Еден профил на македонската литература
Немам намера и не би сакал, ниту пак би можел тоа да го сторам од повеќе причини, во овој краток информативен напис посветен на размислувањата за современата македонска литература, да презентирам такви сфаќања што со текот на времето не би можеле да бидат поправени, дополнети или потполно променети, а уште помалку да изнесувам такви аподиктички проценки какви што има во изобилство во нашата сегашна литературна критика. Нека му остане последниот збор на идниот непристрасен и строг судија, на чијашто проникливост нема да ѝ се измолкнат многу факти за кои ние, современиците, можеби денес не сме ни свесни.
Обично, на размислувањата за оваа наша литература, како и на самата таа литература, ѝ се припишуваат атрибутите на младоста, што не секогаш одговара на стварноста, на зрелиот, облагороден творечки чин. Но бидејќи овие атрибути можат да означуваат и време на настанување, но и време на процвет и остварување повисоки уметнички вредности, тие, самите по себе, не ни кажуваат ништо поодредено. Ако се мисли на периодот на слободниот развој кој, во најдобрата смисла на овој збор, трае речиси две децении, тогаш современата македонска литература навистина може да се нарече млада, без никакви призвуци на навредлива благонаклонетост. Притоа, за љубов на вистината, не смее да се заборави фактот дека таа познава и поранешен развој, кој е видливо сведоштво на културата и на свеста. Но, бидејќи овде станува збор за една современа книжевност, за чие разбирање е нужна една историска перспектива, овој увод можам да го завршам со упатување на извесни историски паралели кои секако ќе бидат многустрано интересни, па дури и поучни.
***
Современата македонска поезија е сврзана со името на поетот Кочо Рацин. Во техничка смисла, стихот на овој поет е роден од народниот мелос. Но, бидејќи и бидувајќи вистински поет, Кочо Рацин во својот поетски свет внесе еден исклучително современ сензибилитет и со силата на својот талент го вознесе тој свој стих до границите на оригинална и автентична поетска визија. Неговата мала и единствена збирка песни, Бели мугри, која пред дваесет и три години се појави за првпат во Загреб, до ден-денешен нема ништо изгубено од своите основни вредности.
Не е никаква случајност што на прво место го поставив поетот Рацин. Од овој пролетерски поет, кој ги сонуваше и ги довикуваше белите мугри, и кој самиот падна и се вгради во првите сенки на нивните осамнувања, нè дели релативно мала временска дистанца, а оваа книжевност, која тој капитално ја задолжи, во краток период ја доживеа својата исклучителна еволуција. Зар треба да се каже дека во тој период настана и првиот македонски роман и дека се објавени над двесте оригинални поетски и прозни дела? Но тоа се само надворешни, физички показатели. Многу поважна е онаа внатрешна развојна линија на македонската уметничка реч, линија на зреење на изразот и на книжевниот јазик кој стана орудие за најсмели книжевни потфати и понирање во најделикатните човекови чувства и мисли. Многу се позначајни пробивите во новите простори кои ги насели оваа уметничка реч, како и новиот пристап кон уметничките теми и проблеми, кои секој автор, според природата на својот творечки темперамент, ги поставува пред себе и ги решава на свој начин. Тематскиот регистар е многу широк, така што дури и најгрубата класификација, посебно во оваа пригода, е речиси невозможна.
Темите на револуцијата привлекуваат особено внимание. Нив ги обработуваат оние писатели кои учествувале во револуцијата, но и оние од помладите генерации, кои деновите на окупацијата и борбата ги носат во матни сеќавања или ги гледале со очите на едно забрането детство.
Посебно е интересен, како знак на уметничка зрелост, фактот дека некои книжевни првообјави на дел од писателите им послужија како повод за создавање нови дела со многу посложена композиција и во многу поголем формат. Во тој поглед, посебно се истакнува писателот Славко Јаневски, кој своите богати искуства и сознанија ги користи за доработка на некои свои поранешни дела. Така настана неговиот роман И бол и бес, како потврдено уметничко сведоштво за луѓето и за случувањата од борбата и револуцијата.
***
Со своите највисоки дострели, современата македонска книжевност се вознесе до оние достигнувања кои претставуваат општојугословенски книжевни вредности и се вклопија во тековите на највиталните книжевни случувања.
Но овој скициран профил на македонската книжевност би бил нецелосен кога не би ги содржел и оние неотпорности кои честопати, како темна сенка паѓаат врз нејзината површина. Еден од проблемите на таа книжевност би можел да се изрази со констатацијата дека постојат голем број автори кои сè уште немаат доволно изразена индивидуалност, немаат посебни творечки личности. Под ова не подразбирам недостиг на исклучително надарени, исклучително талентирани писатели, не мислам на „големи“ и „мали“. Мислам дека не постојат доволно такви текстови чии автори, во цело едно море зборови, би можеле да се насетат во допир со нивните текстови, наместо во допир со нивните потписи. А тоа значи дека угледувањата и слепото влијание се сè уште детски болести на оваа книжевност, земена во целина.
Превод на машинопис од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ47. Според податоците содржани во неа, статијата е напишана во 1964 година. Оригиналниот текст е напишан на српскохрватски. Објавениот текст не е најден.
Превод: Венко Андоновски
Тематски сродни текстови:
- Македонската современа книжевност
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- Современата македонска литература
- И чест и одговорност
- Нашата литература дел од современиот книжевен мозаик
- Македонската литература се роди во НОБ
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.