Зошто не се употребува буквата „ѕ“?
Од пред извесно време во нашиот печат сè повеќе се забележува заменувањето на буквата ѕ co з. Оваа појава проширена е на сите наши весници и списанија. Еве неколку примери:
„Прочуениот зидар Мијо Раковски, запрашан што мисли за изборите…“
„за еден ден ја натфрли нормата и созида…“
„Времињата мрачни се нивното поле и нивната свирка − на прангите звекот…“
„под истиве звезди се роди…“
„одзивал псувен збор гласен…“
итн. итн.
Слични примери можат да се најдат веднаш штом ќе се прелиста кој да е весник или списание.
Па, зошто е така, зошто не се употребува буквата ѕ?
Некои заменувајќи ја буквата ѕ со з, тргнуваат од тоа што гласот ѕ се сретнува во мал и ограничен број зборови во нашиот јазик. Тие, понатаму, сметаат, дека низа такви зборови се наоѓаат во процесот на изумирање (ѕевгар, ѕиври итн.) и, на крајот, дека е многу позвучно да се каже, на пример, звезда место ѕвезда, зид место ѕид, звекот место ѕвекот итн.
Ограничениот број зборови со ѕ не може да биде оправдание за исфрлањето на оваа буква, иако некои од тие зборови не се во секојдневна употреба. Кој може да тврди дека утре, со обогатувањето на нашиот јазик, такви зборови нема да добијат поголема примена! Едно е јасно. Исфрлањето на буквата ѕ покажува крајно неодговорен однос спрема нашиот литературен јазик.


Текстот е објавен во Македонски јазик: билтен на Катедрата за јужнословенски јазици при Филозофскиот факултет во Скопје, год. 1, бр. 4 (1950), стр. 92-93.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.
Тематски сродни текстови
- Да формираме младински бригади за борба против неписменоста
- За брзото отклонуење на слабостите во работата на младинските
- Македонскиот јазик, трн во окото на големобугарските шовинисти
- Јазикот наш литературен
- Афирмација на нашата литература но и на странските литератури кај нас