Автопортрет со седум прсти: влог во современата македонска културна историографија

Редакција и предговор Јасмина Шопова. Скопје, Антолог, 2024

Корици на книгата Автопортрет со седум прсти, Антолог, 2024.
Пристап кон содржината на книгата

„Наспроти познатиот лиричар, на страниците на овој Автопортрет со седум прсти, се исправа еден друг, речиси непознат Шопов – а сепак истиот! – кој со остро перо пишува за семожните „конфузии“ и „политикантските алузии“ во „нашата мала, нерасповиена литература“, за „литературните и уште повеќе нелитературни конфронтации“, за „стегите на аристократизмот и примитивизмот“, за нашата „провинциска препотентност“ и „особина да импровизираме“, за навиката да „се играме одговорност“ и „напластеното сало на нашето спокојство“… Но и за темните обиди да се покријат со лага страниците од нашата историја, за македонскиот јазик – „трн во окото на големобугарските шовинисти“… Како и за „улогата на поезија во националната афирмација“, за ослободувањето од регионализмот и зачекорувањето кон универзалното во нашата „сериозна и нова литература“, која го носи „здивот на почвата на која се родила и бојата на нејзиното небо“…

Со други зборови, за сè она што и денес нè докоснува, и тоа многу повеќе отколку што нашиот поет можел да поими кога ги објавувал овие свои размисли, во текот на неговите четири децении творечки и општествен живот, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век.

Прочитајте го интегралниот предговор на книгата, од Јасмина Шопова.