За младинските гласила
Во периодот исполнет со низа општествени процеси и движења, кои во најголема мера наоѓаат свој одраз и во работа на организацијата на Народната младина, прашањето за издавачката дејност наменета на младите и настојувањата, пишаниот збор сѐ повеќе и сѐ поустојчиво да се јавува како чинител во нивното воспитување, добива посебно значење и актуелност. Растежот на младинските гласила, сопствените изданија на младите, како и третирањето на проблемите на младите од страна на изданијата на постојните издавачки куќи ќе бидат предмет на нашава анализа што има за цел да предизвика еден заеднички договор за понатамошни покоординирани и посистематски настојувања за афирацијата на пишаниот збор, издавањето младинска литература од сите области што ги интересираат младите, сето тоа со цел нашата идеолошко-политичка и воспитна работа што повеќе да се осовремени и интензивира.
Третирањето на прашањата поврзани за издавачката дејност на младите секако наложува посебен осврт на младинските гласила, како заради нивното наменско постоење, така и заради сè поголемиот интерес на младината за нив, од една страна, а од друга страна и заради тоа што тому тој интерс фрла посебни рефлекси на содржината и формата на тие гласила и – она што е во основата – Народната младина, особено во последниве години, наоѓајќи се во понов сооднос на општествено ангажрање на своето членство, бележи осетен пораст на разновидните дејности на младиот човек, па оттука, пишаниот збор и радиото стануваат современа потреба на тие активности.
Кога зборуваме за тие младински гласила овде во прв ред мислиме на Републичкиот весник Млад борец како орган на Народната младина на Македониja, на младинската програма на Радио Скопје и на весникот на студентите на Македонија Студентски збор. Но секако и овде не треба да запреме. Зашто во последниве години, особено како резултат на широката раздвиженост на формите и активностите во кои дејствувал младиот човек и природната потреба за себе искажување, за творечкото транспонирање на склоностите на младиот човек, во низа училишта, во повеќе грацови се јавија многу позитивни иницијативи за покренување локални весници, литературни списанија, повремени алманаси, што зборува за една потреба која од своја страна донесе уште една форма на мобилност на младите, покрај мнозинството на постојките.
Оттука е нужно и согледување, кога овде веќе станува збор за издавачката дејност за младите и од младите, и на низата проблеми што искрнусваат во постоењето на ваквите активности и нивното покренување. Постоењето на Млад борец, младинската програма на Радио-Скопје и Студентски збор, нивната прифатеност од се поголем број читатели и слушачи, потребата од ваква форма на дејствување врз воспитните процеси на младата личност проблемите со кои тие се среќаваат во секојдневната работа, озадаченостите што ги поставува општествениот развиток на воспитувањето на младиот човек, улогата што тие ја играат и треба да ја одиграат, наложуваат првпат преку овој обид да се даде еден поцелосен преглед и посебен осврт.
Она што е заеднички белег и на Млад борец и на младинската програма и на Студентски збор – тоа несомнено треба да се потцрта, е дека во досегашното свое постоење успеале да одговорат на една намена, во доволна мера да задоволат една широка потреба на младиот човек, како во поглед на информираноста, ангажираноста на третирањето на проблемите што ги носеше секојдневието за младиот човек, исто така и во поглед на изнаоѓањето на активното место на творечкиот интерес на младите луѓе. Општествениот развиток, грижата на заедницата, зголемената улога на Народната младина и пред овие гласила поставија свои одредени и нови барања.
Во нашите современи услови, воспитувањето на младата личност не запира на неколку компоненти. Создавањето на комплетната личност е процес што се остварува во содржината на најразновидните текови на ова наше секојдневие. Сверите на интересот на младиот човек се вткајуваат во сите области на човековото дејствување, го интензивираат творечкиот потенцијал, создадените општествени услови и далекусежни процеси, го истакнуваат младиот човек како мобилен фактор и дејствуваат врз неговата целосна општествена афирмација.
Денешниот младинец знае многу, сака многу да сознае, да научи. Тој сака да се запознае со сѐ, да усвојува, контактот со печатот, со книгите, со радиото е неговата постојана комуникација вткаена во секојдневната активност. Младиот човек е добар читател (или барем треба тоа да биде низ постојана употреба на оваа форма на разновидните активности). Тој консумира сè што му се пружа и тоа онака како што тоа му се дава. Но, тој има и свои барања, оправдани и големи: тој контакт треба да му се овозможува, да му се приближува, да се ориентира, да биде наменет, да извира од потебите и да биде насочен кон перспективите. Младиот читател на Млад борец, на Студентски збор, слушачот на младинската програма, бара да биде информиран за сѐ. Тој бара да биде информиран за сите настани во светот, посебно во нашата земја, во нашиот општествен живот. Тој бара да ги согледа перспективите на тој развиток, сака да ги знае перспективите на местото во кое живее и во врска со тоа да ги најде и стоите перспективи на сестран развиток.
Младиот сака да дознае повеќе за времето од славната историја во која не беше учесник, туку кое го познава низ историјата, за идеалите на претходните генрации, сака да усвојува и да го изградува својот идеал. Тој сака да биде информиран и што повеќе да се пишува за неговата активност во организацијата на Народната младина и во другите општествени организации, во органите на самоуправувањето. Да се пишува за сите места каде што живее и работи младиот човек, да ги транспонира своите творечки склоности. Разностран е интересот на младите, широки се дејностите каде што младиот човек наоѓа афирмација на својата личност, па токму затоа е голема одговорноста на младинските гласила во наоѓањето вистинското место и намена.
Неоспорно е дека Млад борец и Студентски збор и младинската програма на Радио-Скопје, што се наоѓаат исправени пред сложеното прашање, како и низ што да се биде наменет за младите, да се одговори на една широка и разновидна потреба со една нужна свежина и пристап што е соответен за возраста на читателот, да се биде разностран фактор во воспитувањето на тој млад читател, иако во основа со иста цел и озадаченост, имаат свои специфичности, нужно диктирани од условите и конкретната намена, па токму затоа во натамошното излагање ќе направиме одделен осврт за нив.
Млад борец
Весникот Млад борец навлегува во деветнаесетата година од своето постоење. Јавувајќи се како прв весник на македонски јазик во текот на народната револуција, тој ја продолжува традицијата да биде гласило на Народната младина на Македонија и на секој млад човек, менувајќи ја својата физиономија, напоредо со изменатите услови во кои дејствува народната младина и младиот човек, стремејќи се да биде во сочекор со процесите што влијаат врз оформувањето на младата личност.
Особено во последниве години, напоредно со зајакнувањата на Народната младина, Млад борец и самиот се збогатуваше и зајакнуваше како нејзини орган, афирмирајќи ги активностите на младината и станувајќи сѐ почитан весник. За илустрација на ова тврдење, може да послужи, меѓу другото и движењето на неговиот тираж. Така на пример, додека во 1957 година излегува во 121,900 примероци со просек од 5.800 броја, во 1961 година се отпечатени 613.450 примероци со просечен тираж од 12.262 заедно со летните месеци кога тиражот опаѓа на 3,500 примероци. Инаку просечниот константен тираж во другите месеци се движи околу бројката од 20.000 примероци. Главно овој тираж е ориентиран кон младината во училиштата. Меѓутоа, и редакцијата го согледува и се бори со тој проблем, а и пред Народната младина се поставува со сета своја оштрина прашањето на продирот на весникот меѓу младината во стопанските организации и на село, зошто, на пример, просечниот тираж во 1961 година од 12.269 примероци покажува дека 9.467 отпаѓаат на читателите во училиштата (овде е и бројот на училиштата на село), 1.478 во активите во стопанските организации, а само околу стотина примероци на село.
Зголемената разновидна дејност на народната младина и другите организации што опфаќаат младина, а наедно со тоа и разгранетата активност на младите во разните форми од нашата социјалистичка демократија и потребата таа активност, дејност и тоа учество да се следат во младинскиот печат, наложи скратување на време-излегувањето на Млад борец па започнувајќи од мај 1960 година наместо двапати во месецот весникот излегува седмично. Продолжувајќи го својот константен растеж, од јануари 1962 година Млад борец минува на голем формат со што е зголемен значително просторот на кој се третира секојдневната проблематика на младиот човек.
Кадровското прашање како едно од најсуштествените во основа е решено па се овозложи да се ликвидира аматерското уредување на весникот и го осигурува неговото натамошно растење. Формирањето и работата на Управниот одбор исто така плодотворно се одрази врз планот на функционизирањето на оваа новинска установа зацврстувајќи ја и оспособувајќи ја за снаоѓање на динамичноста на новинарското работење денес и оцртувајќи ги перспективите за нејзино понатамошно изградување и оформување со прераснување во издавачка куќа наменета за младите.
Како весник на Народната младина на Македонија, Млад борец досега успеал, главно низ своето редовно седмично излегување, на соответен начин да ја спроведува и афирмира дневната политика на организацијата, да ја следи практиката на нејзината дејност, да ги третира настаните што се во центарот на интересот на младиот човек. Во тој однос е направен значителен чекор, особено во последниве години, во избегнување на тесното сталешко и организационо третирање, премавнување на тесните рамки на она што е „за младинецот“ и што не е. Постоењето на рубриките „наши разговори“, „на дневен ред“, „наши теми“, „искуства“, „мала трибина“ во кои преку мали и јавни дискусии, анкетирања се изнесувани практични согледувања на теренот, овозможи пошироко зафаќање од разни аспекти, на многу идни проблеми на младиот човек, и активностите во кои тој дејаствува.
Меѓутоа, на страниците на Млад борец се среќаваат и написи за таквата проблематика на кои им недостига посигурна носивост, цврстина да издржат тежина која би се создала не само од задлабоченост и информираност односно од познавање на материјата за која се пишува, туку и од едно систематско и континуирано зафаќање на прашањата што се суштествени. Често има случаи зад полесните новинарски форми да се крие и недоволно познавање на проблемите кои се обработуваат (особено на село и за столанските организации) и сувопарно теоретизирање.
Проблемите што се третирани на страниците на весникот се разновидни и од разни аспекти. Видливо е едно практично задлабочено приоѓање, особено во броевите од новиот формат кои носат и еден мал изменет концепциски приод: пошироко зафаќање на секојдневните актуелности.
Присутна е општествената хроника што зафаќа редица прашања од разновиден карактер, анализаторско приоѓање кон искуствата и разултатите, афирмирање на позитивното, но не и прикривање на негативностите и пречките. Забележлив е стремежот во однос на третирането на отделни прашања за премавнување на чисто слоевското категоризирање, туку низ разни аспести согледување на проблемите на младиот човек, за кои е поврзан неговиот интерес, иако и овде отсуствуваат проблеми на младиот човек на село .
Позитивен чекор е направен и во новинарското третирање на чисто организационите прашања од делокругот на работата на Народната младина со тоа што начинот на изнесувањето на тие прашања е оживеан и приближен до читателот преку нивно непосредно зафаќање на во тој однос и натаму си останува потреба во оној негов дел кој што инаку ја изразува организацијата да го информираат не само новинарите, туку и младинските активности.
Опфаќајќи во своите читачки редови генерации чие што детство започнуваше во деновите на Народно ослободителната борба Млад борец во последниве години особено одделуваше знатен простор за оживотворување на спомените на Народната револуција, континуирано запознавајќи ги со славната исто- рија токму оние што најмногу имаа потреба од тоа – младите генерации. Така, само во јубилејната 1961 година се објавени 328 страници текст со тематика од НОБ.
На надворешно политичката страница од весникот секако треба да ѝ се стави забелешка заради отсуството на материјали што ќе информираат за животот на младината од разни краишта во светот.
Поголем простор за творечките наклоности на младите
Од година во година забележлив е бројот на сѐ нови и нови имиња на соработници – читатели што на своевиден начин учествуваат во весникот. Соработката на читателите е присутна на сите негови страници, а со воведувањето на рубриката „ваш калеидоскоп“, со која што на забавните страници се обезбедува интересен домашен материјал, контактот со читателите станува поброен. Меѓутоа, се чувствува потреба од уште позаангажирано контактирање со читателите од една страна а од друга страна сеуште не задоволува учеството на младинските активисти од теренот во соработката и контактирањето со весникот.
Чувствувајќи ја потребата од поголем простор за творечките наклоности на младите луѓе, чие што присуство во секојдневниот подем на нашата литература и уметноста воопшто е забележливо, и постојаното проширување на кругот на овие што со интерес го следат и активно учествуваат во тој процес, почнувајќи од јануари 1961 година Peдакцијата на Млад борец го покрена својот месечен прилог за уметнички прашања „Координати“ чие што досегашно излегување и откривање на над стотина нови имиња на неговите страници ја оправда својата намена.
На станиците од „културната рубрика“, како и на страниците на „Координати“ се објавени, односно се афирмирани обидите и разновидните интересирања на многу млади луѓе што зачекоруваат во уметноста давајќи им помош и поддршка на нивните развивања. Секој број на „Координати“ и покрај тоа што сите негови страницата се наменети за афирмација на постигањата на младите и третирање уметнички прашања од сверите на интересот на младите, на две страници донесува прилози на литературните дружини, клубови и прилози на ликовните секции во Републиката што е уште една своевинда афирмација на творечките импулси на младите.
Досега излезените броеви на „Координати“ сосема јасно зборуваат дека овој прилог излегувајќи во пресрет на нараснатите барања на творечките сили на младите наиде нa широк прием кај читателите со концепцијата од младите за младите што ја носи проблематиката и начинот на третирањето на овие броеви.
Просторот е наменет за младите но и отворен кон сè што е квалитетно и позитивно подстрекнувачки на тој творечки потенцијал кај младите. Во два три наврати е направен успешен обид за третирање на општествени прашања низ аспектот – младиот човек денес, меѓутоа, како да сѐ остана на инцидентноста. Во оваа смисла се нужни понатамошни напори на редакцијата за посистемно третирање на ваквата проблематика и проширување на кругот на соработниците.
Иако прилогот третира уметнички прашања, забележливо е превагнувањето кон литаратурата па, потребата од еден сооднос со разновиден третман на проблемите и на другите уметности и од поширок круг луѓе сама по себе се наметнува.
За најмладите автори початници, покрај станиците на литературните дружини е отворен и другиот простор. Не сомнено во овие броеви се забележани многу квалитетности и се откриени низа надежни имиња.
Меѓутоа, она што се забележува посебно е прилично едностранчивата дејност на таа соработка. Младите луѓе пишуваат песни, поретко и раскази. Понатаму пишувачките текови како да запреле: нема рецензија, нема есеј, нема поширок зафат, па оттука произлегува и оној впечаток на едноличност што се добива при следењето на страниците на литературните дружини.
Несомнено е дека во последниве години Млад борец бележи видно квалитетно и квантитетно растење. Видлива е и присутноста на една системна концепциска изграденост и оформена физиономија прифатена од читателите чиј што број е во постојан пораст. Задржувајќи се при оваа констатација, исто така, на може а да не се уочат и одделни видливи слабости и тешкотии со кои се бори редакцијата. Има слабости и пропусти што едно поангажирано дејствување би ги надминало. Меѓутоа, и овде требда да се истакне дека и покрај ваквиот растеж ни сега весникот не е во состојба да ги избегнува финасиските и другите тешкотии што му го оневозможуваат нормалното работење.
За добриот квалитет на весникот, за да се одговори на интересот на читателот, да се биде истовремено и интересен и совршен се нужни повеќе материјални одделувања. А денеска редакцијата на овој весник се наоѓа во финасиски неизлезности, во недостиг на работни простории и други материјални средства што секако се елементи што ја стеснуваат прицелосното одговарање на нужната физиономија.
Студентски збор
Општествената ангажираност во напорите за нова физиономија на високото школство што ќе одговори на зголемените потреби на нашиот општествен и стопански развиток за квалитетни кадри што навреме ќе придоаѓаат, и весникот на студентите Студентски збор го стави во една сосема нова улога, во директен учесник и информатор за тие процеси.
Токму ваквата поставеност и грижата на редакцијата несомнено доведе до квалитетен растеж на овој весник, до тоа да се афирмира сѐ повеќе како јавна трибина за проблемите на студентите. Додека поранешните години весникот Студентски збор често се јавуваше повремено (заради материјални кризи) во последниве години усеа да се стабилизира па и да го зголеми бројот на своите читатели. Во 1960 година се отпечатени 14 броја на Студентски збор, а во 1961 година 17 броја. Весникот излегува петнаесетдневно во учебните месеци, што исто така се смета како недоволно и постои иницијатива и настојување и ова гласило да излегува седмично. Квалитетниот пораст на весникот секаоко најде одраз и во тиражот така што во 1961 година Студентски збор излегува со 5.000 примероци. Освен распростирањето на универзитетот во Скопје, тој наоѓа терен и во Вишитe школи во Републиката, па и во некои училишта од втор степен во внатрешноста.
Студентски збор како весник на студентите на Скопскиот универзитет имаше специфични задачи: да го следи животот на студентите на универзитетот, проблемите на студирањето и воопшто проблемите на академскиот граѓанин. Несомнено во поранешните години и сега уште повеќе Студентски збор, како гласило на студентската Владина, ја продоржука улогата на информатор и јавна трибина. Неговото излегување беше потреба диктиранa кaкo oд разновидните дејности на организацијата на Сојузот на студентите, така и од раздвижените процеси на универзитетот и, на страниците од Студентски збор се најдоа најразлични прашања од работата на Сојузот на студентите, проблемите на одделни факултети, прашањата за катеријалното обезбедување на студентите, проблемите на учењето, запослувањето, ги запознаваше студентите со напредното студенско движење пред војната и акциите во Револуцијата.
На страниците од Студентски збор се среќаваат интересни анкети на низа прашања што овозможуваат по директно учество на читателите во формирањето на весникот. Во овој поглед рубриките „актуелности“, „од нашите факултети“, „хроника“ имаат добар удел. Рубриката „Студентски свет“ преку повремено запознавање со животот на студентите од разни краишта на светот секако треба да го најде своето соответно место сѐ почесто на страниците од весникот.
Од постојните рубрики секако најзабележлива е рубриката чија што намена е да воспостави контакт меѓу студентите и младината од училиштата. Она што е практика во секојдневната работа на студентската организација и Народната младина нашло одраз на страниците од весникот. Една убава идеја станала традиција. Меѓутоа, нема стремеж во тие дискусиони контакти да се воведе секојдневната проблематика, па затоа разговорите во „разговори, желби“ заради општата и еднолична тема се претворуваат во кажувања од кои читателот не добива многу.
Она што особено е забележливо на културните страни од весникот е една концепциска недоизграденост, оддалечување од основните интенции за информирање и афирација на сту- дентските самодејности и творечкиот потенцијал на младиот човек па оттаму е недоволен и бројот на нови имиња јавени на овие страници. Ако се исклучат неколкуте последни брое- ви во претходните, 57 литерарни состави донесуваат 15 нови имиња додека другиот број отпаѓа на постојано повторувани три имиња.
Кога сме веќе на прашањето во колкава мера весникот како информатор и трибина на една мошне широка динамика каква што во последниве години ја има високото школство го оправда своето постоење, треба секако да се рече дека Студентски збор беше потреба, но поради својата недоизградена физиономија не успеал да го пронајде вистинското и најдобро место што му одговара во таквите процеси. Се чувствува одделност или информаторско приоѓање кон проблемите што се исправени за третирање. Неможе да се замери дека бројчено тие проблеми не биле присутни на страниците од весникот, како и за тоа има место да се приговара, меѓутоа, стои забелешката дека на многу од тие проблеми им се пришло површно, без потребната задлабоченост, да не речеме и без став. Отсуствуваат конкретности, системно третирање, се одело кон тоа од суштински проблеми да се прават безлични и неодговорни поставености. Несомнено, процесите што го зафатија високото школство во нашата земја па и универзитетот кај нас се третирани во повеќе наврати, од разни аспекти. Доминираат прашања за промената на наставните планови, за навремено завршувње на студиите, за материјалните проблеми, но ретко се среќаваат написи за конкретните услови на одделни факултети, за општественото управување на универзитетот, за директното учество на студентите во него. Некако како да избегнале животните проблеми, за односот кон учењето, за проблемите на стипендирањето, за конкретните потреби од ревизија на наставните планови и програми на одделни факултети.
Динамиката каква што е денешнава на универзитетот и неговата дислокација бараат од Студентски збор да биде навистина присутен и да дејствува напоредно со зголемената улога на Сојузот на студентите. Па оттаму произлегува и потребата од поангажирано отстранување на досегашните слабости и поголема грижа за доизградување на неговата физиономија.
Меѓутоа, секако дека обврските колку и да се поставуваат не можат да бидат резултатно остварени ако не најдат и соответна материјална поткрепа. Во нараснатите барања за тоа како да се одговори на потребите не треба да се заборави дека материјалниот момент е пресуден. Весникот се одржува на дотации. Во 1960 година се добиени 3,500.000 динари, во 1961 4,000.000 динари, а потребите далеку ги надминуваат овие бројки.
Препис на машинопис во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ112. Според содржината може да се утврди дека е пишуван во 1963 година (деветнаесет години постоење Млад борец).
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.