Јус-догматичар
1
Од класичните догми се откажаа и неписмените.
Но дежурниот матичар
го внесе во матичната книга на родените
нашиот модерен јус-догматичар.
2
Во пепелта на догмите стари
неговото грне нови догми вари.
3
За него не е и нема ништо свето.
Повисоките општествени облици ги провира со длето.
4
Неговите мисли, идеи и теорија
дури и животот го изморија.
5
Тој смета
дека е ум
и дека е Ахилова пета
на нашата стара и збунета планета.
6
Тој на минатото со презир гледа.
Минатото е големо ништо и голема духовна беда.
А за иднината што да се грижиме ние
кога во малото негово прсте таа спокојно спие.
7
Тој многу патува и секогаш на сите им суди.
(А бил насекаде, во многу земји одел).
Но кај и да стаса тој се згрозува и се чуди
зошто животот не прилега на неговиот животен модел.
8
Тој насекаде отвора рецепции
за пласирање на своите теории и концепции.
9
За свои принципи во животот се бори
со тврдоглава страст и тврдоглава желност.
Но додека за нив непрекинато збори,
помеѓу него и неговата принципиелност
под бремето на сопствените грижи
животот по своја врвица се движи.
Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.15, 5.IV.1967, стр.12
Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.