Книгата денес
И понатаму, иако има извесни симптоми на подобрување, кризата на издавачката дејност продолжува со изразита острина. Субвенциите доделени од државата ја ублажија оваа криза, но прашањето на книгата сè уште стои отворено и акутно. Општата положба на издавачките претпријатија во битност не е изменета: на ова подрачје слободно делуваат економските закони, книгата се пушта во промет како и секоја стока.
Дали е книгата обична стока?
Не мислам да се задржувам на некаква економска анализа на овој проблем. Ми се чини дека досегашната пракса доволно убедливо зборува во прилог на барањето, на книгата да не се гледа само комерцијално, само како на можност за финансиска егзистенција. Еден површен преглед на книжарниците ќе нѐ доведе до констатација дека литературата со несомнени уметнички квалитети сосем бавно допира до читателот за сметка на оние евтини, евтини по вредност и цена, изданија што го преплавуваат нашиот книжен пазар. Лесното поведување за вкусот на некои читатели и оставање стихијата да го определува изборот и квалитетот на делата, можат да предизвикаат длабоки негативни последици во развитокот на нашата литература. Низа издавачки куќи за уметничка литература се движат по опасната врвица на евтиното и булевардното, за да ги покријат дефицитите од онаа литература, што треба да стигне, но поради високите цени и неразвиениот вкус, тешко стига до читателот.
Издавачките претпријатија работат главно на стопанска сметка. Овде лежи јазелот на сите спротивности што ја следат издавачката дејност. А спротивности и тешкотии има од секаков вид. Ќе изнесам само неколку за илустрација.
Високи цени − недоволна куповна мoќ
Во споредба со изминатите години, со најблиското минато, цената на уметничката литература во нашата република порасна скоро четирипати. Овој скок несомнено дојде во расчекор со реалните куповни можности на читателската публика. Интензивното барање на книгата, така карактеристично за повоените години, наеднаш престана и изданијата почнаа да лежат во магазините и книжарските излози. Не само одделните купувачи, но и градските, реонските, школските и останатите библиотеки и читалишта останаа на оној книжен фонд со кој располагаа до ова осетно поскапување на книгата и своите средства за нови изданија ги ограничија на минимум.
Во таа ситуација низа елементи на конкурентска борба меѓу издавачките претпријатија дојдоа до потполн израз. Подобар квалитет, подобри технички услови, пониски цени − тоа беа прашања што се наложија пред издавачите. Книгоиздателството „Кочо Рацин“, кое во споредба со издавачките претпријатија во другите републики има полоши услови, мораше да ја ускладува својата издавачка дејност со таа ситуација, да пази на пазарот истовремено да не се појавуваат исти македонски и српскохрватски изданија, да ја проширува својата комерцијална активност и со тоа да го помага издавачкиот сектор. „Култура“ се ограничи скоро исклучиво на марксистичка литература, „Државното книгоиздателство“ на школски учебници, а „Детска радост“ на мали, популарни изданија за деца.
Каков е скокот на одделните елементи што ја сочинуваат цената на книгата, може да се види од следниве податоци:
Типографски производни трошоци за тираж од 4000 примероци
1950 г. | 1953 г. | |
---|---|---|
31/2 табаци 70 грм. хартија | 6.995 | 42.939 |
машински слог | 3.216 | 10.888 |
прелом | 763 | 1.845 |
печатене на флах-машина | 4.799 | 15.810 |
хартија за 4000 корици | 2.151 | 14.080 |
печатење на кориците | 1.060 | 4.335 |
книговезница | 6.744 | 28.930 |
Вкупно типогр. произв. трош. | 25.701 дин. | 118.868 дин. |
Вкупно издавачки трошоци | 36.003 дин. | 107.622 дин. |
Заедно издав. и типогр. трош. | 61.704 дин. | 226.490 дин. |
Овие податоци сосем јасно говорат кои елементи најмногу ја поскапуваат книгата. На конкретни примери, земени од 1953 година, тоа изгледа вака: Бранувања, раскази од B. Maлески, тираж 2.980 вкупно издавачки трошоци − 295.145 динари.
За да биде збирката достапна на читателите книгоиздателството „Кочо Рацин“ мораше да ја пушти во продажба по 60 дин. примерок и да обезбеди дотација од 116.345 дин. Како што се гледа, дотацијата изнесува близу од половината цена на чинењето. Еве уште еден пример, но сега за поезијата: Песни од Б. Конески, тираж 1020 Вкупно издавачки трошоци − 234.058 динари.
Песните на Конески печатени во 1.020 примероци на 100 стр., пуштени во продажба по 150 дин., беа дотирани со 81.058 дин. Јас намерно зедов две помали збирки, за да покажам како и за помалите изданија треба големи финансиски средства. Можете сами да си претставите какви средства треба да се обезбедат за збирки од 15-20 авторски табаци или неколку илјади стихови.
Цената на книгата во 1954 година уште повеќе ќе порасне, зашто печатарските услуги поскапуваат за 30 проценти.
Мали краткорочни кредити − неколкугодишна циркулација
Издавачките претпријатија не добиваат долгорочни кредити, што е условено и произлегува од самата природа на издавачката дејност. Тие добиваат кредити под исти услови како и сите други трговски претпријатија чии оснoвни средства можат да се обрнат во годината по неколкупати, што не е и не може да биде случај со книгоиздателствата. Овој процес во издавачката дејност трае две-три години, а често и повеќе. Оттука иде и честото блокирање на сметката за неостварениот финансиски план, задржување на одредените проценти од платниот фонд итн. Сè тоа има за последица планираните книги да чекаат за печат по неколку месеци а договорните обврски да се нарушуваат. Ако ги разгледаме издавачките планови на „Кочо Рацин“ за последните две-три години, и покрај несомнените успеси во минатата година, лесно ќе уочиме дека некои книги постојано фигурираат во тие планови, иако не се дадени во печат. Ракописите лекаат во книгоиздателството и нивното објавување зависи од моменталната финансиска ситуација.
Гореизнесените услови се и основна причина на неретките непријатни спорови меѓу издавачот и авторите на оригинални или преведени уметнички творби. Тие спорови избиваат околу предолгото задржување на ракописите, висината на авторските хонорари и начинот на плаќањето.
Колективот на „Кочо Рацин“ настојува нормално да го остварува издавачкиот план, но сè додека не се реши прашањето на кредитите тоа ќе биде сврзано со големи тешкотии. Не смееме да заборавиме дека, засега, остварувањето на планот зависи првенствено од пласирањето на веќе издадената литература.
Јас ќе бидам слободен да изнесам како се пласираат творбите на членовите на нашето Друштво, печатени во 1953 и некои во 1952 година:
Име на авторот | Име на книгата | Тираж | Пуштена во прод. | Продадено до 1.I.1954 | Има во складот |
---|---|---|---|---|---|
Абаџиев Ѓ. | Последна средба | 3000 | 24.V.53 | 848 | 2.152 |
Бојаџиски Борис | Првите цутови | 3000 | 1.IX.53 | 2.447 | 553 |
Дракул Симон | План. и далечините | 3000 | 17.IX.53 | 200 | 2.800 |
Ивановски Гого | Песни | 1000 | 25.III.53 | 514 | 485 |
Ивановски Гого | Луѓе по патот | 3000 | 10.XI.53 | 453 | 2.547 |
Ивановски Србо | Средби и разделби | 1000 | 25.І.53 | 660 | 440 |
Иљоски Васил | Чест | 1000 | 15.VI.53 | 225 | 775 |
Јаневски С. | Село зад седумте јасени | 3000 | 1.I.53 | 1.250 | 1.750 |
Конески Блаже | Песни | 1000 | 10.XI.53 | 276 | 729 |
Јордан Леов | Длабока рана | 3000 | 5.IX.53 | 590 | 2.410 |
Марковски Венко | Стихови | 3000 | 3.III.52 | 1.351 | 1.649 |
Малески Владо | Ѓурѓина алова (II изд.) | 3000 | 24.ІV.53 | 1.244 | 1.756 |
Малески Владо | Бранувања | 3000 | 25.XII.53 | / | 3.000 |
Николески Ванчо | Чудотворен кавал | 4000 | 1.IX.53 | 615 | 3.375 |
Петковски Р. | Рибарот Климе (II изд.) | 3000 | 24.V.53 | 986 | 2.014 |
Попов Стале | Крпен живот | 3000 | 1.IX.53 | 973 | 2.027 |
Тодоровски Гане | Тревожни звуци | 1000 | 10.X.53 | 228 | 762 |
Точко Иван | Бојана | 3000 | 25.XIII.53 | / | 3.000 |
Шопов Ацо | Стихови за маката и радоста | 2000 | 28.IX.52 | 1.670 | 330 |
Горната табела убедливо покажува дека поголемиот дел од тиражите лежи во складот на „Кочо Рацин“. Но и за оние што ги наведовме како продадени не може со сигурност да се тврди дека стопроцентно дошле во рацете на читателите, иако се изнесени од складот. Неколку проценти лежат по рафтовите на книжарниците.
Овдека сакам да истакнам од каква важност е заинтересираноста на авторите за судбата на своите дела. За жалост, авторите досега се интересирале само за тоа делата да им излезат од печат. Авторот на Првите цутови прв направи чекор директно да стапи во контакт со читателите и постигна значаен успех. Првите цутови [Борис Бојаџиски] печатени пред крај на 1953 год. за неколку месеци беа распродадени во 2447 примероци. Тоа е досега единствен случај за толку кусо време така бргу да се пласира едно издание. Навистина, може да послужи како поттик и пример.
Девизниот проблем
Често се слушаат преговори дека малу и недоволно преводиме странска литература на македонски јазик. Оваа забелешка во основа е точна, особено ако се земе предвид дека некои капитални дела што станале сопственост на сите културни народи не се преведени на наш јазик. Но преводот на странската литература сврзан е со многу тешкотии како што е недостигот на добри преводачи итн.
Сепак, најтешкиот проблем е проблемот на девизите. Книгоиздателствата се упатени девизите да ги купуваат на слободен пазар. А слободниот пазар бара извонредни финансиски издатоци. Само за книгата Мојот американски аџилак од С. Христов, „Кочо Рацин“ одвои 600.000 дин. за да набави девизи и да го исплати авторскиот хонорар. Не е тешко да се утврди дека десетина странски автори можат да ги апсорбираат сите финансиски средства на „Кочо Рацин“ кои не минуваат над 10 милиони динари.
Девизниот проблем е предмет за дискусија на сите состаноци во работата на Координациониот одбор на издавачките претпријатија. Но и до денденес тој остана отворен, а со него и проблемот за систематското преводење на странската литература.
Други проблеми
Како последица на фактот што специфичниот карактер на издавачката дејност со ништо не се издвојува во нашиот трговски систем, резултираат и многу други тешкотии и проблеми. Уште не е утврден конечно односот меѓу уметничките совети и управните одбори на книгоиздателствата. Уметничките совети се раководат пред сè од интересите на литературата, а управните одбори, по силата на објективната положба, принудени се да водат сметка за комерцијалната страна на издавачката дејност.
Крупен проблем е малцинската литература. Таа е, ми се чини, прилично запоставена. „Кочо Рацин“ издаде само неколку книги на албански и турски јазик. Сосем недоволно, но и оправдано. Едно книгоиздателство не може да го решава и реши проблемот на малцинската литература. Hегo треба да го решат други фактори, а можеби првенствено самите малцински писатели. Тоа е голема морална и материјала одговорност.
Нешто за критериумот
Критериумот не е засекогаш утврдена, непроменлива норма за одредување вредноста на едно уметничко дело. Тој произлегува oд книжевната политика во моментот. Освен стварните уметнички квалитети кои бездруго треба да послужат како основа за оценка на делото, него го определуваат и многу други компоненти. Со растежот на литературата се заострува и критериумот, но тоа заострување не смее да го достигне оној степен кога всушност ќе ги оневозможи сите талентирани писатели да се појават пред јавноста, во прв ред − помладите талентирани писатели. Не е исклучено да се појават и книги повеќе со историско-документарна одошто со уметничка вредност, ако такви какви се претставувале прилог во развитокот на нашата литература и сведочат за една нејзина измината етапа.
Личните односи кон литертурата и личните вкусови и сфаќања, како и исклучивоста на сите други вкусови и сфаќања, нужно водат кон монополистички позиции, а преку нив кон гушење на слободниот растеж на литературата.
Навистина, критерумот на уметничкот совет на „Кочо Рацин“ бил понекогаш низок, но и плаќaњето на таквата литература било под минимумот одреден со Уредбата за авторските хонорари. Нема сомнение дека и покрај некои случајни отстапувања, уметничкиот совет стоел на горните принципи.
Како заклучок на овдеизнесениот проблем за книгата можам да речам дека издавачката дејност е зрела за реорганизација. Дотогаш на книгоиздавателствата им претстои сериозна борба за солидни изданија, за пласирање на книгата и заострување на критериумот. Нашата општественост треба да се погрижи, библиотеките и читалиштата редовно да бидат снабдувани со сите наши изданија. Корисно би било да се организираат недели на книгата како што се практикуваше порано.


Текстот е објавен во Разгледи, I, 3, 31 Јануари 1954, стр. 3-4.
Издавачката дејност Шопов ја коментира во серија написи, од моментот кога ја основа издавачката куќа „Кочо Рацин“ во 1951 година, па сè до крајот на неговата кариера како издавач во 1970 година.
Тематски сродни текстови
- Писмо до младината од с. Пелинци, Козјачка околија
- Издаваштво без пари и критика без анализа
- Актуелни проблеми во издавачката дејност
- Книгата бара непрекината грижа, не кампањски пристап
- Нашата книга сè уште го бара својот пријател
- Недоразбирања на релацијата реформа и култура во издаваштвото
- Издавачка дејност од еден друг агол
- Tрeба да се надраснат личните интереси
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.