Седумдесетти години на 20. век

Ацо Шопов, седумдесетти години на 20. век

На самиот почеток на седумдесеттите години на 20. век Ацо Шопов го достигнува врвот на неговото поетско творештво, со збирката Гледач во пепелта. Во оваа просторија на Лирскиот дом живеат и спомени од престојот на поетот во Африка, но и од болеста што ќе го однесе.

Во 1970 година, збирката на Шопов Гледач во пепелта ќе биде едногласно прифатена како ремек дело на македонската и југословенската литература. Истата година, за својата препејувачка дејност, Шопов ќе добие признание на фестивалот Змаеви детски игри, во Нови Сад, Србија. Иако не пишувал поезија за деца, Шопов редовно преведувал детска лититература, од словенечки (Цицибан од Жупанчич), руски (Басни од Крилов), српскохрватски (Песни од Змај), француски (Бајки) и хрватскосрпски (Телеграфски басни од Крклец, и Песна на чучулигата и Морето и боите од Витез).

Во таа иста 1970 година Ацо Шопов го добива и највисокото државно признание за животно дело во СФР Југославија, наградата АВНОЈ, а следната година, во својство на еминентен поет и културен деец, Шопов е именуван за југословенски амбасадор во Сенегал, чијшто претседател е прочуениот поет Леополд Седар Сенгор.

Во 1974, додека Шопов работи на препевот на обемен избор од поезијата на Сенгор, во Рига излегува неговата книга на летонски, Ugnus-milestiba (Љубовта на огнот), во препев на Кнут Скујениекс.

Втората половина на седумдесеттите години го означува крајот на она што би можело да се нарече − повикувајќи се на насловот на една негова песна − „златниот круг на времето” на Ацо Шопов.

Откако успешно ќе ја заврши својата дипломатска и поетска мисија во Дакар, крунисана со Самитот на неврзаните, во 1973, и со посетата на Сенгор во Југославија, во 1975, кога сенегалскиот претседател и поет ќе го добие Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, Шопов ќе биде именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, во Скопје.

Веднаш ќе отпочне со организирање на Деновите на македонската култура во Загреб, Рим, Брисел и Париз, но од здравствени причини тој ќе се повлече од активниот живот во 1977 година.

И покрај нарушеното здравје, книгите продолжуват да излегуваат: Песна на црната жена, на македонски и на хрватскосрпски, Долго доаѓање на огнот, на српскохрватски, Го барам својот глас, на француски.

Хронологија

1970

1971

  • Мај: заминува во Сенегал како амбасадор на СФРЈ, со сопругата Светлана и ќерката Јасмина.

1973

1974

  • 8 ноември: Осмоноемвриска награда на град Штип.
  • 26 ноември: Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда (бр. 169).

1975

  • Белградското списание Развитак, објавува тематски број (год. IV, бр. 1) посветен на македонската књижевност. Во избор и превод на Слободан Мицковиќ, излегуваат песните на Шопов „Молитва за једну обичну но још непронађену реч“, „Има доле једна крв“ и „Осма молитва мога тела или ко ће да смисли ту љубав“.

1976

  • 18 февруари: Именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство
  • 7 мај: САНУ го менува статутот и со тоа „дописните членови“ стануваат „членови вон работен состав“. Шопов е дописен член на САНУ од 07. 03. 1968.

1977

  • Од печат излегуваат библиофилската едиција под наслов Океанот е мал, човекот голем (приредил Георги Старделов), изборот Долго доаѓање на огнот, Одбрани песни, во српскохрватски препев на Сретен Перовиќ и Песна на црната жена во хрватскосрпски препев на Елина Елимов.
  • Претседател на  Управниот одбор на Фондот за наградата „Стале Попов”.
  • Јануари: престој во Клиничкиот центар, Љубљана.
  • 28 јануари: Љубљанско Delo го објавува интервјуто „Pesnički sobratje“ (Поетски собраќа). Разговорот го води Богдан Погачник.
  • 11 мај: Во рамките на Деновите на македонската култура, во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб се одржува литературно на поезијата на Шопов, со изборот на Старделов под наслов Океанот е мал, човекот голем. Песните ги изведуваат Лилјана Георгиева и Мите Грозданов, а на хрватски ги чита Марија Кон, дива на дубровачката и воопшто хрватската театарска сцена.
  • 15 јули: Од здравствени причини, се повлекува од функцијата претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Го заменува Матеја Матевски.
  • октомври: се одржуваат Деновите на македонската култура во Париз, кои ги подготвувал Шопов, како и официјална посета на Тито во Франција. Шопов, штотуку повлечен од јавните функции, е член на делегацијата.

1978

  • Јануари: Во Москва излегува од печат Библиотеката на светската литература, во 200 тома. Во неа се опфатени 25.000 дела, од Махабхарата, Илијада и Одисеја па до 20. век. Застепени се над три илјади автори, од кои четириесеттина југословенски. Ацо Шопов, заедно со Кочо Раци, Славко Јаневски и Блаже Коневски се претставниците на македонската литература во ова светско издание.
  • Фебруари: Престој во болницата Салпетриер во Париз. Ја пишува „Клошарска песна на поетот“ чиј првобитен наслов е „Проштална песна“.
  • Јуни: Ги објавува песните „Две раце“, „Домот на сонот“, „Сам со својот пламен во градите“ во Современост, XXVIII, бр. 6.
  • Ноември: Во југословенскиот културен центар во Париз се одржува промоција на новообјавената книга  En chasse de ma voix (Го барам својот глас) во француски препев на Ѓурѓа Синко-Депјерис и Жан-Луј Депјерис.

1979 

  • Престој во Загреб од здравствени причини.

 

Галерија

Фотографиите можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт: © Фондација Ацо Шопов – Поезија