Го сакам Мајаковски, но жив, а не мумија
Темата што ја сугерира Вашето прашање е стара колку што е стара и уметноста. Всушност, тоа е тема за уметничкото творештво. Познато е дека од најстари времиња, па сè до денес човекот не ја сфаќал таа смисла на единствен начин. Напротив, неговата свест за уметноста во својот развој кон вистината бележи не само различни туку и директно спротивни врвици.
Зошто? Дали тоа може да се објасни со историски, социјални, класни посебности? Или пак има нешто и во самата природа на уметноста што толку противречено се одразува на свеста на човекот? Ако има, што е тоа?
Не верувам дека може да се даде единствен и конечен одговор. Тоа би било крај на уметноста. Уметноста е противреченост како што е противреченост и светот.
Сартр во еден разговор вели дека уметноста на Запад нема веќе што да каже, за разлика од онаа на Исток која не умее да го каже она што има да го каже, а Лукач пак зад себе гледа само гробишта или скоро само гробишта од урнати паметници во уметноста.
Тоа е однос. Јасен, категоричен. Без оглед дали ги прифаќаме или не, во овие искушенија е содржана сета драматична комплексност на проблемот што на овој простор е формулиран како проблем на одговорност на писателот пред општетсвото.
Во процесот на творештвото, творецот создава со длабока увереност дека производот на неговиот дух ќе најде траен заслон под сонцето. Заблудите се откриваат отпосле. Отпосле идат урнатините. Тоа е неизбежна трагика на секој творечки процес.
Каде е тука одговорноста? И чија?
Ако е вистина дека уметноста познава толку светови колку што има автентични творци, тогаш проблемот за одговорноста бездруго и првенствено се поставува како проблем на творечка сила и творечки потенцијал. Естетски проблем. Моќ во мигот да се открие траењето, во денот времето, во правта огнот.
Тоа е суштината. Творецот мора да располага со огромна внатрешна моќ, креаторска и етичка. И да знае како да ја искористи. Без компромиси со својот творечки императив и со општеството. Зашто и едното и другото може да доведе до трагичен епилог.
Општеството не е никаква мртва фикција. Тоа е организам од живи луѓе, односи, текови, интереси, сфаќања, тенденции. Благородни, хумани, себични, прогресивни, конзервативни. Одговорноста на уметникот пред општеството е високо развиена смисла, чувство, свест за одбрана и афирмација на оние вредности од кои животот станува побогат, посовршен, почовечен. Одговорноста е акција во уметничка форма. Неспокој. Несон. Судба.
Мајаковски громогласно извикува: „Во наше време поет е оној којшто ќе напише марш и лозунг!“
Да. Но си земам слобода да ги парафразирам стиховите на овој голем поет посветени на Пушкина: „Жив, а не мумија“. А сме се прашале ли колку мумии има денешната литература?
Каде е тука одговорноста и чија?
Нашите таленти, велиме, имаат странски музи. Денес. А вчера? Вчера музите не беа населени зад граница.
Велиме: Во нашата литература растат генерации како печурки по дожд¹. (Просто да ти здодее да ѝ припаѓаш на која и да е генерација). Растат по принципот: пред мене − ништо, по мене − пак ништо. Се играме одговорност.
Да завршам. Можеби страшно звучи сознанието на Лукач.
Можеби уметноста и не е само гробишта од урнати паметници. Но и да е таа тоа, не се просто гробишта, просто пепел. Зашто Фениксот се раѓа од сопствената пепел.
Верувам дека само преку тие гробишта врват патиштата кон вистинската и трајна убавина.
Текстот е објавен во Нова Македонија, 23.8.1965
Во оваа верзија се користат оригиналниот машинопис и ракопис на одговорот што Ацо Шопов го дал на следново прашање на редакцијата: „Дали проблемот за одговорноста на писателот − поет или прозаист − пред општеството има особено изразена актуелност? На вакво прашање нè наведува фактот дека на таа тема е дискутирано и на Конгресот на ПЕН-клубот во Блед, пред извесно време, а сега тоа е тема за предвидениот Дијалог помеѓу поетите и критичарите на Струшките вечери на поезијата, што се одржуваат пред крајот на овој месец.“
Во објавената верзија на текстот во Нова Македонија, даденото прашање е интегрирано во првиот параграф од написот на Шопов, како да е дел од неговиот текст, со тоа што темата претрпела промени: не станува веќе збор за одговорност кон општеството, туку за одговорност кон себеси и кон светот.
Автографот и машинописот и на овој текст се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ72.
¹ Сликата за генерациите во македонската литература што „растат како печурки по дожд“ се појавува уште во 1957 година, во освртот „За оваа наша мала, нерасповиена литература“.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.