Also available in: French
Таа ме прогонува неуморно
(за два балафона)
Таа ме прогонува неуморно низ честарот на времето.
Крвта моја црна низ толпа ме гони, до рудина кај белата ноќ спие.
Понекогаш се свртувам на улица и ги гледам насмевнатите палми под пасатите.
Нејзиниот глас ме милува ко лесен шушкав допир на крилото и јас
велам
„Тоа е сигурно Сињарка!" Го видов сонцето што тоне во сините очи на русокоса негарка.
Во Севр-Бабилон или Балангар еднаш поблиску ги запознав нејзините мириси од амбра и гонгон.
Вчера, в црква, кај биеја вечерните камбани, гореа свеќите на нејзините очи и со темноцрвеникав отсев ја боеја бронзата на нејзината кожа,
Господи! Господи! Зошто ми ги корнеш паганските чувства во мене што јачат?
И како ќе можам псалми да ти пеам, без свинг и танци,
Понекогаш облак, понекогаш пеперуга, понекогаш неколку капки дожд здогледувам на прозорецот на мојата здодевност.
Неуморно таа ме прогонува низ огромните пространства
на времето.
Крвта моја црна ме гони до усаменото срце на ноќта.
Леополд Седар Сенгор, „Песни за сињарката“, Црни причесни, 1948
Препев: Ацо Шопов во Поезија, 1975, и во Сенгор – Шопов: Паралели, 2006
Балафон: Вид на ксилофон од природни материјали кој се користи за придружба на епопеи или химнични песни
Сињарка: од португалскиот збор „senhora“, госпоѓа, метистка, обично ќерка или сопруга на Европејците
Севр-Бабилон: Метро станица во Париз
Балангар: Место во Гамбија, на границата со Сенегал
Амбра: Јантар
Гонгон: Јак природен парфем што го користат жените во Сенегал