Идејна конфузија

Кога како заштитник на слободниот творечки развиток настапува бирократизмот засолнет зад демагошки фрази. И кога цеховскиот интерес проаѓа како општествен.

Без оглед на фактот што во низа основни документи, а пред сѐ во програмата на СКЈ постојат прецизно формулирани и принципиелно поставени становишта, проблемите на културата и уметничкото творештво, како и идејните проблеми што произлегуваат од нив, секидневно, а нема да биде претерано ако речеме дека и сѐ повеке се актуелизираат во литературните и стручни публикации, а исто така и во дневниот печат. Ова актуелизирање често ги менува рамките на оние проблеми што природно ги носи со себе културниот и уметничкиот живот и навлегува во суштината на принципиелните позиции.

Поради тоа, во секидневната практика се судираме со разни видови отстапувања од овие принципи што повремено се изразуваат во извесни недоразбирања, дури и конфронтирања помеѓу културата и уметноста од една и општеството од друга страна. Се разбира, овие недоразбирања и конфронтирања немаат општ, фронтален карактер. Нивни носители се главно одделни групи или групации што јавно настапуваат „во името“ на културата и уметноста, односно „во името“ на општеството. Нивните пак суштински мотиви се разновидни: конзервативни сфаќања, борба за „автономија“ на културата и уметноста, бирократско-етатистички тенденции и сл. Карактеристични се, значи, две крајности: одбрана на „вистинските“, „чистите“ и „независни“ интереси на културата и уметноста и бирократско-етатистички третман и пристап кон културата и уметноста.

На оваа релација се раѓаат низа идејни проблми. Меѓутоа, општо земено, зборувајќи за идејните проблеми врзани за културата и уметничкото творештво, не може да се рече дека идејните девијации кај нас се јавуваат во развиен теоретски вид, во единствен разработен и целосно изграден систем. Тие повеќе укажуваат на една идејна конфузија, еклектичко мешање на разни идејни позиции и некритичко прифаќање на туѓи идејни сфаќања.

Етатистичкиот, бирократскиот однос кон културата и уметноста најчесто произлегува од потценувањето и несфаќањето на самоуправниот механизам, од недовербата во него, или пак од обидот борбата против бирократизмот да се искористи и претвори во борба за сопствени, лични или групови интереси и позиции, при што се замаглува нивната принципиелна сушност, а личниот, односно цеховскиот интерес се изедначува со потребите на општеството. На тој начин бирократизмот добива нов облик, прилагоден на условите на самоуправувањето, а борбата против него станува потешка и посложена, зашто тој, бирократизмот, засолнет зад демагошки фрази, настапува како „заштитник“ на слободата и слободниот културен и творечки развиток.

Но корените на бирократско-етатестичките сфаќања на културата и уметноста не можат да се бараат исклучиво во оние субјективни сили што од разни причини, стихијно или свесно, постојат како нивни носители. Објективните услови во кои егзистираат културата и уметноста се на такво ниво во кое не постојат достатно реални претпоставки за оневозможување на овие појави. Во условите на релативна заостанатост и ниска продуктивност на трудот тие, напротив, наоѓаат погодно тло за обновување и многувидно оживување.

Поради тоа, одбраната на нашата култура од бирократско-етатистичките тенденции станува могу значајна и далекусежна.

Отпорот против бирократскиот и етатистичкиот пристап кон културата најчесто се изразува во реагирања во кои се настојува културата и уметничкото творештво да се одделат и постават визави општеството за да се одбранат нивните „автономи“ права. Притоа кон отпорите од овој вид, се придржуваат и надоврзуваат и разни други малограѓански и странски идејни влијанија.

Овие „автономни“ права во нашите услови се конкретизираат со сфаќањата дека културата и уметноста не треба и не можат да бидат вклучени во нашиот општествен систем, дека се таква сфера на духот што не трпи никакво „ограничување“ и дека секој обид за општествен третман на културата и уметноста значи всушност нивна „вулгаризација“, „деградирање“, „практицистичко“ и „утилитаристичко“ гледање и сл. Во името на слободата на творештвото се бара ослободување од „општествените стеги“.

Според овие сфаќања, за уметноста можат да судат и решаваат само нејзините творци, а општеството не е „компетентно“ да дава какви и да е оцени или на каков и да е начин да влијае врз нејзиниот развиток.

Не е тешко да се открие неодрживоста на овие сфаќања и да се заклучи дека тие содржат отворена тенденција за посебна, монополистичка положба на културата и уметноста во нашето општество. Заслужува да се истакне дека и нерешените материјални проблеми на културата и уметноста стихијно влечат кон вакви позиции кои се сфаќаат како единствен „излез“ и „пат“ да се надрасне таа ситуација.

Ацо Шопов во 1976 година

Препис на машинопис под наслов „Идејни проблеми во односот кон културата и уметноста“, кој се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ107, заведена со забелешка од архивистот „Дискусија на седница на ЦК СКМ“.

Според изразените ставови, овој текст најверојатно датира од почетокот на 1963 година, кога е водена дебатата „Литературната ситуација денес“, дискусијата „Во врска со Титовата мисла за уметноста – Разбирања и недоразбирања“ и кога е објавено и интервјуто „За односот општество – литература“.

Други тематски сродни текстови:

  • Слободата на уметничкиот израз низ призмата на личниот вкус
  • Културните сили во стегите на аристократизмот и примитивизмот
  • Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
  • Накратко за материјалните и идејните проблеми на културата и уметноста

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов