Also available in:
Долго доаѓање на огнот, повеќејазичен поетски перформанс
На 21 март 2023 година, Светскиот ден на поезијата беше одбележан во УНЕСКО во знакот на Ацо Шопов, со научно-културна манифестација под наслов „Ден поезија!“
По свеченото отворање на кое се обратија Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, и Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, следеше меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов, кој обедини 20 учесници од 13 земји од европскиот, африканскиот и американскиот континент.
„Денот поезија“ заврши со поезија од Шопов во мултимедиалниот, повеќејазичен проект „Долго доаѓање на огнот“, во изведба на актерите Жан Петреман и Никола Ристановски, Дуото СoлиПс (флејта, гитара) и Дијана Томиќ Радевска (дизајн), по сценарио на Јасмина Шопова.
Перформансот започна уште во холот, пред Салата II во УНЕСКО, каде што беа изложени банерите на тријазичната изложба „Патот по кој чекорам“. Меѓу многубројната публика се наоѓаа и поети и пријатели кои истовремено „извикуваа“ стихови од песната „Треба да бидеме подобри“, на десетина различни јазици.
Во таа „Вавилонска полифонија“ се отвори вратата од салата и публиката влегуваше во неа заедно со стиховите на Шопов. Дуото СолиПс ја пречека на сцената со своите музички импровизации, стоејќи пред огромно платно на кое беа проектирани фрагменти од истата песна на Шопов, исто така на десетина јазици.
Перформансот траеше околу еден час, во преполната Сала II која брои над 400 седишта.
Актерите ги кажуваа песните на Шопов, наизменично на француски и на македонски, а секоја песна беше истовремено проектирана на екранот во препев на другиот јазик, како и на уште некој трет јазик.
Глумци и препејувачи на Шопов се јавуваа од редовите на публиката, читајќи песни на нивниот јазик, кои можеа да бидат истовремено прочитани на екранот на друг јазик.
Неверојатно искуство во кое поезијата ги надмина јазичните бариери.