Also available in: Serbian
Шопов, една од најпривлечните фигури
Ацо Шопов е секако една од најпривлечните фигури во младата македонска поезија. Неговото име одамна ги има минато рамките на македонската литература. Тоа го покажуваат преводите на неговата поезија на српскохрватски, словенечки, унгарски и руски јазик, кои се појавија како збирки, а освен тоа многу негови песни се преведени и на други јазици.
Поезијата на Ацо Шопов, кога се знае во кои прилики и во кое време е пишувана, е истанчен и суптилен спој на борбеноста, нежноста на вонредниот македонски лиризам.
Изразот на неговата поезија го покажува едновремено и богатството на македонскиот народен јазик и уметничкото збогатување на јазикот во македонската поезија. Една богата чувствителност, долго воздржана и спречувана, изби како понорница на површината на јавните поетски собири. Поетот Ацо Шопов извонредно многу придонесе за таа неопходна литературна дејност.
Покрај својот поетски придонес, Ацо Шопов како литературен и културен работник придонесе и за развојот на преведувачката дејност, што и е неопходна на младата македонска книжевност. Во долгата листа на неговите препеви, треба особено да се подвлече неговиот извонреден препев на Шекспировиот Хамлет, Корнејовиот Сид, Басните на Крилов и Песните на Змај.
Текстот е извадок од рефератот за прием на Ацо Шопов за дописен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), на вонредното собрание за прием на нови членови, одржано на 7.3.1968.
Потписници на рефератот се еминентните српски писатели Десанка Максимовиќ (1898–1993) и Душан Матиќ (1898–1980).
Извадокот е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6.