Здодевно е веќе, здодевно…¹
Немам намера да полемизирам со ставовите на Д. С.**, изнесени во Разгледи бр. 7 од 3. IV. 1955 година, во неговиот приказ на Современост бр. 1−2 од истата година, зашто побудите за објавување на овој напис лежат сосема на друга страна. Д. С. може да има право (како што може и да му се оспорува тоа право), кога станува против концепцијата во критиката на Димитар Митрев за стихозбирката Песни од Б[лаже] Конески. Во овој момент за мене (а се надевам и не само за мене) тоа е совршено неважно, иако по некој друг повод една исцрпна анализа на сè она што е излеано во низа и разновидни критички написи од последните години кај нас, може да нè доведе до парадоксални констатации, да ја разгрне пред нас нерадосната слика од исклучиви, недијалектички, апсурдно спротивни мислења и искажувања по едни исти прашања и од едни исти автори, мислења и искажувања што се сервираат до голема степен со тврдоглавост и вжештеност. Но, како што реков, не мислам да го засегнам овде тој проблем на критикувањето. Да го оставиме за сега, а да ја оставиме и критиката што е тангирана во написот на Д. С. самата да се брани со своето постоење.
Зборот ми е за една друга појава што како темна сенка шета на поприштето на нашата рецензија, а најновиот приказ на Д. С. е само уште еден пример повеќе, дека таа многу често бега од својот сопствен терен и ја компромитира својата функција, цел и намена.
Д. С. си поставил задача, како што недвосмислено излегува од насловот на неговиот приказ, да ги запознае читателите на Разгледи со двобројот на Современост. Но на цели две колони (ситен текст) од страниците на Разгледи тој ја критикува критиката за поезијата на Б. Конески и не наоѓа за потребно макар и со неколку збора да фрли критичка светлина и на другите прилози. Може да ми се приговори дека критичарот има право да го задржи своето внимание над оној прилог во списанието којшто за него и за другите по негово мислење, има најголем интерес. Тоа е неоспорно така. Но е чудно и навева секакви асоцијации фактот што тој не ги ни одбележува останатите прилози кои и по својата обемност и по својата вредност не заслужуваат потценување.
Така, Д. С. заведува една невообичаена пракса − обесценувајќи еден прилог го обесценува списанието како такво. Дека не е произволно ова тврдење може да се увери секој којшто макар и најповршно го прочитал неговиот приказ. Откако во името на нашата културно-литерарна јавност изразува „радост“ што авторот на спомената критика за поезијата на Б. Конески по една година молчење повторно дебитира, тој не се двоуми кога подвлекува дека таквата критика е обоена со основната боја на стилот на есеистиката во списанието. Современост, вели тој, во својата есеистика си изгради еден стил чија основна боја е дадена од прилозите на Ц[ветко] Мартиновски, и овој случаен цитат (збор е за еден цитат од критиката на Димитар Митрев, какви неретко можат да се најдат и кај литературни имиња кон кои Д. С. има несомнен респект, б. м.), (меѓу другите, се разбира), наведува на еден индиректен впечаток дека тој стил сега се доразработува и се усовршува со нужното вербално-ерудитивно верглање.
Пред сè, како може некој со своето едногодишно молчење и критичарска неактивност да го „доразработува и усовршува“ стилот на есеистиката во списанието? Очигледно, Д. С. се затрчал во своето тврдење. Или пак смета, дека со таква обоеност се карактеризира и стилот на Ј[ован] Бошковски, М[илан] Ѓурчинов, А[лександар]. Спасов, Г[ане] Тодоровски, Б[ранислав] Русиќ, Т[одор] Димитровски, Д[имче] Протуѓер, Е. Станковиќ, С[ерафима] Полјанец, М[ито] Х[аџи] Василев и многу други (да не ги редам сите зашто и на пишувачот од Разгледи многу добро му се познати), чии критики и есеи беа објавени во Современост.²
Навистина, ако така смета, тогаш им чини голема чест и на Д. Митрев и на Ц. Мартиновски што успеале својот стил да го наложат на сите гореспомнати и неспомнати литературни, научни и општествени работници.
Очигледно е дека Д. С. врши нaпaди на едно списание излегувајќи од крајно лични, крајно необјективни позиции: негирајќи еден критичарски стил не без цинизам и не без злорадост, кој ни од далеку не е така застапен во есеистиката на списанието како што Д. С. сака да го прикаже, тој се нафрла на сето списание и со тоа, по своја кривица, запаѓа во неудобна положба.
Здодевно е веќе да се повторува, дека извесни литерарни бранувања, плими и осеки на критичарско-стратегиски план кај нас, без реална почва, потсетуваат на една друга и поинаква книжевна атмосфера. Па можеби токму поради тоа и сите наши лични и неизживеани страсти и амбиции добиваат многу поексклузивен облик. Но тоа е веќе, уште еднаш повторувам, здодевно и за писателот, а секако најмногу − за читателот.


Текстот е објавен во Современост, V, 4, 1955 стр. 335-337. Тој се вбројува во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година.
* Алузија на сукобот меѓу реалистите и модернистите во Белград.
** Димитар Солев.
Фусноти објавени во текстот во Современост:
1) Овој напис без некои мали, сега веќе нужни дополнувања и објаснувања, беше предложен на редакцијата на Разгледи за печатење. Меѓутоа Разгледи одби да го отпечати, мотивирајќи ја таа своја постапка со тоа што во написот не било точно тврдењето дека Д. С. во својот приказ на Современост бр. 1-2 сака очигледно да го обесцени ова списание. Не навлегувајќи во суштината на мотивацијата, јас му оставам на објективниот читател сам да ја оцени нејзината вредност.
2) Тешко може да се изрече поголема навреда за соработниците на Современост од оваа што им ја упатува Д. С. Но тоа како да станува нормална појава кај нас. Ако нешто треба по секоја цена да се докаже тогаш се заборава на фактите што зборуваат поубедливо од секаква речитост. Еве уште еден пример за потврда на констатацијата дека во нашите книжевни публикации не се зазема секогаш принципиелен став:
Место мојот напис во кој ја критикувам целта на приказот од Д. С., редакцијата на Разгледи го објави писмото од Г. Тодоровски „Зошто истапив од Современост“. Како еден од првите уредници на Современост, познавајќи ја положбата во оваа редакција, со чувство на полна морална одговорност тврдам дека писмото на Г. Тодоровски е далеку од вистината. Можеби е игра на случајот, но објективно писмото го продолжува оној напад на Современост што го започна Д. С. Дали може одбивањето на мојот напис да се врзува со публикувањето на писмото од Г. Тодоровски − нека суди сам читателот.
Тематски сродни текстови:
- Место одговор
- Издаваштво без пари и критика без анализа
- Лице и опачина
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- За оваа наша мала, нерасповиена литература
- Поезија и препев
- По трагите на една конфузија
- За пресвртница
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.
