Ацо Шопов: Издаваштво без пари и критика без анализа
Фрагменти од дискусијата на Шопов на Седмото собрание на Друштвото на писателите на Македонија
Мислам дека е добро што се постави прашањето нашата издавачка дејност, за односите меѓу издавачот и авторите. Беше крајно време на ова прашање да му се посвети нужното внимание и да се изнесе со сета острина пред нашата културна јавност и општественост. Мене ме радува што предговорниците во својата дискусија ја зафатија суштината на ова прашање.
А суштината на прашањето, по мое мислење, се содржи во следното: може ли едно издавачко претпријатие за уметничка литература успешно да ја врши својата функција ако работи само на стопанска сметка, ако се третира како и сите други трговски претпријатија? Зар е книгата обична стока како и сите други стоки што се појавуваат на пазарот?
Одговорот може да биде само негативен.
Минатата година на книгоиздателството „Кочо Рацин“ му беше соопштено да планира дотација за сите книги предвидени во издавачкиот план, а особено за нашата домашна литература. Преку печатот бевме информирани дека за таа цел на нашата република ѝ се доделува сума од 70 милиони динари. Меѓутоа, „Кочо Рацин“ доби дотација од 200.000 дин. само за Село зад седумте јасени [Славко Јаневски] и неколку други преведени книги. Наеднаш книгоиздателството ce најде пред нерешливи финансиски тешкотии. Неколку книги од домашни и странски автори не можеа да бидат отпечатени без ризик да се затворат сите финансиски средства на претпријатието.
И покрај секојдневните настојувања да се заземе правилен став спрема уметничката литература, се дотираше главно марксистичката, историската и школската литература. Книгоиздателството „Кочо Рацин“ беше усмерувано да ја печати онаа уметничка литература која ќе му носи финансиски приходи.
Некои од писателите со право поставуваа прашање: Значат ли нашите книги придонес во развитокот на македонската литература? Ако значат, тогаш зошто не се обезбедат средства за нивното објавување? Сметам дека ова прашање е зрело за една јавна дискусија.
Сега неколку збора околу интимната лирика. Наполно се согласувам со сè она што го рекоа на оваа тема Митрев во својот реферат и Конески во дискусијата. Би додал уште неколку мисли:
Во некои весници и списанија се појавуваат написи коишто немаат никаква врска со вистинската критика, со естетската анализа, со борбата на мислењата. Бессилни да извршат било каква анализа за уметничката вредност на поетското или прозното дело, некои „критичари“ копјата на својата „критика“ ги свртуваат во сосем друг правец, место естетска анализа на делото даваат политичка карактеристика на авторот. Затоа таквата „критика“ ја компромитира и критиката и борбата на мислења и не може никому да користи.
Фрагменти од дискусијата на Шопов на Седмото собрание на Друштвото на писателите на Македонија, објавени во Разгледи (подлисток на Нова Македонија), бр. 13, на 23.4.1953, стр. 50.
Оригиналниот наслов гласи: „Некои ’критичари‘ место естетски анализи на делото даваат политички карактеристики на авторот“. Првиот дел од текстот се однесува на издавачката дејност која Шопов ја коментира во серија написи, од моментот кога ја основа издавачката куќа „Кочо Рацин“ во 1951 година, па сè до крајот на неговата кариера како издавач во 1970 година.
Вториот дел, посветен на „интимната лирика“ е еден од првите текстови кои се вбројуваат во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, а која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.