Некои лингвистичко-стилистички аспекти на поезијата*
Христо Крстевски
Епитетите „Бел“ и „Црн“ во поезијата на Ацо Шопов
Кога од поезијата на Ацо Шопов ќе се преселат во нашата свест оние чудни (наоко дури и бизарни) јазички роеви и синтагми од типот: „црно сонце“, „црно млеко“, „крв црна“, „црнден“, „црна вода“, „црн ветар“, „црна коба“, „црна смола“ или „ноќта бела“, „горење бело“, „бели усни“, „месечина бела“, веднаш мораме да ги подвлечеме основните дистинкции меѓу стилските поими и валери за знакот, симболот, метафората и алегоријата.
Ако симболот не го поставиме на еден ранг на определена форма на мислење и чувствување, би можеле да сметаме дека знакот (зборот), дури и оној од секојдневната употреба, би можел да претставува симбол. Лингвистички, тој, всушност, тоа и е.
Но, несомнено, основната карактеристика на знакот е означувањето на одделни природни и реални нешта, додека симболите се творба на човекот, создадени со намера да сугерираат нешто друго, „да асоцираат на нешто што не смее никогаш да значи рамнодушност“. (Хегел)
Друга дистинкција мораме да правиме меѓу симболот и метафората. Основната разлика меѓу симболот и метафората е во постојаноста на симболот. Постојаното повторање на една метафорична слика преминува во симбол, макар што многу теории зборуваат за симболичка метафора. Покрај тоа, секако, мора посебно да се додаде и длабочината на симболот во однос на метафората. Кај метафората споредбата е основна компонента, а кај симболот сугестијата, внушувањето на смислата, бидејќи тој битно опфаќа нешто невидливо, спротивно од метафората, каде што сликовитоста е очигледна.
Слична разлика мора да се назначи и во односот симбол-алегорија.
Алегоријата е, повеќе, вештачка творба, без некоја особена живост и личен интимен интерес. Патот на алегоријата поаѓа од апстрактната идеја кон кокретната слика. Една идеја останува независна од својот израз, што не е допуштено за симболот, бидејќи императивот на симболот е единството на идејата и сликата, поради што промената на идејата ја менува сликата и обратно.
Симболот не може да се преведе. Алегоријата, напротив, е вид загатка што може многу лесно и универзално да се реши.
Алегоријата и по признатата дефиниција на Болавон „вреди сама по себе и истовремено по она што сугерира“. Алегоријата во однос на симболот е доста сиромашен, ладен и мртов поим.
Руди Супек, во книгата Психологија на граѓанската лирика, поимот симбол вака го расчленува:
„Симболот треба да нѐ оттргне од секојдневните и вообичаени расположенија и асоцијации, за да нѐ испречи пред една нова стварност. Важно е да ја отвори вратата на некои потсвесни и потиснати тенденции, забродени во нашата афективност. Или, со помошта на особени, противречни, комплексни и бизарни пластичности на самите слики, да ја предизвика потребната концентрација на нашиот дух, која ќе ни допушти со една аналитична и синтетична постапка да продреме во суштината на нашите расположенија“.
Така, „црното сонце“, „црното млеко“, „белата нoќ“ итн. ни се објавуваат како еден нов израз на нашиот духовен свет, како второ име на нашата потсвест, нова боја на свеста и нов звук на душата и дејствуваат како сознание за некоја шеметна емотивно-рефлексивна галаксија, во која нè пленил поетот.
Оттаму метафората „црно сонце“, со својата анафорска позиција во структурата на песната, прераснува во еден симбол на исконските човечки патила на земјата.
Има кај Ацо Шопов, се разбира, и далеку поедноставни и далеку поупростени функции на етитетите „бел“ и „црн“. Во тие случаи, освен за лингвистички, ние речиси и не можеме да зборуваме за стилистички својства.
Ако направиме еден осврт врз почетната фаза од неговото творештво, ќе сретнеме и вакви, речиси атрибутски употреби: „куќиче бело“, „галабинке бела“, „ноќта црна“, „Белиот Егеј“, „облаци бели“, „бела птица“, „образот бел“, „пеперуга бела“, „црна птица“ итн. итн.
Епитетот, гледан во светлината на поновите теориски проучувања (Bally, Тимофеев, Ј. Вуковиќ и др.), за разлика од логичкиот атрибут, нема диференцијално значење. Од лингвистичко-стилистичка гледна точка, тој е експресивно маркиран (и затоа двовалентен атрибут), релевантен и во граматичка и во стилистичка смисла. Атрибутот е едновалентна, диференцијална (граматичка) категорија. Произлегува дека:
„Епитетите се оние атрибути со кои писателот директно или индиректно (во зависност од литературниот род) го изразува својот однос спрема конкретните појави во животот.
Според тоа, тие се во психолошка смисла емотивно маркирани и затоа на планот на јазикот имаат и експресивна вредност, та оттаму ја истакнуваме нивната релеванција и во граматичка и во стилистичка сфера.
Граматички својства
Во областа на граматичките својства, неретко овие две чисти неизведени придавски форми, во оваа поезија ги среќаваме во составот на нови морфолошки единици.
Така, ги среќаваме именките изведени од нив:
− „црнина“, „белина“.
Ќе сретнеме и сложена придавска форма:
− снежно-бели“.
Или пак супстантивизирана:
− „Тримеѓница црна црно ги дели“, „горење бело“.
Тука се и сложените именки:
− „црнден“, „црнозем“, „каракамен“.
Па дури им инкорпорира и глаголски својства (глаголи):
− „црнееме“, „белееме“.
Стилистички својства
Што се однесува до стилистичките својства, епитетите „бел“ и „црн“ влијаат врз создавањето бројни тропични значења, од чиешто богатство донесуваме неколку примери:
Метафора: „Црна вода на болештини“, „крв густа смола“, „бели усни на водите“ итн.
Алегорија: „црни коњаници, бели коњаници со лик на светци − на ѕидот сурови војници“, „На полноќно сонце зрее црно семе“, „Од жед му напукнал образот бел“ (облак), „бела месечина роси“ итн.
Персонификација: „А огнот молчи. Црн потемнет. Земјан“, „Бела тага на изворот“, „А мракот на стреите чува црна птица“ „Ревна Белиот Егеј“ итн.
Хипербола: „Се искачив над врвот од болот… по црни скали“, „На бел јарбол го качува денот“, „… невидлив во мене седи“. итн.
Имаме примери и за метонимија, еуфемија, синегдоха, иронија, литота, но тие не произлегуваат од предметните епитети и, според тоа, не би можеле да ги поместиме во оваа материја.
Исто така, ја среќаваме и тавтологијата („Тримеѓница црна црно ги дели“ на пр.), градацијата (,, твојата црнина − моја прегрнина“…) итн.
*Текстот е објавен во Спектар, 1983, год. 1, бр. 2, стр. 69-72