Што да преведуваме

Ниедно книжевно дело кое во себе носи несомнена вредност не смее незаслужено да остане затворено во границите на оној книжевен јазик на чие подрачје никнало.

Најидеално би било кога секој наш читател, каде и да се наоѓа, во Сежана или во Гевгелија, во Суботица или во Цетиње, би можел да го следи развојот на југословенската литература на јазикот на кој таа е создадена, кога за него не би постоеле често несовладливи тешкотии, особено кога станува збор за дела на словенечки или на македонски литературен јазик

Тие тешкотии се уште поголеми кога се работи за дела напишани на јазиците на националните малцинства. Динамиката на нашиот живот, сè потесното сврзување на нашите краишта преку разни видови економска и општествена дејност, без никаква надворешна принуда, го овозможува и го олеснува усвојувањето на одделните книжевни јазици, зашто тоа усвојување извира од самите потреби на нашето општествено движење и на нашиот социјалистички развиток. Денес има голем број читатели кои се служат со изворната книжевност, такви на кои преводите не им се потребни за да бидат во тек со книжевните и културни случувања во нашите одделни републики.

Но, сè уште останува отворено прашањето за најшироката читателска публика, а со самото тоа и прашањето за меѓурепубличката соработка ни се наметнува секојдневно, во најразлични форми. Можеби во денешната фаза од развитокот на нашата книжевност, имајќи ги предвид нејзиниот голем растеж и резултатите од несомнена вредност, прашањето за меѓурепубличката соработка станува поактуелно и бара подлабок и посистематски пристап и решение.

Што и како да се преведува? Кои критериуми да се применат при изборот на книжевните дела? Дали тие критериуми треба да бидат исти и еднакво применливи за сите национални книжевности, за македонската како и за српскохрватската, за словенечката како и за македонската? Возможен ли е еден општ критериум? Постојат ли причини кои го оневозможуваат? Овие прашања се наметнуваат самите по себе.

Не се проблем класичните дела на југословенската книжевност. Доколку станува збор за преводите на македонски книжевен јазик, тие дела се главно преведени, се разбира, со поголем или помал успех. Но, овде не зборуваме за квалитетот на тие преводи. Првите преводи се појавија, и со тоа е направен првиот чекор. Тоа не ја исклучува потребата од нови, подобри и автентични преводи, како што е случај во сите книжевности.

Тешкотиите искрснуваат кога ѝ се обраќаме на современата југословенска книжевност. Што од неа да се преведува? И дали воопшто треба да се преведува? Некои го поставуваат второво прашање, сметајќи дека преведувањето дела од југословенската литература е непотребно, затоа што оние кои се интересираат за нив наводно можат да ги читаат во оригинал. Меѓутоа, сите причини нè упатуваат кон потребата од побогат избор и поинтензивно преведување дела од современата југословенска книжевност. Бројот на читатели кои се служат со оригиналната книжевност е ограничен, а книжевните дела не им се наменети само ним.

Освен тоа, прашањата за развојот на секој книжевен јазик и на секоја култура се во најтесна врска со прашањето за преведувањето, зашто тешко би можело да се замисли некој друг начин на кој книжевните остварувања на еден народ би можеле да станат сопственост и на други народи. Тоа е патот кој води кон единство и сè поинтензивно проникнување на југословенската книжевност. Зошто Аретеј на Крлежа, Травничка хроника на Андриќ, Корени на Ќосиќ, или Неоплакани на Божиќ, како и многу други вредни книжевни остварувања, не би се појавиле на сите јазици на нашите народи?

Ниедно книжевно дело кое во себе носи несомнена вредност не смее незаслужено да остане затворено во границите на оној книжевен јазик на чие подрачје никнало. Во согласност со квантитативниот и квалитативниот растеж на книжевната продукција, потребно е да се издвојат и да се преведат оние дела кои го прошируваат и го збогатуваат општојугословенскиот книжевен фонд.

Aco Šopov glaven portret 4

Превод на текст објавен на српскохрватски, под наслов „Шта да преводимо“ во белградскиот весник Политика, 1.5.1960, стр. 2. Оригиналниот машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К3 АЕ91. Превод: Венко Андоновски

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов