Jован Јовановиќ-Змај во македонски препев на Шопов

„Змаевиот збор, Змаевата мисла и дух – нежни и простодушно искрени во лириката и осимничави и наивно озабени во сатирата, но секогаш прочувствувано топли и интимни – во препевот (преводот) на Шопов звучат пак Змаевски верно и во автентичната ритмика, и во оригиналниот јазик и во настроението”, пишува Томе Арсовски по повод изданието од 1954 година на изборот од поезијата на српскиот пистаел во македонски препев на Ацо Шопов.

Во изборот се наоѓаат прочуените Змаеви песни „Три ајдуци“, „Мрачни кратки денови“, „Полу срце, полу камен“, „Што е убав овој свет“, „Болна лежи“ и други.

Книгата доживува повеќе изданија а во 1965 година е овјавен и Избор од Јован Јовановиќ-Змај во препев на Шопов. За овој препев Ацо Шопов ја добива наградата на Змаевите детски игри во 1970 година.

Овој фестивал, основан во 1957 година, под име „Фестивал на детска поезија, драма и куклен театар“ е преименуван во „Змаеви детски игри“ во 1969 година. Шопов е поканет како почесен гостин. Прочитајте ја неговата беседа.

Следната година, фестивалот за првпат доделува награда, која ќе му припадне на Шопов. Дури подоцна, од 1975 натаму, фестивалот ќе ја воведе „Повелбата на Змаевите детски игри“, чија прва добитничка е Десанка Максимовиќ.

Во Фондот Ацо Шопов, во Архивот на МАНУ, се наоѓаат сочуваните автографи и машинописи од македонските препеви во две архивски единици: АШ К4 АЕ124 и АШ К4 АЕ125.

Првата ги содржи песните: „Да подигаме школи”, „Српска мајка”, „Меч и перо”, „Кон милостива Европа”, „Што повеќе векот ита”, „Ох како е сиво, темно”, „Под прозорот” и „Билдунг”.

Втората: „Светли гробови”, „Што е убав овој свет“, „Месечина – месецот го нема”, „Мое небо…”, „Мртво небо, мртва земја”, „Ноќта падна страшно мрачна”, „Полу срце, полу камен“, „Беше есен жалостива”, „Одам, трпнам, нигде немам мира”, „Тиха ноќ е…”, „Три ајдуци“, „Сакаше нешто да речеш”, „Песна за песната”, „И очите ги молев” и „Желба”.