Прв конкурс за доделување на стипендија „Ацо Шопов“ на студенти од втор и трет циклус (2024 г.)
Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која има за цел да го негува и промовира творештвото Ацо Шопов и да го возобновува интересот за македонската поезија и култура, особено кај младата публика, во земјата и надвор до неа, објавува конкурс за доделување стипендиии „Ацо Шопов“ на млади истражувачи од втор и трет циклус студии.
Стипендиите се наменети за оние млади истражувачи во полето на хуманистиката кои во својот пристап ги инкорпорираат вредностите со кои се одликува творештвото на Ацо Шопов, односно: хуманизам, космополитизам, мултикултурализам и интеркултурна комуникација, еднаквост, толеранција и сл., а во доменот на научноистражувачката методологија се придржуваат до современите научни парадигми.
Услови за доделување на стипендиите
Имаат право да конкурираат студенти:
- запишани на втор и трет циклус студии;
- чија тема на магистерски или докторски труд е веќе прифатена од наставно-научниот совет на факултетот на кој студираат;
- чиј магистерски или докторски труд ѝ е посветен најмалку во една третина на македонската современа поезија и најмалку во една четвртина на творештвото на Ацо Шопов;
- кои во текот на студиите постигнале најмалку 8 просечен успех.
Начин на пријавување
Кандидатите треба електронски да ги достават следниве документи:
- Молба;
- Кратко CV;
- Опис на трудот (од 1200 до 1500 збора, за магистерски труд; и од 2500 до 3000 збора за докторски труд);
- Препорака од менторот (до 600 збора);
- Одлука на наставно-научниот совет за прифаќање на темата.
Документите треба да бидат испратени на: acosopov.fondacija@gmail.com
Пријавите треба да пристигнат најдоцна до 25 јуни 2024 година.
Документите на кандидатите кои се некомплетни и неблаговремено доставени нема да се разгледуваат.
Кандидатите ќе бидат известени за решението на жири комисијата во рок од 30 дена по приемот на кандидатурата и немаат право на жалба.
Одбиените кандидати имаат право да се пријават следните години, и тоа најмногу до трипати.
Видови и висина на стипендиите „Ацо Шопов“
Жири комисијата на стипендијата „Ацо Шопов“, составена од членови на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и еминентни универзитетски професори, ќе додели:
- магистерска стипендија, во износ од 1500 евра
- докторска стипендија, во износ од 3000 евра
Начин на исплата на стипендијата „Ацо Шопов“
Магистерската стипендија ќе биде исплатена двократно, во текот на една година по доделувањето на стипендијата;
Докторската стипендија ќе биде исплатена трикратно, во текот на две години по доделувањето на стипендијата.
Стипендистите ќе потпишат договор со фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ со кој детално ќе се уредат правата и должностите на двете страни.