Писмо до младината од с. Пелинци

Пишите за се: како ви користат книгите и од какви книги имате нужда за вашата библиотека. Јас ке се потрудам да ви ги пронајдам и ви ги испратам.

Драги другари и другарки,

Кога ви ги пишуам овие редови не можам, да не си спомнам за оние денови што ги проведов во вашиот крај − на славната Козјак Планина. И не сакајки ми врват во паметта топли спомени − и радосни и тажни − но така блиски и прираснати за моето срце. Ми искрснуат пред очи долгите колони на козјачките партизани, кои − во искинати опинци и полубоси − го губат својот траг некаде по врвоите на планината, ве гледам вас како, застанати на патот пред портите, со радосни и озарени лица довикнуете: „Доглеање! Догледање, другари!“ и со трепет шепнете: „Само да не им се догоди нешто...“

Си спомнам за магловитото декемвриско утро 1943 г., кога во вашето село како хиени навлегуеја фашиските орди за да грабат и палат, убиват и бесат, и како нашиот, Карпошовиот батаљон, понесен ко вихор им се испречи на патот, ги прикова за смрзнатата земја со митролески огин, и газејки ја ледената Пчиња ги опколи и уништи. Каков празник беше тогај во вашето село! Какви прикаски се ширеа за легендарниот јунак − младинец Карпош!

Карпош! Та кој не знаеше и не знае за него! Зар не ечеа песни од Пелинци, па преко Рамно и Герман-планина уште тогај додека Карпош беше жив:

Давај ме, мајко мори, давај ме
млада партизанка да станам,
Карпош − војвода да го видам!

Си спомнам за крвавите денои на Мајската офанзива за беспрекидните маршои низ дoлoитe и по карпите, и за страшните, незаборавните вечери, кога во вашето село, како и во безброј други трештеше светлост ко да илјадни светилки горат. Не! Тоа не беа светилки. Тоа беа црвените јазици од пламените што се виеја над запалените куки. Во тоа се изразуеше немокта на непријателот да не разгроми и уништи.

И кога после едномесечните борби победоносно се вративме во вашиот крај ние не осетивме ни од еден збор, на од еден поглед оти вам ви е тешко и жал за изгубеното. Напротив, како да тежок камен ви падна од срцето − радосен шепот проструја низ Козјак: „Се вративте, другари...“

И на пепелиштата на вашите запалени кукји борците пак се собираа и вие пак радосно ги пречекуевте. Морните јунаци ги отвараа своите прашни торби, ги вадеа извитканите книги и џепни новини пишуени со рака и тогај настануеа долгоочекуените часои: народот и војската заедно работеа на своето културно уздигнуење. Си спомнуам за вашите зажарени очи и напрегнато слушање − како да сакавте да не помини напразно ни едно слово, ниеден збор. Тоа беа срекјни, украдени моменти во бурниот партизански живот.

Помина многу време од тогај. И сега векје не е така. Сега векје сите ние можеме да работиме на своето просветуење и уздигнуење, не очекуејки да секој момент засвират гранати над нашите глави или забричат аероплани.

Ете зашто другари и другарки, јас сакам да вашиот жар и желание за четење и учење што побргу се оствари. Ете зашто јас сакам да станам покровител на вашата библиотека. Испракјајки ви во началото 60 книги јас имам најголемо желание да тие допринесат што повеке за прошируењето на вашите знања и ги насрчат уште повеке вашите мисли во обновата и изградбата на нашата татковина.

Кога по пладне или навечер по работата се собирате по своите домои или некоја кукја на седенки, расправајте другари за прочетените книги, за најарните места што ви се во нив бендисуат и пишете ми за вашите впечатлетија. Пишите за се: и како се четат книгите, како ви користат и од какви книги имате нужда за вашата библиотека. Јас ке се потрудам да ви ги пронајдам и ви ги испратам. А вие, другари и другарки, бидете упорити, бидете смели во четењето и своето издигнуење како што бефме во течение на народно-ослободителната борба.

Другарот Тито постави пред нас задачи да учиме и се изградуеме. Нека и оваа задача биде исполнета со таков труд и упорност како и сите до сега.

Смрт на фашизмот − Слобода на народот!

5-III-1946 год.
Скопје

Со другарски поздрав,
Ацо Шопов

Aco Šopov glaven portret 4

Текстот е објавен во Млад борец, 7.3.1946, стр. 3, под наслов „Писмо до младината од с. Пелинци, Козјачка околија“.

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Тематски сродни текстови:

  • Издаваштво без пари и критика без анализа
  • Книгата денес
  • Актуелни проблеми во издавачката дејност
  • Книгата бара непрекината грижа, не кампањски пристап
  • Нашата книга сè уште го бара својот пријател
  • Недоразбирања на релацијата реформа и култура во издаваштвото
  • Издавачка дејност од еден друг агол
  • Tрeба да се надраснат личните интереси

Други разговори и статии на Ацо Шопов