Дали нашето време е мртво за поезијата?
Не е случаен и не е мал бројот на оние истомисленици, меѓу кои среќаваме и несомнени авторитети, чија загриженост за литературата, посебно за поезијата, која е и повод на овој мој уводен збор, не произлегува од проблемите што ги носи таа со себе како творечки чин туку се простира и ја опфака нејзината основа, за да се конкретизира во вид на цел јазел од прашања: Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата? Дали тоа не е мртво за неа, или пак таа мртва за него? За кого звонат звоната на нашето време?
Еве ја дилемата што вознемирува, што сее сомневања, што создава метеж во мислите, што раѓа најнеспокојни одговори. И навистина, сѐ е изместено од своите зглобови. Немирот е тотален, универзален, на сите ширини и должини географски и човешки: немир − војна и галоп за секаква надмоќ и престиж, немир − страв од атомска катастофа, немир − крваво пресметување со сите сеништа на минатото, немир − исправање на човекот, извишување во неговите човешки достоинства, стапување на прагот на вистинската историја, немир − одбрана на вистината, немир − радост што ја соопшти човековиот глас од вселената, немир на земјата, немир над земјата... Навистина, ова атомско време, ова време на такви научни достигања што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогатата фантазија сретната во досегашната уметничка литература, ова време на технички чуда, време на роботи што можат за неколку мига да извршат такви операции за кои не е достатен и еден цел човешки живот, што можат да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања, ова време на вселенски бродови што ќе го одведат човекот во тајните на светот, ова време... дали ова време е навистина невреме за поезијата?
Земјата одамна престана да постои како поетска опсесија на идилични односи и романтични бегства во минатото или во иднината, сеедно, а сега и небото, тоа сино, вишно, безбројпати и на севозможни начини поетизирано небо бара да излезе од светот на поезијата.
Навистина, што се случува со поезијата, што останува од неа, дали нејзината егзистенција е доведена во прашање?
Многу сфаќања и многу литературни правци се веќе мртви. Планската интервенција, ждановската социјалистичко-реалистичка концепција ја убиваше литературата со голиот факт, а надреализмот остана немоќен пред страотиите и проблемите што ги донесе Втората светска војна. Кај нас, пак, алтернативата реализам или модернизам, по една деценија плодни и уште повеке јалови дискусии и судири, литературни и уште повеќе нелитературни конфронтации, слезе на својот вистински терен: литература или нелитература. Така и разнородноста на поезијата стана нешто сосем природно и непобитно.
Ако многу сфаќања, многу правци се веќе мртви, каков raison d’être има сфаќањето дека ова наше време ја доведува во прашање егзистенцијата на поезијата?
За нас ова метафичичко гледање не може со ништо да се одбрани. Песната, поезијата е човешка судбина, судбина сфатена како една од најсуштинските човешки одредби, нешто што историски се раѓа и живее со него, па затоа нејзиното одречување значи одречување на човекот како човек. Умирањето на некои теории и гледиштата, што е впрочем сосем природно и разбирливо не е и умирање на поезијата. Таа личи на онаа феникс-птица што изгорува во своето гнездо за да се роди уште поубава и пораскошна од сопствената пепел. Таа личи на понорница што понирајки на едно избива посвежа и побујна на друго место. Таа, како што вели големиот шпански поет Хименез „доага првин чиста, облечена во невиност“ за да биде засакана како дете, потоа се облекува во некакви алишта „за да биде замразена не знам зошто“, па „кралица станува, богата со украси“ за да се види сета бесмисленост, и најпосле да ја симне облеката „да се покаже сосем гола“, за да кликне поетот: „О сласт на мојот живот, поезио гола, навек моја!“
Ова време нема само една поетска димензија
Дилемите пред кои е исправена поезијата денес, не се дилеми што ја засегаат основата на нејзината егзистенција. Затоа и горните прашања можат да се постават само под услов на битна измена. Не дали ова време што го живееме ја убива поезијата, туку колку е таа во времето што го живееме и колку го навестува она што утре ќе го живееме. Дали ова време има и може да има само еден поетски аспект, само една своја поетска димензија?
Се разбира, одговорот на некои од овие прашања ќе го донесе утрешнината. Сегашниот одговор, колку и да претендира на студиозност и авторитетност во тврдењето, не може да ги прерасне рамките на претпоставката. Историјата и тука го има конечниот збор. Дали оваа или онаа поетска појава најдектватно го изразува времето што го живееме − тоа може да биде прашање на личниот вкус и повод за полемички разговори, но не и утврдена и докажана вистина. Личниот естетски вкус и полемичките литературни разговори се интересни за историјата на литературата само дотолку доколку укажуваат на оние Сцили и Харибди со кои се судирала поезијата на едно време за да стане негов вистински претставник. Нивната аудиктичност нема никаква вредност ако не најде потврда во времето. Нив ги забележува литературната архива за да им послужат на оние што вршат реконструкција на човешките бесмислици и глупости. По правило, тие се надвор од литературата или најблаго речено − ништо не докажуваат.
Но едно со сигурност може да се тврди − ова време нема само една поетска димензија, еден поетски агол. Инаку − ништо нема да остане од поезијата на еден Борис Пастерик, еден Жак Превер, еден Сен-Џон Перс, еден Квазимодо, еден Тин Ујевиќ итн. Листата на најеминентните преставници на денешната поезија е голема. Зар може тогаш да се пледира за еден поетски вид без сомневање дека тоа носи ненужни заблуди, полемики и возбуди? Ако ја прифаќаме разнородноста на поезијата како нешто што ѝ е иманентно на нејзината природа, дали тој факт ни дава право да вршиме хиерархиска класификација внатре во таа разнородна поделба? Може ли да се тврди дека на врвот на таа хиерархија стои поезијата што го опфаќа тоталитетот на човекот, додека сите други видови преставуваат подолни видови на поетското творештво? Зар една интимно-еротска или патриотска или сатирична песна не може да го опфати тоталитетот на човекот и да биде интегрална разбранетост на творечката имагинација? Зар тој тоталитет на човекот и таа интегрална разбранетост на творечката имагинација можат да се изразат поинаку освен како конкретен поетски творечки чин, односно како еден вид на поезијата? Проблемот не е во видот на поезијата, проблемот е во тоа дали и колку преку тие конкретни видови поезијата се реализира како поезија.
Неисцрпен извор на една духовна активност
Историјата располага со неброени примери што можат да ни послужат како илустрација. Да не одиме многу далеку, да се задржиме во рамките на оваа вечер. Дали ќе ја оцениме правилно прекрасната песна „Тага за југ“ од Константин Миладинов, ако болката на поетот не ја доживуваме и како општочовешка болка, а не само како болка на еден наш човек за родниот крај, без оглед на очигледниот факт дека таа болка има свои формално јасни географски рамки? И зар не е првенствено тој општочовешки карактер причина што и ние денес, по толку години од објавувањето на оваа песна, во сосем поинакви историјски и општествени услови, и ако сакате − со поинаква психичка конституција − ја доживуваме со еднаков интензитет и еднакво ги цениме нејзините уметнички достоинства?
Овој неслучаен допир со „Тага за југ“ а во моментов нужно и со целокупното дело на Браќата Миладиновци, отвара всушност нова тема: нашето литературно минато и нашата литературна сегашнина. За делото на браќата Миладиновци нашата научна мисла даде веќе богати прилози. Оценета е нивната историска заслуга, а пред светлината на научната вистина многу мистификации и фалсификати му го отстапија местото на историскиот факт. За ниеден сериозен научен работник не се поставува прашањето кому му припага тоа оргомно народно богатство собрано во Зборникот на Миладиновци, нити пак зошто е под таков наслов издадено. И самото поставање на овие прашања не значи ништо друго туку раскинување со научната мисла и судир со науката за сметка на овие или оние аспирации.
Но и во светлината на прашањата што овде нас нè интересираат, Зборникот на браќата Миладиновци има неоценливо значење. Тој неисцрпен извор на една духовна активност, тој поетски документ за свеста и самосвеста на еден народ, во допирот со сегашните генерации го воспоставуваше оној нужен историски континуитет без кој сегашнината на нашата литература не би можела правилно да се разбере и оцени. Поетскиот текст што го создал нашиот народ и во кој среќаваме и такви човешки драми што се достојни и за најголемите мајстори на перото, инспирирал и бил образец на многу поетски генерации, а и денес многу наши поети во него откриваат и мотиви и поводи за своето оригинално поетско создавање. Тој поетски говор за драмата на еден народ, допира до нас како глас и совест на своето време. Во него го откриваме нашето самоосознавање, како и величината и трагиката на тој процес. Во него е нашата самопотврда. Нашата денешна поезија не е овошка пресадена од туѓо тло. Иако скромни, нашите поетски традиции никнуваат во недрата на богатото народно поетско трворештво, а нашата поетска реч умеела да ги довтаса и вишините на кои се искачила поезијата на другите народи. Денес, таа ги има сите карактеристични белези на современата Југословенска поезија, расте во истите тенденции и ги решава истите проблеми. Се разбира, фактот дека таа расте како органски дел на југословенската поезија не ја исклучува, туку, напротив, ја претпоставува нејзината оригиналност, нејзината изворност и автентичност и таа не може да биде формалистичко угледување и поддржување на сѐ она што ја обележува поетската мисла на другите југословенски јазични подрачја.
Овие Струшки вечери на поезијата во кои ќе учествуваат поети од нашата Република, благодарејќи на инцијативата и наклонетоста на нашите струшки домаќини, треба да внесат нови моменти во средбите на нашата поезија со јавноста, со публиката што го сака и цени поетскиот збор. Во четирите предвидени вечери на поезијата, замислена е една панорама на нашите поетски достигања, почнувајки од народната поезија содржана во Зборикот на Браката Миладиновци, на кои им е посветена оваа прва вечер, па сѐ до најмладите генерации во нашата поезија. Макар и непотполн, макар и недостатно јарко рељефно прикажан, ние се надеваме дека профилот на нашата поезија ќе биде согледан и содржан во овие Струшки вечери на поезијата. Можеме само да зажалиме што во нив не учествуваат и поети од другите наши републики за да станат средби на сите преставници на Југословенската поезија, но се надеваме оти материјалните тешкотии во иднина нема да бидат несовладлива пречка.
Отварајќи ги овие Струшки вечери на поезијата ги поздравувам сите присутни и сите поети учесници.


Реч на Ацо Шопов на отворањето на Струшките вечери на поезијата, во својство на прв претседател на советот на фестивалот, во 1962 година. Препис на машинопис и автограф од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ50.
Тематски сроден текст:
- „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, фрагменти од поздравниот говор на Ацо Шопов на отворањето на Струшките вечери на поезијата, во својство на претседател на советот на фестивалот, во 1969 година.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.