Голема е твојата песна
Еве нѐ пак, во тек на повеќе од две децении, собрани и озарени од оној Ден што поетот Рацин го наслути како „ден над деновите“, „ден-сонце вишен високо“, „ден-море ширен широко“, еве нѐ пак собрани не за ракоплескање и голи овации, туку да се обѕрнеме и да погледаме со колку нови стапалки сме се извишиле качувајќи се во себе по тој „ден-сонце“ и колку сме се нурнале во длабочините на тој „ден-море“ што се бранува во нас и што сака да нè одведе до брегот на човечноста, оставајќи го зад себе далечното минато како приказна за најмладите.
И кога не можев да не се согласам со љубезната покана да бидам прв што ќе го размислува овој Ден, во оваа вечер, или како што обично се вели да ја отворам оваа свеченост, јас знаев дека не може да се отвора нешто што е отворено со означувањето на нашето секидневно живеење, нашето постоење што започнало пред нас и што ќе нè надживее како стремеж, како копнеж, како живот.
Зашто клучот на нашата Револуција, отворајќи нова епоха, отвори неограничени можности за проникнување во тајната и смислата на човековото живеење, не како нешто што само од себе и само за себе треба да дојде со она што се вика утре, туку како нешто што е највистинита сушност на она што се вика денес како грч, како напор, како успех и неуспех, како победа на себеси – минато со себеси – денес и утре, со сите врутоци и матни вители, со сите радости и болки, човештини и нечовештини, а за онаа светлина што како визија изгрева со првиот истрел и го најави раѓањето на човека.
За таа светлина ние се собравме и денес како што се собираме и таму каде што животот нè праќа.
Па затоа –
Пеј светлино.
Голема е твојата песна, вител од црвено и бело.
Од крвта твоја крвта на денот му се пали,
ги припитомуваш сенките под нашето нерамно чело, па доаѓаме, доаѓаме големи ние што сме мали.
Пеј светлино.
Голема е твојата песна, голема и непритаена.
Ги буди малите нешта како цветови згаснати.
Па зар да го молчам својот крик и болката осознаена
што не сме двојно пораснати!
Пеј светлино.
Големо сонце на нашето големо будење
удирај во гонгот, биј тревога, ѕвони
не пред опасности и очи истечени од чудење
туку за убавината што малите нешта ги сони.
Пеј светлино.
Големо сонце занишај се на лулката гневна,
големо сонце што скротува и лечи
развеј ја во нас пепелта на крвта наша древна,
таа пепел на видот што му пречи.
О пеј светлино.
Јас не знам колку може да има човек раѓања,
каде и во чија утроба зачнала првата година,
но можам да сведочам за многу необични паѓања
на испитот – граѓанин и родина.
О пеј, пеј светлино.
Јас знам дека за неа, родината, често и од сонот крадеме,
и дека во секакви распри сме често,
но не зашто јанѕа нѐ јаде дека ќе ја раздадеме,
туку да ѝ најдеме во нас и под сонцето место.
Пеј светлино.
Не знам од колку раѓања потеклото човечко води
и каде мине таа линија што двои стари од млади,
но знам дека еднаш и мене еден од окопите ме роди
на оваа Трета и сите други бригади.
Пеј светлино.
Голема е твојата песна, вител од црвено и бело.
Од крвта твоја крвта на денот му се пали.
Ги припитомуваш сенките под нашето нерамно чело,
па чекориме, чекориме големи ние што сме мали.
Препис на машинопис и автограф од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К1 АЕ35. Текст по повод прославата на 20-годишнината од формирањето на III Македонска ударна народноослободителна бригада, 26 февруари 1964.
Песната „Пеј светлино“ за првпат е објавена дури во 2023 година, на задната корица на Песна над песните, избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал на Ацо Шопов, Скопје, Сигмапрес.
Неколку тематски сродни текстови
- Покомплексен приод нон Револуцијата
- Револуцијата, непресушна инспирација на нашата уметност
- Поезијата, сублимиран израз на револуцијата
- Нашата револуција е химна на човечкото ослободување
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.