Also available in:
Отворена капија на Лирската воденица, 2026
Годинава Лирската воденица се приклучува кон Деновите на културното наследство во руралните средини, од 26 до 28 јуни, кои се одвиваат низ цела Франција под мотото „Обиколки и заобиколки“.
На релација меѓу патримонијалното и современото творештво, второто издание на Отворената капија на Лирската воденица во Бургундија им оддава почит на тројца поети од минатото и отвора широк простор за изразување на современите уметнички гласови.
Од 26 до 28 juin 2026 година, публиката е поканета на обиколка во Лирската воденица, при која 12 уметници ќе ја водат низ најразлични заобиколки по патиштата на уметноста, од Франција до Канада, од Италија до Сенегал, од Македонија до Швајцарија!
Самите животни и професионални патишта на учесниците ја одразуваат интердисциплинарноста на манифестацијата. Повеќето од нив се изразуваат во различни уметнички гранки. Многумина се со двојно државјанство или живеат надвор од нивната родна земја. Сите се граѓани на светот. Нивните биографии се достапни на француски.
За почеток на обиколката, француско-македонското дуо SoliPse ја поведува публиката на „Музичка прошетка од Исток кон Запад“, спојувајќи ги во суптилна хармонија класичниот и македонскиот репертоар.
Флејтата на Елена Стојческа и гитарата на Ромен Петио, го придружуваат и поетскиот перформанс „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки“. По успешната изведба на Деновите на поезијата, во 2025 година, во интерпретација на Никола Ристановски и Петар Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов, перформансот сега го изведуваат на француски актерите Амаду Гај (Amadou Gaye) и Виржини Анри Жагер (Virginie Henry Jagger). Со овој перформанс, манифестацијата го одбележува јубилејот 120 години од раѓањето на сенегалскиот поет и државник, Леополд Седар Сенгор и му оддава почит на Ацо Шопов, „душата на Лирската воденица“.
Потсетувајќи се на овие двајца големи поети од XX век, родени на 5000 километри раздалечина, но поврзани со длабоки етички и естетски сродности, перформансот покажува дека во поезијата „2 + 2 = 5“, според изразот на антилскиот поет Еме Сезер, и дека паралелите можат да се сретнат.
По Сенгор и Шопов, поетската патека нè води до „Куќата надвор“, место без граници, во кое се вркстуваат различни судбини. Тоа место го градат, со алатките на поезијата и на музиката, италијанската поетеса Миа Леконт (Mia Lecomte), која доаѓа од Швајцарија, и француската поетесата и пијанистка Лор Камбо (Laure Cambau), од Париз. Поетско-музички рецитал во кој музиката не ја придружува поезијата, туку ги открива нејзините тајни простории.
Поетската обиколка на Лирската воденица минува и низ Италија, со поетесата и филозоф Ана Кјара Педуци (Anna Chiara Peduzzi). Родена во Комо, таа денес живее меѓу Париз и Шампаламон, недалеку од Лирската воденица. Нејзиниот стих кој се врежува во пресекот меѓу филозофската мисла и естетското доживување, ја вовлекува публиката во она што критичарот Паоло Лагаци го нарекува „магма од клучни но минливи чувствени искуства“.
Музичката обиколка, пак, минува по заобиколен пат низ Канада, благодарение на присуството на канадскиот композитор и пијанист Мајкл Спироф. Приврзан кон своето македонско потекло, тој доаѓа од Торонто специјално по овој повод. Младиот музичар е меѓу другото автор на рециталот „Зазорува“, инспириран од поезијата на Ацо Шопов, кој ја одржа својата светска премиера на 13 фебруари 2025, во „Хеликонианхол“, Торонто. Во Лирската воденица, изведува свои композиции на пијано, под наслов „Клавијатурни мечтаења“.
Со „Времеплов“, патување во минатото во кое партитурите за флејта се пропратени со визуелни коментари на дадените епохи, се заокружува музичката обиколка на Лирската воденица. Визуелен концерт во изведба на флејтистките од Македонија со живеалиште во Париз: Елена Стојческа и Богдана Бушевска.
Меѓу две поетски или музички средби, публиката е поканета да навлезе во интуитивниот свет на Софи Аршамбо де Бон (Sophie Archambault de Beaune), универзитетска професорка, предисторичарка и скулпторка; Весна Вујичиќ-Лугаси (Vesna Vujičić-Lugassy), специјалистка за културно наследство и ликовна уметница; и Полин Дерамон (Pauline Desramont), уметничка фотографка. Секоја од нив, на свој начин, интуитивно трага по длабочините на човечкото битие. Нивните дела се надополнуваат во изложбата „Длабоки времиња“.
Следејќи ја идејата водилка на манифестацијата, според која современото творештво и културното наследство се нераздвојливи, овогодишната програма му посветува посебно внимание на бургундискиот поет и фолклорист, Ашил Милиен (Achille Millien, 1838- 1927), кој живеел и творел недалеку од Лирската воденица. Овој централен лик во програмата посветена на младата публика оставил зад себе околу 1000 народни приказни и 2 600 песни од регионот.
Под наслов „Писма од мојата Лирска воденица“, програмата посветена на најмладите меѓу основците, тргнува од најтесниот круг на регионот за постепено да се отвара кон сè пошироки книжевни хоризонти, минувајќи низ бургундиски, келтски, англиски и германски традиции, па сè до современата поезија за деца. Водич на оваа книжевна воншколска ексурзија е Никол Ик (Nicole Huc), глумица во Театарот де ла Ишет, „најмалиот од големите париски театри“, кој од 1952 година до денес секоја вечер дава претстави исклучиво од Јонеско.