This post is also available in: French Spanish German Serbian Croatian Bosnian

Ноќен извор 

Загледан
вo ноќен извор
како во урочен лик,
што најде
што откри,
какви огнови стопи,
па не чу
како паѓа птицата
од сопствен крик
или од темјан на вода
смртно што ја опи. 

Загледан
во тоа огледало
срцетo што ти го скова
во какви длабини слезе,
од која вода се напи,
дали те зароби звукот
на магија нова,
во мртво море
од камен луд ли стапи,
па сега
во нoќен извор
како во своја слика
го бараш
оној летач сурово
што ќе ти суди. 

И нити гледаш нешто
ни слушаш
како те вика
славејот
во крвта твоја
пеколот што го буди. 

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970