This post is also available in: French

Сонцето и телото 

Од својот Изгрев до својот Залез
страотен пат сонцето изодува — низ магли, низ сончеви ветришта, низ пепелишта.
И кога ја надвишува планината забележува како чамее осамено
телото мое заборавено.

Сонцето се ведне и запира и на телото му вели:
„Тргај со мене, време немаме, треба на пат да одиме“.
Телото го открива гласот на жена си и со крик ѝ вели:
„Во живот низ смрт, мила моја, води ме!”

Сонцето се извишува нагоре, со лице надолу виснато,
а телото останува на планина од тешка болест притиснато. 

Но утредента сето тоа пак се повторува, и задутре пак.
И секој ден сонцето почнува од Земјата на својот Изгрев
до Земјите на својот Залез,
каде одеднаш пропаѓа во океанот на океаните
да си ги разлади раните.

Но еден прекрасен ден кога го повика телото
и се извиши, не забележа како со него лета во вишината
и телото, што пие вина од Сончевината.

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во списанието Развиток, XVII, бр, 2, март-април, 1979