Also available in: English French

„Патот по кој чекорам“

„Јас сум еден од оние поети што остануваат верни на самите себе од првите поетски обиди па сè до зрелото творештво”, изјави Ацо Шопов во еден разговор со Ненад Радановиќ, во 1978 година. „Никакви книжевни ветрови не успеаа да ме обвијат со туѓа наметка која би се косела со мојата поетска природа. Тие ветрови ме корегираа, поправаа и доведуваа до сè попотполно поетско изразување, но не ме оддалечија од патот по кој чекорам. Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа”.

Се наоѓате на појдовната точка на тој пат по кој Шопов чекореше четири децении.

Ацо Шопов е роден на 23 декември 1923 година во Штип, во време кога Македонија е составен дел на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во 1930 година се запишува во основно училиште во родниот град. Поезија почнува да пишува на четиринаестгодишна возраст, на српски – поради историските околности. Поттикнат од Рациновите Бели мугри, објавени на македонски во Хрватска, Шопов подготвува во ракопис цела збирка песни на македонски јазик, на седумнаесетгодишна возраст. Збирката Песни за Штип, попозната како Ановите (според клучната песна во неа), исчезнува во виорот на Втората светска војна, но творечкиот пат на Шопов продолжува:

Четириесетти години
Педесетти години
Шеесетти години
Седумдесетти години

Осумдесеттите години нема да траат долго за Шопов. Во 1980 година, тој престојува во СССР од здравствени причини, а во Скопје ја објавува збирката Дрво на ридот, неговата последна книга со нови песни.

На 31 декември: Доделена му е Легитимација на носителите на Партизанска споменица 1941, бр. 02855, издадена од Сојузниот комитет за прашања на борците и воените инвалиди, Белград.

Во 1981 година излегува од печат неговиот последен личен избор од поетското творештво, под наслов Лузна според една од неговите омилени песни. Овој избор може да се смета за негов „поетски тестамент“. Истата година е објавен изборот Na şterea cuvéntului (Раѓање на зборот), песни во избор и препев на романски на Јон Деаконеску.

Ацо Шопов почина во Скопје, на 20 април 1982 година. Имаше 58 години.