За оваа наша мала, нерасповиена литература
Обично, на крајот на секоја измината и во почетокот на секоја нова година, за литературниот живот и литературната продукција се прават опстојни анализи, прегледи, споредби, се донесуваат нови судови, констатации, коригиpaјќи ги старите, и се посочуваат општите развојни стремежи и тенденции во литературата.
Целта на овој напис е многу поскромна. Авторот на написов многу добро знае дека поголемиот дел од тие (и по други поводи искажувани) судови, констатации и укажувања биле осудувани на неизбежно пропаѓање скоро истовремено со нивното раѓање под перото на многумина што сакаат да станат жреци и пророци на оваа наша мала, нерасповиена, кутра литература¹. Докази? − ќе побарате. Можат да се наведат во таков импозантен квантум што страниците на овој весник би биле недостатни и за обично набројување. Сетете се само на теоријата дека во нашата литература секоја година доаѓа по една нова литературна генерација од средношколските клупи.
Зар е нужен некаков коментар за да се укаже на сета бесмисленост и апсурдност на оваа „теорија“, која литературните генерации ги третира како печурки после дожд²? И каде би била денес нашата литература ако таа теорија содржеше само зрнце вистина? И ако е така (а по мое мислење е несомнено така), зар авторите на оваа теорија, свесно или несвесно − сеедно, всушност и објективно не ги потсилуваат оние во основа здрави и нормални амбиции кај сите што ги прават своите први обиди и чекори во литературата? И, уште еднаш, зар тоа не може да се сфати како потез на кокетирање со оние што треба да станат војници да би се зголемил сопствениот „литературен“ табор?
Да, сешто може да се открие за теоријата на „средношколските клупи“... Сетете се само на писмото упатено од еден млад критичар (М. Ѓ.³) до поетот С. И.⁴ во врска со еден од неговите први раскази, сетете се само на тоа писмо во кое глорификацијата добива светски димензии, за да биде веднаш потоа молкум одречена од истиот млад критичар во името... во името на една нова глорификација што го фрли во сенка и споменатиот поет и сета македонска литература...⁵
Но да ги оставиме настрана сеќавањата, зашто сите што се интересираат за литературата не болуваат од заборавност како многу нејзини теоретичари и критичари, да ги оставиме и да се вратиме кон некои акутни прашања.
Авангардизам, стандардност и уште нешто
Скоро во сите свои написи некои наши рецензенти и критичари со голема умисленост жонглираат со зборовите авангардизам и стандардност. Се разбира, во литературата секогаш постоеле и ќе постојат стандардни и авангардни остварувања, просек и над просек, нешто што ќе го одбележува моментот на начин веќе yтврден и познат и нешто што излегува од утврдениот колосек, ги разбива скаменетите норми и шаблони, нешто што е можеби само претскажување и наслутување на она што ќе ги добие утре своите завршни облици.
Но интересно е како некои приоѓаат на авангардното и стандарното кај нас. Според нив, и за нив, авангардни се сите постигања на нивните случајни или по некаков афинитет привлечени едномисленици, без оглед на стварната уметничка вредност на тие постигања, додека сите други остварувања априорно и без објаснение се именуваат како стандардна продукција. И што се случува? Ваквата групашко-критичарска постапка нужно води кон смешни, со ништо непоткрепени, бескрвни и тотално неуверливи судови, кон перманентно, немотивирано и за секој внимателен читател неразбирливо менување на литературните ставови за да се стави на авангардно (односно стандардно) место некоја литературна творба.
Таа постапка доведе до таква парадоксална ситуација да се напаѓаат со оган и меч некои литературни постигања, чија вредност со ништо не може да се оспори и да се глорифицираат други, во кои, освен звучната критичарска фраза за нив, и со најголема пристрасност тешко може да се открие некаков квалитет кој колку-толку ќe се совпаѓа со изречениот суд. А сето тоа недвосмислено уверува дека еден дел од нашата критика е сè друго само не и она што треба и е должна да биде.
Остварувањата ги побиваат ставовите
И површното разгледување на некои литературни публикации укажува на една чудновидна метаморфоза на литературните ставови, која често се оправдува со младоста на нашите теоретичари. Многу битни, основни ставови, од приказ до приказ од статија до статија се менуваат, а никој ни со еден збор не се чувствува обврзан да ги објасни мотивите за промената на сопствените литературни позиции.
Но постои и нешто друго што го раскинува превезот на сегашната вештачка конфронтација и сите дела ги става во нивниот реален однос. Многумина ги декларираа своите литературни ставови уште пред неколку години, без да се потпрат на својата литературна пракса, зашто таа или воопшто не постоеше или беше сосем мала и незначајна. По еден спекулативен, апстрактен и априористички пат се создаваше едно литературно credo кое во праксата требаше да ја доживее својата афирмација. И... минаа неколку години. Сите што се заземаа за споменатото сrеdо ги објавија своите први литературни творби. Каква е афирмацијата на нивните литературни ставови? Не навлегувам во проблемот за вредноста на нивните литературни првенци, но едно е недвосмислено: непремостива е бездната меѓу зборот и делото, меѓу она во чие име литературно се настапува и она што се постига како литература. Нешто е неодрживо: теоријата или праксата. Меѓусебно тие, кај нив, се исклучуваат.
И така, всушност, денес станува обична бесмислица поделбата на „модернисти“ и „реалисти“, зашто стварната слика на нашата сегашна литература е сосем поинаква, одошто некои настојуваат и се мачат да ја прикажат.
Оваа навистина хаотична состојба често се оправдува со младоста на некои наши критичари, со нивниот буен темперамент, залетување и слично. Па спрема тоа треба и да им се простува.
Кога е веќе збор за младоста треба да се пречисти: дали се работи за човечка или литературна младост? Ако одговорот се однесува кон првиот дел од ова прашање, тогаш со таква младост, со мали исклучоци, можат да се пoфалат сите кај нас што ја создаваат литературата. Ако пак одговорот клони кон вториот дел на прашањето, дозволете ми да поставам неколку прашања: Дали може да се смета за литературна теорија и критика нешто што е резултат на незрелост, обична младешка вжештеност, амбиција итн.? Дали на младоста треба да ѝ се прават концесии и околу некои основи вистини што се вон секакво сомнение? Дали со тоа не ја заслужуваме недовербата на нашата јавност и осудата на утрешниот ден?


Текстот е објавен во Хоризонт, II, бр. 1−2, 1957, стр. 1-2, под наслов „Уште една годинa“. Тој се вбројува во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година.
1) Фуснота во текстот објавен во Хоризонт: За да нема недоразбирање: секој може да зборува и да пишува за литературата. А како тоа ќе го стори зависи од неговото чувство за објективност и желба да се стои на принципиелни позиции... Но секој треба истовремено и да биде спремен за својот јавен акт да трпи јавна критика, со што, за жалење, многумина не можат да се пофалат.
2) Сликата за генерациите во македонската литература што „растат како печурки по дожд“ се појавува повторно (но со уште порадикален заклучок: „Растат со принципот: пред мене − ништо, по мене − пак ништо“), во текстот „Го сакам Мајаковски, но жив, а не мумија“ (стр. 36).
3) Милан Ѓурчинов
4) Србо Ивановски
5) Во текстот „По трагите на една конфузија“ (стр. 125), Ацо Шопов детално го разработува овој проблем на негирање на сопствениот став.
Тематски сродни текстови
- Место одговор
- Издаваштво без пари и критика без анализа
- Лице и опачина
- Здодевно е веќе, здодевно
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- Поезија и препев
- По трагите на една конфузија
- За пресвртница
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.