Од борбите за Кратово

Долгата колона од третобригадирците и косовари се виеше змиесто по бреговите испресечени со шумни, растерани долови. Звездната нокј трепкаше... А врвоите на шумата беа облиени со млечна, задремена месечина.

(Први мај во народноослободителната борба)
Прв пат се запознав со Ване, поточно − прв пат чув за него кога се во есента 1943 г. префрливме од Шар на Козјак за да се соединиме со Карпошовите партизани. Одмарајки се од долгиот марш крај Штабот на одредот ми го привлекоа вниманието острите Карпошови зборои. Тој се веровно љутеше, на некој партизан за неисполнуење на задачата.

− ...Што! И не си успеал? Поглеј се каква си грдосија − ко мечка, зар ти не можеш да издржиш? ...Треба да се угледаш на Ване. За него нема „не може“...

Се заинтересував кој е тој Ване. Неговото име го знаеја сите борци. Тие секога го наведуеја како пример, било да се зборуе за борбите или исполнуење на должностите.

− Зар Така се рапортира! Исправи се и застани мирно како Ване − го укори командирот на една чета делегатот на една десетина.

Со Ване се запознав сосем случајно. Една темна дождова нокј тој ненајдејно упадна во мојата соба. Претрпани скоро еден на друг, борците спиеја хркајки. Целата соба беше исполнета со лугје и задушлив воздух. Јас седев крај вратата и дежурав, броејки ги минутите од мојата смена. Дождот рамораше, прокиснатите стреи капеа и беше така пријатно да се спие.

Одеднаш вратата скрца и со тресок се затвори. Електричната светлина ми ги заслепи очите.

− Кој е? − извикав, мачејки се да го препознаам непознатиот гостин.

− Јас сум Ване... Тука ли е штабот?

И пред да се подигнам тој ми и пристапи, ми ја внесе електричната ламба сосема во лицето и насмеуејки се рече:

− А, значи нов? Секој ден пристигнуат се повеке. Е, па здраво друже!... и цврсто ми ја стегна раката.

Дури сега можев да го погледнам. Висок и млад, − највеке 18 годишен младинец, доста слаб но жилав, упорит со одлучен израз на лицето и долги немирни клепки на очите. Целиот мокар и со бујни, кадрави коси, немарно расфрлани по целата глава. Тоа беа првите мои впечатленија од првиот сусрет со Ване.

Од тогај поминаа многу месеци и јас и Ване станавме неразделени другари.

Наступуеше пролет. По врвоите на Козјак се топеше последниот задоцнет снег. А испод − во низините, крај бучните бранои на Пчиња пупеа оживените дрвја. Целата природа се капеше во прозрачено пролетно утро, залиена со сончева светлина. Како да отидоа во неврат снежните планински виулици кои ни ги замрзнуеја и коските. Сe беше пријатно и убаво.

Борците го ползуеја утрешниот одбор и лежеа на набујната трава. Ова сабајле тие беа особено расположени. Не само затоа што пролетта настапуеше како некоа раскошна и мошна убавица и детска радост го налегаше секого гледајки во оживената земја покриена со длабоко и сино небо. Таа радост растеше уште повеке што борците наслутуеја, а многу од нив веке и знаеја оти на празнуењето на пролетта ке се приклучи уште еден празник − нападот и ослободуењето на Кратово.

Ване беше највесел од сите. Место не го држеше... Облетуејки ги борците, по неколку пати повторуеше:

− Еј пролет... пролет... Прстите ти сами летаат по кундакот. Каква би се борба развила...

Долгата колона од третобригадирците и косовари се виеше змиесто по бреговите испресечени со шумни, растерани долови. Звездната нокј трепкаше... А врвоите на шумата беа облиени со млечна, задремена месечина.

Никога не ке можам да го заборавам походот на Кратово! Убава нокј исполнета со мирис на цветови и лек непрекиден покрет! Таа вечер како да бевме сите со крила.

Утрината, рано в зори, загрмеа првите пушки и зарешетаа митролезите. Долу во Кратово како да настана лом. Градот се стресе, изви се дим. Неколку исплашени фашиски војници штукнаа по доловите.

Каков контраст пред неколку минути сe беше мирно и тихо. А сега грмеж експлозии, фијукањето на куршуми, викање, тресок на одвоените камења... Низ воздухот процепи „ура“ и борците нагрнаа во градот.

− Школото! Школото го држите! Не давајте? Не давајте да се извлечат! − Извикаа неколку одеднаш и обрач веднаш се стегна околу големата цементна зграда.

За кратко време беше почистен, само кај школото скоро през цел ден не престануеше пукањето.

Но и покрај тоа народот се собираше во центарот на градот. Пред илјадната маса комесарот го отвори митингот: − Другари! Со својата крв, со окривените штитови на своите пушки борците ја извојеваа слободата на вашиот град! Денес во Кратово е празник но ке е голем денот кога ваков празник ке настане низ целата наша татковина!

И неуздржимите повици го заглушиа грмежот на митраљезите.

Ване беше останал на ридот со целата своја чета. Вечерта кога отпорот во школото беше ликвидиран и запленените продукти се делеа на народот, нови фашиски дружини предпазливо и стрвно настапуеја и кога почна мрак тие беа сосем близу до Ваневите позиции. Отпочна борба гради со гради. Во темнината не се распознавуеше кој е свој а кој неприател. Партизаните се измешаа со фашиските банди. Од сите страни трештеа шмајзери, зад секој камен, зад секое дрво дебнеше по некој и во таја збркотија секое растресуење на бомбите беше пропратено со врисоци и опцуење.

Влечејки се по земјата Ване се ближи до еден камен, зад кој се криеше човешка сенка.

− Кој е? − запраша со шепот. Никој не одговори.
− Кој е? извика Ване гласно и искочи со шмајзерот. Сенката се размрда, се исправи и фашиски војник со сета сила се фрли врз Ване: − ке разбереш сега кој сум јас! и кошчените раци му ги зари во грлото. Ване направи очајнички покрет да се извлече со едната рака го зграби за шинелот и го тресна, со другата тупаница по носот... Крв му ја обли раката. Ослободуејки се за миг, тој се покрена и колку имаше сила го удри со ногата по мевот. Фашистот екна и се испружи на земјата. Ване го притисна обрачот и цел рафал испали. Но не стигна ни да се обрне. За грбот го зграби некоја рака, револверската цевка светна и куршумното зрно го прониза по срце. Над него се надвисна избезумено и зверско непријателско лице.

Во истиот момент притрчаа и други. Ване не можеше да ги препознае кои се. Отпочна борење, гребење со нокти, пукање... И кога запра сe, некој го загледа во очите изгребаното лице, и запраша:

−Које?

− Јас сум Ване! одговори тивко, шепотот му замрзна во устата − кажите им оти непријателот не успеа...

Тишината, после оваја борба беше уште по страшна! Фашиските банди се повлекуеја.

На неколку денои по тоа го прославивме 1 мај во едно село на Осогов. Построени сите во редици. Ние го слушавме говорот на својот командант и неговите думи звучни како наредба!

− Нека овогодинешниот 1 мај биде прославен со општиот наш јуриш на неприателот и неговото последно уништуење. А подалеку се носеше звукот кој го наговестуеше началото на славната борба во мајската офанзива.

Aco Šopov glaven portret 4

Текстот е објавен во Млад борец, 1.5.1946.

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Тематски сродни текстови:

  • Сончева колона
  • Дванаестмината од сончевата колона на младоста
  • Неколку збора за Вера Јоциќ
  • Вера Јоциќ во очите на Ацо Шопов
  • Очи − мојата најдобра песна
  • Борбата − младост на животот

Други разговори и статии на Ацо Шопов