Also available in: English French

Јасмина Шопова и Никола Журне

иницијатори на Отворената капија на Лирската воденица

Уште кога ја здогледаа во 2022 година, знаеја дека воденицата Моризо во Мец-ле-Конт ќе им стане дом, но и дека ќе ја претворат во меѓународна културна сцена во Бургундија. Дрварницата ќе биде поетски театар, еден терен – чија намена на времето беше прилично нејасна – ќе биде агол на уметниците, концерти ќе се одржуваат во предворјето на верандата, летниковецот ќе биде наменет за детски ликовни и литературни активности, а градинарската колиба ќе стане „Колипка на славејчињата“ за музички работилници за најмладите… Соништа кои три години подоцна почнаа да стануваат реалност.

Во 2024 година, Јасмина Шопова и Никола Журне започнаа да го реализираат проектот „Лирска воденица“, наслов преземен од „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, повеќејазичната веб-локација којашто моментално ја посетувате. Таа му е посветена на македонскиот поет Ацо Шопов, татко на Јасмина, кој индиректно го инспирираше овој проект, па затоа е наречен „душа на Лирската воденица“.

Јасмина Шопова, поранешна главна уредничка на Гласникот на УНЕСКО (The UNESCO Courier), меѓународно списание што се објавува на повеќе јазици и им се обраќа на читатели ширум светот, има организирано голем број културни настани, како во Франција така и во Македонија, нејзината родна земја. Автор е на повеќе препеви на поетски збирки на македонски и на француски јазик, како и на изданија на македонски јазик. Јасмина раководи со фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, чија мисија е, меѓу другото, да поттикнува меѓународни проекти вои вмрежуваат поети, преведувачи, издавачи и други актери од културните индустрии, со цел да прдонесе во унапредувањето на меѓународната културна соработка.

Никола Журне (Nicolas Journet ) е раководител на рубриката „Книги“ во списанието Sciences Humaines, во Осер, недалеку од Лирската воденица. Уредник е и на голем број изданија како Културата, од универзалното до поединечното, Морал, етика и хуманистички науки, Пет века француска мисла, Големите мислители на хуманистичките науки, Хуманизам - судбината на една голема идеја, како и на колективното дело Клод Леви-Строс, во соработка со Јасмина Шопова.  Како антрополог, автор е на Мирот на градините, Социјалните структури на Курипако Индијанците од Горниот Рио Негро (Колумбија) и коавтор, со Жералд Гајар, на Антропологијата – предмети – историја – струења, референтно дело во областа на антропологијата.