На Први Мај
Нека
затрубат труби
за борба,
да фркне земја
од крај –
до крај,
и се разведрат
смрачена чела
на –
широк,
светел –
Први Мај!
Нека распукнат
брони –
ладни плочи,
нека се стресе
наежен роб,
нека прогледнат
заспани очи –
от виран куќи –
куќи…
… от изби – гроб
Нека се сопат
гради
от борба
по цела земја
од крај –
до крај
на силен,
светел –
Први Мај!
Еј, нека ступкаат
срца младешки,
еј, нека светне
нож разигран,
денот на Трудот
да се преметне
во непрегледен,
разбеснеан –
народен фронт
и океан!
Ацо Шопов
Историски музеј на Македонија, Скопје, Оддел НОБ, бр. 2146: машинопис од две страни на кои е и песната „Последното Ванчово писмо до мајка му” (варијанта на „Претсмртно писмо на еден партизан”) – непотпишани.
Песната е објавена во написот на Блаже Ристовски: „Кон проучувањето на почетниот период од творештвото на Ацо Шопов”, 1980.