Исколчени мислења и судови
Поради малото јазично подрачје, современата македонска литература недоволно ѝ е позната не само на пошироката југословенска јавност, туку и на добар дел од оној круг луѓе за кои не може да се каже дека им се туѓи разбирањето и добриот вкус.
Можеби на таа денес веќе ненормална состојба, не би требало да ѝ се придава голема важност, да не е на повидок чудната појава на уште почудните, до заслепеност необјективни и произволно исконструирани судови, кои сè почесто ги исполнуваат страниците на некои републички литературни публикации и неделни списанија. Во магливата претстава за оваа југословенска книжевност, тие со ништо непоткрепени судови, наменети на неинформираните читатели, најочигледно ја илустрираат онаа бесплодна и безнадежна упорност во создавањето на афинитети што немаат ништо заедничко со литературата.
Навистина, зарем не е анахронизам, во една сериозна публикација каков што е на пример зборникот на „Рад“¹, во кој се застапени најеминентни претставници на нашиот општествен и културен живот, да се појавува и некој Милан Ѓурчинов со пасквил за македонската литература, чијшто прв збор е и последниот на скалата на обичната човечка пристрасност. Но ова не е единствениот пример, по повод десетгодишнината на Републиката, да се објавуваат дезинформации за оваа наша најмлада литература.
Злоупотребувајќи ја добронамерноста на некои редакции, истиот Милан Ѓурчинов неколкупати изнесуваше ставови за македонската книжевност, во чијашто објективност и принципиелност мора да се посомнева секој што и најмалку ги познава дејностите и развитокот на една литература. Сепак, можеби уште позачудувачки е што во овдешните повремени анкети се слушаат мислења лишени од секаква логика. Така, одговарајќи на една анкета на информативниот весник Репортер, еден истакнат белградски писател неодамна изјави дека заради јазикот не ја сфатил смислата на стиховите на еден македонски поет, но дека, читајќи ги, го доживеал истото што и дадениот поет кога ја посетил Задужбината Високи Дечани...
Долго и заморно би било набројувањето на тие очигледно исколчени мислења и судови од секакви сорти и со секакви намери. Она што е денес неопходно во голема мерка ги надминува рамките на досегашната пракса во меѓурепубличката соработка, којашто за жал беше проследна и со појави сродни на гореспоменатите. Станува збор за еден длабок, темелен, студиозен и суштински приод кон одделни југословенски литератури, а по cè судејќи, во прв ред кон најмладата меѓу нив – македонската. Современата македонска книжевност, во својот секавичен развој, ги остави далеку зад себе деновите на нејзиното детство. Со право, таа го зазема своето скромно, но секој ден cè повпечатливо место. Дојде мигот кога таа треба да стане предмет на поголемо внимание, не само од страна на македонските уметнички кругови. Денес, тоа е потреба којашто ги надминува рамките на една република. Јазикот не смее да биде несовладлива пречка. Секако, директниот допир со оригиналите би овозможил, и покрај несомнените потешкотии во почетокот, да се добие поцелосна претстава за македонската книжевност, а со тоа и поголема можност за правилно проценување на нејзините вистински квалитети.
***
Случајот сакаше овој напис кој има за цел да ги информира читателите на Вјесник у среду за можностите и достигнувањата на македонската литература, да зборува за младите творци.
Нивните дела се појавија изминативе денови во витрините на книжарниците. Тие се, во моментов, во центарот на нашите литературни дискусии.
Самиот факт што за неколку месеци се отпечатени десетина книги од помлади писатели доволно убедливо говори за живиот и буен процут и за превирањата во македонскиот литературен живот.
Дури ни на најповршниот поглед не може да му измолкне впечатокот дека и поезијата на младите е доминантен белег на овдешните книжевни случувања. Нивната бујна имагинација многу повеќе ја привлекуваат поетските преокупации отколку поголемите или помалите прозни достигнувања. А сепак, поголемиот дел од оваа поезија се врти во кругот на општите расположенија, на недоносените и недоживеани мотиви и едноликоста на поетскиот израз. Присуството на туѓиот поетски израз и на туѓата творечка постапка се чувствува до таа мера што честопати ја доведува во прашање оригиналноста на многу млади писатели кои ги прават првите чекори во литературата или кои се веќе познати на нашата јавност. Тоа е, би рекле, поезија без индивидуалност.
Но, несомнено е дека меѓу мноштвото имиња се издвојуваат и такви кои внатрешниот импулс ги одведе на патот на постепена афирмација на сопственото поетско доживување на светот. Треба секако да се споменат надарените поети Михо Атанасовски (Очите и измаглините), Илјами Емин (Живо тот пее и плаче), Радивоје Пешиќ (Не плачи Магдалена) и Анте Поповски (Одблесоци). Сите тие, повеќе или помалку, и покрај видливиот напор да се ослободат од туѓото поетско влијание (чие присуство не изостанало во споменатите збирки) успеале да втиснат подлабока трага од својата поетска личност во некои свои песни.
Опороста и потешката податливиот на прозната материја, како и бројните формалистички сфаќања на современата проза, ја доведоа прозата на младите под нивото на поезијата на нивните колеги. За многу млади прозаисти, битното прашање на прозното творештво се состоеше во потрагата по формални средства (во која се отиде толку далеку што дури и правописните решенија се земаа како образец за вистинската современа литература) на штета на животната уверливост и уметничката носивост на делото.
Со слични неотпорности е оптоварена и првата книга на Димитар Солев, Окопнети снегови. Пишувана во релативно подолг временски период, прозата на Димитар Солев во себе ги носи сите можни осцилации на една нестабилна, кревка, несигурна – бледа и бескрвна литература. Пишувана со намера да биде уметнички документ на едно детство и едно поднебје со специфично медитеранско обележје, таа ја промашува таквата цел затоа што не успева да го најде изворот во своето сопствено битие, туку во туѓите модели. Стилски хетерогена, оваа проза е инспирирана од лектирата, а не од вистинското доживување на нејзиниот автор. Лектирата од Балзак до Хемингвеј и Фокнер.


Превод од хрватскосрпски на машинопис од Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ46, под наслов: „За подобро запознавање со современата македонска книжевност“. Според содржината на текстот може да се заклучи дека е напишан за загрепскиот неделник Vjesnik u sredu, во 1956 година. Овој текст се вбројува во написите на Шопов во врска со местото на македонската книжевност во југословенски рамки. Тој исто така се вбројува во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година.
Првиот дел од текстот бил објавен на македонски во 1955 година.
1) Веројатно станува збор за: Нова македонска књижевност. Десет година нове Југославије, Београд, 1956.
Превод (на вториот дел од текстот): Јасмина Шопова
Тематски сродни текстови
- Македонската современа книжевност
- Современата македонска литература
- Еден профил на македонската литература
- И чест и одговорност
- Нашата литература дел од современиот книжевен мозаик
- Македонската литература се роди во НОБ
- Место одговор
- Издаваштво без пари и критика без анализа
- Лице и опачина
- Здодевно е веќе, здодевно
- За оваа наша мала, нерасповиена литература
- Поезија и препев
- По трагите на една конфузија
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.