Неколку збора за Вера Јоциќ
Вера Јоциќ ја запознав меѓу партизаните на прославениот херој Христијан Тодоровски-Карпош¹. Беше пред речиси дваесет години, во студените декемвриски денови, кога овој бестрашен командант ги водеше своите борци во многу битки и му нанесуваше големи загуби на фашистичкиот окупатор.
Имаше нешто восхитувачко во однесувањето и карактерот на оваа млада дваесетгодишна девојка. Како секретар на партиската организација, Вера Јоциќ со својот личен пример ги освои симпатиите и почитта на сите партизани. Во колоната, во бројните напади на непријателските утврдувања што беа распоредени на сите комуникациски пунктови во Кумановско, на планинските врвови, во долгите ноќни маршеви − таа беше насекаде и секогаш на чело, ни влеваше волја и верба во победата, ги бодреше премалените, ги прекоруваше оние кои тоа го заслужуваа.
Во последната офанзива, тешко ранета на Осогово, веднаш под врвот Лисец, таа издржа на носилки три долги дена и три долги ноќи, без никаква медицинска помош, со група одвоена од другите единици, за да се збогува со своите соборци со очи полни со љубов за животот кој почнуваше.
Превод на машинопис од Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ70. Според содржината, овој инсерт од интервју или од подолга статија на српскохрваѕски јазик потекнува од 1962 или 1963 година.
1) Шопов е автор на текстот на химната на Третата македонска ударна бригада, позната под насловот „Ко челик сме ние“, во која му го оддава должното признание на Карпош.
Превод: Јасмина Шопова
Тематски сродни текстови
- Од борбите за Кратово
- Сончева колона
- Дванаестмината од сончевата колона на младоста
- Вера Јоциќ во очите на Ацо Шопов
- Очи − мојата најдобра песна
- Борбата − младост на животот
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.