заиграј го танецот на мртвите
Запеј ја твојата песна небесна,
заиграј го танецот на мртвите
на овој гроб каде лежам жив закопан
и немам очи да те видам,
само ја чувствувам твојата убавина
како низ земјата струи до мене.
Твојата убавина што ја осмислува пловноста на реките
и ги припитомува водите на океанот,
твојата убавина што ти врти двете годишни времиња
како две вртешки на судбата неумолива:
вртешка на сушата и вртешка на ивернажот.
(Во една таква вртешка на сушата
кога сите животни умираа по патиштата
ми се сврте, ми се помрачи умот и обневиден паднав.
Иако сè уште жив
жив ме закопаа до Куќата на робовите).
Твојата убавина што како здравје струи до мене
во овој гроб каде лежам жив закопан
и бавно, пополека излудувам, а сите луѓе горчливо ги развеселувам,
зашто немам очи да те видам, нити пак се осмелувам
да те допрам, да се стутулам под твојата убавина,
под таа крепост од здравина.