Also available in: French

(за две труби и еден балафон)

Чујте го тој див виј на пците што го решети црниот честар на мојата утроба.
Ги нема моите жолти загари со изгладнети муцки. Само пушка осветена со света крв.
Ве довикувам со магиска свирка, пци на моите раце пци на моите нозе,
Зашто во бунарот на едно кабаре, го изгубив срцето на Монмартр.

Чујте го тој див виј на пците во црниот честар на мојата утроба.
Крвта моја одвај ја додржувам на долгиот ланец од цинобер
Јас сум син на Синот на Лавот што рика по долините
и пали стотици села наоколу со својот мажествен глас на Харматан.

Со џиновски скокови ќе го прерипам ридјето, гонејќи го стравот од пустинските ветришта.
Ќе им пркосам на сите реки и мориња кај се дават девствени тела во плитките заливи на нивната мора.
Па ќе се искачам по мекиот стомак на песочните дуни и по румените слабини на денот
Cè до најцрните грла, за в еден замав да го убијам малото ригесто еленче на сонот.

Леополд Седар Сенгор, Ноктурна, 1961
Препев од француски: Јасмина Шопова, Сенгор – Шопов: Паралели, 2006


Балафон: Вид на ксилофон од природни материјали што се користи во придружба на епопеи или  химнични песни. 

Харматан: Топол пустински ветер кој предизвикува суша.