Also available in:
Часот е пет
Часот е пет, ти би рекла време за чај. Седумнаесет часот.
Твоето писмо свеж леб, благо како масло, мудро како сол.
И светлост над Горе, над црна Африка, бела но црвена.
Патува – зошто секогаш во недела? – низа од бели бродови
Кон реките на Југ, кон фјордовите на Големиот Север.
Твоето писмо како крило, јасно помеѓу раскрилените галеби.
Убаво е, тажно е.
Ене го Горе, каде крвари срцето на моите срца.
Црвената куќа на десно, тула на вулкански камен,
Црвена куќа в средина, мала, помеѓу две бездни на сенка и светлина,
Ене ја извишената црвена куќа, каде крвари толку свежо мојата љубов, длабина
Без дно. Таму долу на лево, кон север, тврдината Естре**
Со боја на засирена крв од мачнини.
Леополд Седар Сенгор, Писма од иваернажот, 1973
Препев: Ацо Шопов во Поезија, 1975, и во Сенгор – Шопов: Паралели, 2006
Горе: Остров на робовите во непосредна близина на Дакар, на кој се наоѓа Куќата на робовите за која зборува Ацо Шопов особено во поемата „Светлината на робовите“
Естре : Тврдина од Првата светска војна