опфатена со еден церебрален поетски поглед, доживеана со едно богато поетско срце, Рациновото творештво како такво влегува органски во современата југословенска поезија и претставува нејзин неразделен дел. Затоа Рацин е интересен, автентичен, оригинален, современ, и ако сакате модерен поет.

Оваа литературна вечер, на која настапуваат членовите на Друштвото на писателите на Македонија со свои текстови за Рацина, уште еднаш нека оживее во нас светлиот лик на овој наш голем поет и борец.

Aco Šopov glaven portret 4

Беседа на Ацо Шопов на литературана вечер во Друштвото на писателите на Македонија посветена на Кочо Рацин, по повод дваесетгодишнината од објавувањето на Бели мугри, во 1959 год. Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ63.

Прочитајте го и текстот „По врвиците на Кочо Рацин“

Текстови во кои станува збор и за Кочо Рацин

  • Современата македонска литература
  • Ако постои поетски фатализам, тогаш јас сум еден од неговите најголеми поклоници
  • Еден профил на македонската литература
  • Ацо Шопов, поетот за кого е врзана еволуцијата на македонскиот поетски израз
  • Верувам во моќта на поезијата
  • Мојот збор е тврда вилица на времето
  • Македонската литература се роди во НОБ

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов