Also available in: English
Будење
Пробуди се малечко. Зазорува. Зазорува.
Сонцето го испива изворот на сонот
и нешто неразумно кркори и зборува
со белото грло на ксилофонот.
Ах знам, зад портите ‘ржат коњи впрегнати
штo в лудечка љубов за срце те касаат,
пред нив се планините, покорно полегнати,
нo никогаш нигде они не ќе стасаат.
А овде е поле и мир на ливадите
и трева што ‘рти во секоја жилка,
овде занесеноста на некогаш младите
никне како мала лековита билка.
Знам, сонот е среќа, и среќа и каење.
A овде горчината миг на едно траење.
Отвори ги очите. Погледај. Не чуди се.
Ден е. Ден. Пробуди се.
Ацо Шопов, Ветрот носи убаво време, 1957
„Будење“ во музичка изведба на Ендру Доунинг (дупли бас), Кростофер Беган (пијано), Анаис Келси-Вердекиа (сопрано, солистка), Алисон Беквит (сопрано), Аника Венкатеш (меѕо-сопрано), Лери Беквит (тенор) и Дион Мацероле (бас).
Хеликониан Хол, Торонто
Композитор: Мајкл Спироф