Also available in: French
Промоција на книгата Сенгор – Шопов: Паралели
На 23 октомври 2006, во Музеј на град Скопје, издавачот Коста Бојаџиевски (Сигмапрес) организираше промоција на книгата Сенгор – Шопов: Паралели од Јасмина Шопова, објавена во рамките на одбележувањето на Годината Сенгор во Македонија.
На настанот учество зедоа Маја Бојаџиевска (Сигмапрес), Роже Дееб (Roger Dehaybe), Генерален администратор на Меѓународната организација на Франкофонијата, Беида Шики (Beida Chikhi), Директор на Меѓународниот центар за франкофони студии на Сорбона, Париз 1, и Катица Ќулавкова, која меѓудругото кажа:
„Откако прецизно и таксативно ќе ги сумира паралелите на коинциденциите и на дивергенциите меѓу македонскиот и сенегалскиот поет, Јасмина Шопова нè воведува во просторот на поезијата во којшто самите песни, одбрани грижливо, прочитани внимателно, ги посочуваат своите филијации/сродности, сведочат за енигмите на творењето и на постоењето, за антрополошкиот супстрат кој ги поврзува луѓето независно на која раса, на кој народ, на која вера или на кој јазик тие му припаѓаат. Јазикот е тука за да покаже дека зад манифестните разлики се крие латентна блискост меѓу народите и луѓето. Значи, селекцијата, класификацијата, наизменичната диспозиција на песните на Сенгор и Шопов, се така умешно приредени од Јасмина, што тие се толкуваат самите една со друга, односно веќе се интертолкување, внатрешна или иманентна интерпретација.“ (Задоволство во читањето)
Промоцијата ја режираше Виолета Џолева, а стихови од Сенгор и Шопов читаа Славко Нинов и Васил Пујовски.
Фото галерија од промоцијата
Дваесеттина години подоцна, од оваа книга произлезе поетскиот перформанс Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки со кој се докажа трајноста на присуството на Сенгор во Македонија. Перформансот го изведоа Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со музичка придружба на Петар Ренџов.
Следната година, по повод 120 години од раѓањето на Сенгор, Лирската воденица го вклучи во програмата истиот перформанс, во изведба на Амаду Гај и Виржини Жагер.