Also available in: English French

Зазорува, концерт, 2025

„Зазорува“ е циклус од четири песни од Ацо Шопов: „Квечерина“, „Ако ти недостасува светлина“, „Песната и годините“ и „Будење“, во кој Мајкл Спироф прави оригинален сплет на ритми карактеристични за современата уметничка музика и традиционалниот македонски мелос. Преку овие четири песни, „Зазорува“ ги следи трансформациите на ноќното патување на свеста, од самракот, преку соништата, до изгревот на новиот ден. Во просторот на сонот, протагонистот минува низ различни искушенија, кои водат од саможртва до исчезнување на времето и на бивствувањето. А кога конечно ќе зазори, светот ќе се појави повторно, истовремено и препознатлив и неповратно променет: „Не чуди се./ Ден е. Ден. Пробуди се“.

Интеракцијата помеѓу соло-гласот и хорот создава ониричен простор во кој индивидуалното искуство се среќава со колективната меморија. Како што композицијата се развива, така овие елементи се приближуваат еден до друг и се спојуваат на границата помеѓу сонот и јавето, помеѓу минатото и сегашноста.

Светската премиера на „Зазорува“ – музичка и вокална изведба на поезија од Ацо Шопов, со композиции на Мајкл Спироф, се одржа на 13 фебруари 2025 година. Следниот ден, Денот на вљубените, жителите на Торонто имаа уште една можност да уживаат во истата музика и во истата поезија, која канадски солисти ја изведуваа на македонски јазик: Анаис Келси-Вердекиа (сопрано, солистка), Алисон Беквит (сопрано), Аника Венкатеш (меѕо-сопрано), Лери Беквит (тенор) и Дион Мацероле (бас), со инструментална придружба на Ендру Доунинг (дупли бас) и  Кростофер Беган (пијано).

Современиот канадски композитор, музички директор, пијанист и педагог Мајкл Спироф е роден во Торонто во македонско семејство. Дипломирал на Школата за музика „Манес“, во Њујорк (втор циклус, 2018 г.), и на Универзитетот „Мекгил“ во Монтреал (трет циклус, 2022 г.). Неговите дела се изведуваат во Канада, САД, Обединетото Кралство и Австралија.

Други композиции на Мајкл Спироф, меѓу кои и Macedonian Villages for Solo Bb Clarinet.