Говорот на тишината и ветрот во поезијата на Ацо Шопов*
Блаже Китанов
„Тоа е време на молчење,
кога човекот се мие од немирот
и се нурнува во тишина“
(М. Крлежа)
Прекрасната лирско-рефлексивна минијатура „Во тишина“ е интонација во новите мотивско-тематски насоки и звуковно-семантички валери во поезијата на Ацо Шопов. Првобитно, оваа песна била сочинета од два катрена и, заедно со „Лов на езеро“ и „Младост“, за првпат е објавена во списанието Современост во 1954 година¹, на што потсетуваме и овојпат:
Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече.
Она раѓа исти наслутувања,
тивко бодри и тивко нажалува,
и еднакви мисли, доживувања
во срцето и умот распалува.
Тишината
Како мотив, тишината е полна со експлозија. Таа е интензивна и аудитивна, но според Хајдегер − „само кој разбира може нешто да слуша“². Затоа, ако се погледне фоно или морфоструктурата на песната (првиот катрен), ќе се види дека е очевидна доминацијата на консонантите (52); наспроти вокалите (46), вклучувајќи го и насловот на песната. Фонемите: т (8) и ш (7) имаат ономатопејско значење; тие се сo звyчeн acпект, зашто, на пр.: гласот т − асоцира на нешто што тежи, притиска, се противи и продира во вокалите: а (11), o (13), е (10), и (11) и гласот ш − кој шуми, шушти, и подвижен е, па реално е да се очекува извод на метафоричкиот исказ „длабока тишина“, во кој и двете лексеми се од женски род, па е можен продор во тишината и спојување на нежните со силните гласови и раѓање на нешто што не е изречено, на нов глас, нов звук, нов збор − нешто што ќе значи обнова на говорот.
Тишината кај Шопов „раѓа исти наслутувања/тивко бодpи тивко нажалува“. Тишината е симбол на плодноста, зашто го преобразува битието, го менува емотивниот свет и творечки однос на поетот кон себе и светот на песната. Тишината имплицира говор.
Тишината е активна состојба на духот, внатрешен крик на битието. Тишината на Шопов има катарзисно и егзистенцијално-креативно значење.
Катарзисното значење се состои во слевањето, во продирањето во тишината, со цел да се стопи и елиминира болот, а егзистенцијалното-креативно значење е во нејзиното смирувачко, терапискo и лечебно дејство врз духот и телото, пр.: „со тишина се лечи телото мое“ („Трета молитва на моето тело“), кога преку идентификација на битието со битието на тишината доаѓа до експлозија на закопаниот, заробениот и потиснат збор, кога тишината како атмосфера преоѓа во длабока и страшна тишина во која битието со крик се ослободува и тоа говори-твори. Затоа нашиот поет, како и Ујевиќ, ќе инсистира на: а) Молчење, − кое како принцип „е битна можност на говорење“³ или како лексички знак, како глаголска именка не пасивизира, ами означува движење и реанимација на духот и емоцијата, на мислата и битието, и на б) Нуркање во тишината − која е еден вид „прабитие и иднина на поезијата“⁴ и допушта да се истисне болот и битието да се ослободи од тежината што го притиска и пече, како што тоа беше случај и со тишината-болот на Раичковиќ, Крлежа или Дучиќ.
Следствено, амбивалентното значење на тишината, главно, се јавува под знакот на:
- Ведра тишина,
- Страна тишина и
- Егзотична тишина.
Во поезијата на Ацо Шопов констативен корелатив на тишината е белата боја или белината, светлата линија, светлиот зрак. Затоа, белата тишина кај Шопов ја среќаваме во корелација со ведрата тишина:
Допри се полека до моето рамо
заспи во топла белина.
Тишината е мала овошка
со гладен виј за зрелина.
Слушај ги − дишат на ветките
гнездата новородени
како едра на шир морска фрлени
и од бела тишина оплодени.
(„Допри се полека до моето рамо“)
Белата тишина е симбол на плодноста, на раѓањето, пр.: „гнездата новородени“. Лексичкиот фонд е познат: „гнездата“, „едра“, „шир“. Место „бескрајната шир“ („Мечтаење крај брегот на езерото“) и „езерска шир“ („На езеро“), сега имаме „шир морска“ („Допри се полека до моето рамо“), но стихот сѐ повеќе се ослободува (пр.: дактилско римување на вториот со четвртиот стих), изразот е порефлексивен, сликата поекстензивна, па конотативноста на плодната тишина е постигната преку синестетичкиот склоп „топла белина“ и метафората in praesentia − „тишината е мала овошка/со гладен виј за зрелина“.
Како што се менува мотивот на тишината, така се менува и поетскиот исказ на Шопов. Тоа може да се види во песни од различни стихозбирки, пр.: „Мечтаење…“ (Стихови за маката и радоста) и „На езеро“ (Слеј се со тишината), каде што од прстенеста, строфа, од катрен со класичен врзан верс комбиниран од консонантска и вокалска рима („Мечтаење…“), преку синкопата, парнасистичките потези постигнати преку жизнената игра на белите птици над езерото и инверзијата − скаменет мир − камено смирување − („На езеро“), што како метафора − скаменет мир − се среќава и во „Оздравување на болниот“ (Дрво на ридот), се преминало на поослободен стих со консонантска и дактилска рима, со што сликата се динамизирала и естетизирала, а ритамот добил во експресивноста. Истовремено, од романтична слика на езерото и тишината поетот остварил експресина слика на езерото и тишината, на интимата.
Двете песни за езерото се показателни за создавање на онаа антитетична атмосфера на ведра и страшна тишина. Во тие песни, преку опозитот ведра−страшна тишина, поетот трага по својот простор и атмосфера, по она „небо на тишината“ („Кажи ми небо“) − во висините и „во водите сини“ („Кога ти е најтешко“) − во длабочините. Значи, во/преку ведрата тишина („Мечтаење…“), поетот ги бара: 1. Својот внатрешен мир и спокојство (каде што ведрата преоѓа во страшна тишина − „ледено спокојство“ − „камено смирување“ − „глуне езерската поврвнина“ − „Лов на езеро“) и 2. Својот глас, својот збор, оној збор што ќе биде слободен и ќе му пркоси на времето−невреме („Невреме“); збор − „тврда вилица на времето/што ‘рти по нивјето со заби на семето“ („Го барам својот глас“); збор-песна: „Биди небо. Биди синоcт моја. Ѕвезди снопје“, што ќе свети, што ќе зрачи добрина, убавина, човечност; слободен збор − „Живо време во четири ѕида“; искрен, отворен збор − „Забоди се непогрешно в срце“ („Песна“).
Тие две состојби на тишината ведра − страшна: 1. Го закрепнуваат и мотивираат духот/битието, го разведруваат погледот („Кога ти е најтешко“, „Младост“), ја разблажуваат и потиснуваат тагата од интимната и општествена драма на човекот и времето (разделбата со сопругата − 1956 и литературните полемики, конфронтации и напади на неговата поезија), 2. Го ослободуваат битието и запретаниот збор на поетот и 3. Го фрлаат под оној „меч на тишината“ („Осма молитва…“) − страшна тишина, во онаа опасна неизвесна и мудра игра со зборот − „Промената“, со она непозната и мудра жена, со оној „збор што не постои во речникот“ („Молитвите“ и „Небиднина“) − со зборот и љубовта, со песната и жената; со љубовта и омразата; со светлината и темнината, со добрината и убавината, со љубовта (животот) и творењето (песната); со животот и смртта − со небиднината.
Следствено, колку се оди понатаму, првичната патетична тишина станува сѐ поексплозивна, па дури и езотерична. Во почетокот следиме корелација на: 1. Ведрата/белата со страшната/темна тишина, пр.: „Мечтаење крај брегот на езерото“, „Во тишина“, „Кога ти е најтешко“, „Утре“, „Обична улица“ , наспроти „На езеро“ и „Лов на езеро“, 2. На страшна тишина/темна тишина со егзотичната/аудитивна − езотерична/бизарна тишина: „На езеро“, „Лов на езеро“, „Моќта на там-тамот“, „Загледан во океанот“ , „Сам со својот пламен во градите“ и др.
Последниве примери на песни укажуваат дека егзотичната тишина, која ќе биде доминантна и опсесивна во африканските мотиви од Песна на црната жена има свои корени и врски уште од порано во песните за езерото од Слеј се со тишината. Така темното, кое е најавено низ песните од Гледач во пепелта подоцна градира со конотации на тагата, на тегобното во амбиентот на флората и фауната:
Темно е небото, темен е океанот,
а најтемна е земјата.
Сѐ се засолнило во глувото дувло на темнината.
Но звукот на там-тамот со светлосен куршум ја преполовува
и двете половини крвавеат ко румени усни на зората.
(„Моќта на там-тамот“)
По првите два стиха во метафората на припадноста, градираната темнина станува страшна, езотерична. Следната слика е антитетична и таа ја оспорува и разбива темнината […]
На крајот, пред смрти кога поетот ќе се врати на својата антејска почва, во онаа автентична-егзотична тишина и кога се чини дека таа повторно му се заканува со својот „скаменет мир“ и со тензија да стане смртоносна, иако сам и болен, оставен од сите − и пријателите и блиските и непознатите, тишината со своето терапеутско дејство ќе ги буди творечките визии, кои ќе се стремат кон убавината − непозната и ненадмината, зашто пламенот во градите ќе грее посилно и од зборот на поетите:
Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого: ни пријатели, ни блиски ни непознати.
Сѐ е смирено. Само тишината ги дебне и ги лови
немирните шумови на лисјето и веднаш ги скаменува.
(„Сам со својот пламен во градите“)
Тишината е заштитник на поетовит не/мир. Таа кореспондира со страшната тишина и има конотации на езотерична тишина. Но, кога се чини дека може да стане смртоносна, таа се преобразува во бела, ведра тишина, отворена и полна со перспектива, со светол зрак, со црвен пламен, на што укажува и песната во нејзиниот интегрален вид.
Следствено, од копнеж по далечините, по непознатото („Мечтаење крај брегот на езерото“), по невозможно и идеалното („На езеро“), преку релацијата ведра − страшна − егзотична тишина, која кореспондира со профетските слики од Небиднина, поетот ја гради тријадата: збор/песна − љубов/жена − земја/татковина, што е во функција на основните тематски опсесии: Љубов и Борба („О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно“ − Црно сонце), кои заедно, пак, конотираат кон својата матична класа или парадигма − не/биднината.
Ветрот
Во поезијата на Шопов генитивниот исказ „ветре на тишината“ („Петта молитва…“) се наложува како коренска метафора за оној придушен и немирен глас на тишината, на онаа немирна тишина или немирен ветар што се среќава и кај Ујевиќ и се идентификува со битието на поетот, на човекот:
И овој ветар не знае за никакво мирување.
Овој ветар ги лечи тие што се изморени.
(…)
Овој ветар ретко останува дома.
(„Praeludium“)
сп.:
Ветрот се гласи во ноќта, ветрот што нема дом,
пискаше ветрот ко гуслите, како другото,
како моето вистинско битие.
(Т. Ујевиќ)
„Овој ветар“ на Шопов кореспондира и со ветрот на Блок, кој кого „Ветрот фиучи/Добро е настроен“, но посебно со ветрот на Ујевиќ, зашто инсистира и најавува некаква промена. При преминот на аудитивно-визуелната слика во ментална ветрот го губи значењето на обичен вегетативен симбол и прераснува во метафора за човековата: а) Нескршливост пред посилниот и пред историските и интимни премрежја и небиднини − „иако се кршел од грбникот на oрканите“ и б) Исправеност и немирење пред/со новите искушенија на времето и животот, зашто „овој ветар не знае за мирување“ („Praeludium“).
Гласот на ветрот е персонифициран говор на поетот, на човекот − за Човекот. Тоа е ветар што бара промена на времето, ослободување на потиснатото битие од напластените проблеми на општеството и одговорност кон чинот на творењето − заради човекот/заради нас и заради песната/заради поезијата.
Ветрот е класичен опозит на тишината. Но, во поезијата на Шопов ветрот е еманација на интензивната тишина и тишината во експлозија. Ветрот е одзвук на придушениот глас на човекот и битието на човекот/поетот во тишината. Ветрот го спроведува и шири гласот на битието во тишината. Ветрот гласи и носи убаво време. Ветрот на Шопов е со лечебно дејство. Тоа е „ветер што ги лечи“ сите „изморени“; ветар што носи добар абер. Ветар-добротвор. Beтap-Добрина. Тоа е ветар што имплицира − ново, убаво време; ветар што се стреми кон убавината. Затоа и рефренот „Beтрот носи убаво време“ е еден вид парабола за тоа дека етичкото им претходи и ги определува: естетското, емотивното, егзистенцијалното, креативното.
Зависно од релацијата на ветрот со: тишината, зборот, огнот, црното, семантиката на ветрот коинцидира со: 1. Стравотното или трагичното и 2. Убавото или грозоморната убавина. Со Небиднината.
Првото го карактеризира црното, темното, а второто − белото, светлото. И двете бои се силно нагласени во песната на Шопов. Едно со друто се мешаат, си противречат, војуваат меѓу себе и ја маркираат онаа „патека опасна и тесна“, онаа „светлина темна“ или „црно сонце“, онаа „светла човечка мака“ или „бела тага“ што ја исполнува и пронижува интимната, творечката и македонска Небиднина.
Темните/црни ветрови кај Шопов се ветрови на стравот, на смртта, на апокалипсата. Тоа се ветрови на омразата, на делбите човекови, но и ветрови што зближуваат, соединуваат, љубат. Темните/црни ветришта се придружени со грозоморни молњи. Тоа се ветрови на заканата и злото со интенција да ги разделат здружените црнобели раце: „две раце,/рака,/рака/бела,/“ или, таа „светлобела рака“ на човекот црн и човекот бел; да ја попречат и раскинат љубовта меѓу нив.
Но наеднаш дувнаа темни ветришта
и грозоморни молни небото го исекоа на крвави парчиња
(…)
(…)
Рика небото и не може да ги раздели
рацете крстосани,
раката црна,
раката бела.
Тие и не личат на две раце,
туку на една светлобела рака
носена од црните ветришта на небото
што го крстосува светот и го уништува со мака.
(„Две раце“)
Црниот ветар кореспондира со „Ветар коњаник ветрови коњици“ („Езеро крај манастирот“). Тоа е „црн/иот коњаник“ („Невреме“) или црниот Арапин што ги гони белите коњици:
Црни коњаници, бели коњици.
Со лик на светци − на ѕидот сурови војници.
Бран до бранови. Арапин црн ги гони.
(„Езеро крај манастирот“)
Црното го потиснува белото; темното, злото − доброто, возвишеното, светлото. Сѐ е во знак на злото, на кобта, на смртта, зашто ликот на коњаникот не изразува смиреност, туку мачен страв и очај, паника пред оние сили над кои човекот или свеста изгубиле контрола.⁶ Затоа и стихот „црн коњаник иде плодот да си го земе“ („Невреме“).
Синтагматската низа: црн ветар-ветар коњаник; црн коњаник-црни коњаници е олицетворение на стравот, злото, смртта.
Во трите, пак, песни за езерото („Езеро“, „Езеро крај манастирот“ и „Ноќ над езерото крај манастирот“) коњот/белите коњици симболизираат и смрт и живот, и пораз и победа. Тие се во корелација со огнот („Очај пред тврдината“) и водата, со овој исконски и архетипски глас на историјата што станува „скаменета везба во фреска на ѕидот“, нем говор на предците што гласи „ѕвони, ѕвони, ѕвони, со подземен рев“ („Ноќ над езерото…“) а „белите коњици“ се противат на црните коњици, на јавачите на смртта, на злото и, заедно со битието, се стремат кон светлината, кон возвишеното.
Црниот ветар на Небиднината е во синонимна врска со дивите ветришта на поетовото детство кои го сардисуваат дрвото, стеблото. Дивите ветришта се синонимен склоп на црниот ветар/темниот ветар. Црните ветришта − дивите ветришта се во корелација со дрвото/стеблото − со судбината на човекот; со телото и крвта; со онаа лотка со бели едра што беше осудена на судир со непознатото, а сега е „галија сред црните бранови“ („Езеро на животот“). Се е во знакот на поетовата црна Не-биднина.
Меѓутоа, ако се знае дека поетот дамна се декларираше како „воин со судбина темна“ („Поглед“), и притоа спознал, дека „Сè што гасне сѐ в зеница сјае“ („Промената“) или дека „Сѐ она што потемнува во моето Вчера, јас како светло Утре во длабини го кријам“ („Четврта молитва…“), тогаш е јасно зошто − и покрај тоа што дрвото „ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни,/тврдата почва и испукана бистриот поглед му го/засенува,/суши змијарници му ги смукаат корењата земни,/“ тоа дрво-Човек „од пркос зазеленува и расте, расте и/зазеленува/(…) − опстојува и останува“ (Дрво на ридот); иако „крвта на светот страшен ветар станува“ („Телото е неподвижно а крвта не мирува“); иако е тоа крв што мрази и со одмазда се заканува крвта не мирува во неподвижното тело, пламнува и се искачува на светскиот Исар − на највисокиот врв; иако црните бранови се готови да ја потонат лотката/галијата − таа „ко ѕвезда им пркоси на брановите и со времето/спори“ („Езеро на животот“). 3атоа и неповторливата парадоксална синтагма во нашата поезија − „времето невреме вистинско е време“ („Невреме“) упатува дека против Небиднината треба да се војува со Hе-бидината.
Наспроти црниот, темниот, дивиот, грозоморниот, апокалиптичен ветар, „има еден ветар“ кому „името му е Добрина“ („Praeludium“), ветар со јарост во својот глас, ветар што вилнее и јачи во нас, ветар со аура на убаво време. Тој ветар со етичкиот глас и повик на лирскиот субјект „Треба да бидеме подобри“ има програмско значење во лирската еволуција на Шопов и современата македонска поезија. Тоа е рефрен на компромисот и пресвртот кога во македонската поезија полека стивнуваат полемичките страсти меѓу реалистите и модернистите и кога сѐ повеќе се поставува прашањето за смислата и моќта на песната и пеењето.
Следствено, во поезијата на Ацо Шопов и тишината и ветрот се крупни и мошне релевантни симболи. Првенствено, тие се иницијални и указателни за трасирањето на нова, подобра и пoпогодна клима за промена на односот: а) На индивидуата и колективот кон општеството, б) На поетот кон зборот/песната, кон чинот на творењето − кон Уметноста, в) На лирскиот субјект кон Небиднината.
¹ Ацо Шопов: Три песни: „Лов на езеро“, „Во тишина“, „Младост“. Скопjе, Современост IV (1954), 834−835.
² Martin Heidegger: Bitak i vrijeme. − Zagreb, Naprijed, 1988, 187.
³ Martin Heidegger: Op. cit., 187.
⁴ Христо Георгиевски: Свест за песната.− Битола, Развиток XX (1982), 1−2, 23.
⁵ Светлана Шопова: Разговор. − Скопје, 6. IV/1989.
⁶ J. Chevalier − A. Gheerbrant: Riječnik simbola. − Zagreb, Nakladni zavod MH 1987., 277−278.
* Текстот е објавен во Современост, 1994, год. 44, бр. 7-8, стр. 25-34.
** ОД, 1 и 2 П − Одбрани дела, книга 1 и 2 Поезија − Скопје, Мисла 1976.