Пеј светлино
Па затоа –
Пеј светлино.
Голема е твојата песна, вител од црвено и бело.
Од крвта твоја крвта на денот му се пали,
ги припитомуваш сенките под нашето нерамно чело,
па доаѓаме, доаѓаме големи ние што сме мали.
Пеј светлино.
Голема е твојата песна, голема и непритаена.
Ги буди малите нешта како цветови згаснати.
Па зар да го молчам својот крик и болката осознаена
што не сме двојно пораснати!
Пеј светлино.
Големо сонце на нашето големо будење
удирај во гонгот, биј тревога, ѕвони
не пред опасности и очи истечени од чудење
туку за убавината што малите нешта ги сони.
Пеј светлино.
Големо сонце занишај се на лулката гневна,
големо сонце што скротува и лечи
развеј ја во нас пепелта на крвта наша древна,
таа пепел на видот што му пречи.
О пеј светлино.
Јас не знам колку може да има човек раѓања,
каде и во чија утроба зачнала првата година,
но можам да сведочам за многу необични паѓања
на испитот – граѓанин и родина.
О пеј, пеј светлино.
Јас знам дека за неа, родината, често и од сонот крадеме,
и дека во секакви распри сме често,
но не зашто јанѕа нѐ јаде дека ќе ја раздадеме,
туку да ѝ најдеме во нас и под сонцето место.
Пеј светлино.
Не знам од колку раѓања потеклото човечко води
и каде мине таа линија што двои стари од млади ,
но знам дека еднаш и мене еден од окопите ме роди
на оваа Трета и сите други бригади.
Пеј светлино.
Голема е твојата песна, вител од црвено и бело.
Од крвта твоја крвта на денот му се пали.
Ги припитомуваш сенките под нашето нерамно чело,
па чекориме, чекориме големи ние што сме мали.
Оваа необјавена песна е составен дел на текстот „Голема е твојата песна“ напишан и најверојатно изречен од страна на Шопов, по повод прославата на 20-годишнината од формирањето на III Македонска ударна народноослободителна бригада, 26 февруари 1964.
Песната за првпат е објавена дури во 2023 година, на задната корица на Песна над песните, избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал на Ацо Шопов, Скопје, Сигмапрес, а следната година, во склоп на текстот „Голема е твојата песна“, во Автопортрет со седум прсти, Скопје, Антолог.